Достапни линкови

Дали постои „нормално“?


Изабела Јакимова, актерка и млад европски амбасадор на Северна Македонија
Изабела Јакимова, актерка и млад европски амбасадор на Северна Македонија

Секој си има свои правила на игра и вие ниту пак јас, имаме право да му ги менуваме. Секое ,,нормално” e различно и подеднакво правилно за тој што го живее. Пишува во младинската колумна Изабела Јакимова, актерка и млад европски амбасадор

Ако се решите да го изгуглате зборот нормално со идеја да му го пронајдете вистинското значење, ќе наидете на дефиницијата: придавка. Толку.

Или пак ако ја барате дефиницијата од математички аспект, таа е следната: Во геометријата, две прави во рамнина се (меѓусебно) нормални ако се сечат под прав агол, т.е. под агол со 90°.[1] Оваа дефиниција има два дела: (а) нормални прави се сечат и (б) четирите агли кои се формираат со пресекот се по 90°.

Некаде и ќе прочитате дека ,,нормално” може да значи ,,душевно здрав”.

Но, како всушност го користиме ние тој збор? Колку често го користиме за да навредиме, за да се истакнеме себеси додека буткаме некој друг со едноставно кажано: ,,Тоа не е нормално.?

Секој ден.

А всушност, ако ме прашувате мене, овој збор нема апсолутно никакво друго значење освен во овој пример со математиката или пак ако сакаме да потврдиме нешто. На пример:

А: Научи?

Б: Нормално дека научив.

Многу често сме сведоци на разни групи на луѓе или поединци, кои постојано попуваат за тоа што е нормално, кои вредности се нормални, кои одат наоколу и лаат за тоа кој како треба да живее како да е тоа само нивен живот. Си даваат за право да дојдат во твојот дом и да ти речат: Не треба да јадеш леб, тоа не е нормално.

А зошто не е нормално? Затоа што тие преферираат кавијар.

Себично е вашите животни навики да ги наметнувате на сите останати само затоа што во тој даден период, за вас тоа е нормално. Себично и исто толку е болно, да ширите омраза на верска, сексуална, национална основа, само заради тоа што вие сте, да речеме, бел, стрејт, маж со македонско потекло.

И навистина сакам да го кажам ова, да кажам дека моето нормално за тебе може да не функционира и тоа да е сосема океј.

И сакам да кажам, дека ако твоите животни навики или вредности кон кои целиш во животот, за мене не функционираат, и тоа е сосема океј.

Работите би излегле од контрола во моментот кога една индивидуа или група физички или психички ќе повредува друга индивидуа или група, се до тој момент вие не треба да се грижите за туѓото ,,нормално”.

Ќе наведам еден пример, измислен:

За личноста А, од женски пол, е сосема нормално да не работи, да има сопруг и посветено да се грижи за него, ужива да живее патријахално, да создава потомство и да биде успешна домаќинка. Тоа за неа е нејзиниот успех, нејзиното нормално.

За личноста Б, од истиот пол, е нормално да работи на својата кариера, сака да живее сама и да вдоми куче. Животот го замислува буквално така, таа, кучето и нејзините успеси во работата. Не сака да има деца, бидејќи едноставно не се чувствува спремна, од истите причини или можеби од некои други, не сака брак. Тоа за неа е нејзиното нормално.

Овие две жени може да се познаваат или пак не, и може да живеат баш како што тие сакаат без да повредат некој друг, се до моментот додека едната од нив не реши да ги наметне нејзините вредности на другата. Се додека едната од нив, не реши да го претстави нејзиното нормално како најправино во светот.

Зошто? Која е потребата од такво нешто?

Ако сте среќни со вашиот живот вие не би имале потреба да размислувате на тоа да го ,,средувате” животот на некој друг, наметнувајќи му ги вашите правила. Веројатно сте зависни од контрола, имате проблем со вашето его или пак се плашите да признаете дека сте несреќни, сте направиле грешка, трагате по нешто сосема друго, па сакате да ги внесете сите во вашиот свет.

Во моменталниот период со кој сите ние се соочуваме, сите сме сведоци дека имаме едно ,,ново нормално”. Сега е нормално да се опијаниме во 21ч. Сега не е нормално ако не носиш маска или случајно запознаеш партнер во омилениот кафич. Сега се мислиш како да се поздравиш ако сретнеш некој што не го познаваш доволно. Уште долго време, тој начин на живот ќе биде ,,нормален”, а за голем дел од луѓето и никогаш нема да се промени.

Поентата ми е дека еден вирус успеа за многу кратко време да наметне толку навики кои нашиот мозок веќе ги процесира како нешто што е нормално или пак правилно. За брзо време очекувам некој да биде осуден ако си нашол партнер додека играл пијано на музика од осумдесетите.

,,Нормалното” нема дефиниција во животот. Секое ,,нормално” e различно и подеднакво правилно за тој што го живее.

Апсолутно вашите вредности треба да се почитуваат, но е себично да очекувате некој да ги живее истите само затоа што вие сте се одлучиле за тоа. Себично е да барате од светот да живее по едно правило и тоа да биде баш вашето.

Научени сме да живееме по правила и да ги рушиме, тоа е во ред, но секој си има свои правила на игра и вие ниту пак јас, имаме право да му ги менуваме.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG