Концептите на демократија и граѓански слободи се кревки за многу општества. Просперитетна и стабилна демократија е условена од политички и економски развој. И обратно, економскиот развој не оди самостојно, изолирано, туку оди „рака под рака“ паралелно со демократскиот развој, како што сподели претседателот Пендаровски на онлајн самитот ЕУ – Западен Балкан, организиран од тинк-тенк групата „Пријатели на Европа“ пред неколку денови. Зошто е ова важно да се спомене, покрај фактот дека предизвикот за економско закрепување со/по Ковид 19 извади на површина многу болки од секојдневието на пазарната економија? Зошто е важно кога дискутираме за економија и претприемништво да дискутираме за луѓето, проблемите и потребите? Зошто ни се очајно потребни нови пристапи во решавањето на старите предизвици?
Според дефиницијата на Европската комисија „...социјално претпријатие се дефинира како оператор во социјалната економија чија главна цел е да има општествено влијание преку обезбедување на добра и услуги на пазарот на иновативен и претприемачки начин, својата добивка ја користи првенствено за да оствари општествени цели, а со него се управува партиципативно со вклучување на вработените, потрошувачите и заинтересираните страни кои се под влијание на неговите активности.“
Во последната деценија се повокални се барањата за валидирање, валоризација и регулација на социјалната економија, концепт кој се чини револуционерен за многумина, контроверзен за некои, а за други пак можеби и недостижен и/или подложен на манипулација. Овој концепт со себе повлекува една голема дебата и разноумие, што бар во мојот личен вредносен систем наидува на симпатии и ликување токму на диверзитетот и широката вклученост. И кога веќе го споменав личниот вредносен систем, не можам да не направам една блага девијација и да го продолжам текстот во еден поинтимен тон, за почеток од себични причини (си здосадив себеси со фактографските прикази на потенцијалите на социјалната економија), а понатаму од проценка дека токму и тоа недостасува во целиот наратив за развој- личното и локалното.
Социјалното претприемништво не може и не смее да биде амортизер на мејнстрим економијата, која и онака ќе колабира под апетитите за раст. Дискусијата за концептот на развој наспроти раст во некои кругови се повеќе се движи по тангентата на од-раст( degrowth). Во тие кругови дискусијата се поагресивно се движи од центарот кон периферијата (или обратно?) алармирајќи за ограниченоста на ресурсите, нееднаквоста и еколошките катастрофи кои се на повидок. На светско ниво, дефинирањето на зелената и социјалната економија се изгигнува се повисоко на агендата. Дискусијата за ставање на човекот и природата во центарот на бизнис моделот би била една разводнета, холмарк приказна доколку ние не видиме вистински промени кои се рефлектираат во сржта на бизнисите, во пречекот на функционалната зелена и социјална економија. Но, за да (побрзаме да) стигнеме до тоа дека социјалното претприемништво е одговорот, ние треба да го дефинираме прашањето. Што не’ мачи? Каде боли? Кој е проблемот, кои се корените на тој проблем, кои се последиците-гранките кои се нишаат тресејќи од себе плодови кои не маваат по глава и лице, некои оставајќи ни модринки, некои правејќи рани кои тешко се лечат.
За оние кои не ја препознаа аналогијата на корен и гранки, т.н „ Дрво на проблеми“ е алатка која ние (во нашето неформално образование, особено во фазата на идеација на социјални бизниси), ја користиме за да ја прикажеме анатомијата на еден проблем, давајќи визуелен приказ на причините и последиците. Пронаоѓањето на сржта на проблемот помага да се оформи социјалната мисија која е суштинска за формирањето и водењето на едно социјално претпријатие. Адресирањето на прашања за дефинирање на проблемот е приоритетно во поставувањето на социјалните бизниси.
„Ако имам еден час за да го решам проблемот, 55 минути ќе потрошам размислувајќи за проблемот, а пет како да го решам.“ Алберт Ајнштајн.
Дали социјалното претприемништво ги живее своите пет минути? Дали невработеноста, проблемите во образованието, пристапот до здравствени сервиси, етничките нетрпеливости, лошиот воздух магично ќе исчезнат со валидацијата на социјалното претприемништво ? Ни одблиску. Но дали новите бизнис модели поблиску ќе ни ги донесат пред очи проблемите? Да, секако.
Во изминатиот период благодарениe на еден регионален проект (https://www.risewb.org/ ) имам прилика одблиску да се запознаaм со методологијата наречена како design thinking (не очекувајте превод на ова, премногу дескрипција и бегање од суштината е реалноста на јазичната опскурност). Методологијата –design thinking е доста привлечна алатка за секој кој се доживува себеси како креативец, (социјален) иноватор и многу веројатно, како ентузијаст од третиот сектор (чија проактивна улога е да помага, да биде онаму каде е најпотребен). Основни постулати на оваа методологија се радикалната соработка и ко-создавање. И навистина, ако една цела методологија е развиена за појасно да се постави човекот во центарот на искуството и понудата, и самата алатка бара луѓе, бара тим за да се експолатира убавината и потенцијалот на соработувањето.
Design thinking е структурирана методологија за креативно решавање на проблеми во која преку еден повторувачки процес воден од концептите: емпатија, идеација, прототипирање и тестирање тимовите заедно осмислуваат производи и/или услуги кои овозможуваат подобрено корисничко искуствo. Основното прашање во процесот на design thinking е „што му е потребно на корисникот “. Како преку набљудување, преку современи антрополошки пристапи ние можеме да дознаеме која е нашата конекција со обесправениот, привилегираниот, замолчаниот, донесувачот на одлуки? Кои се потребите на купувачите или корисниците? Колку е можна и посакувана промена? Колку разбирајќи ги другите ние можеме да изградиме емпатичен однос кој ќе биде појдовна и крајна точка?
Цртајќи множества и подмножества, лоцирајќи го социјалното претприемништво помеѓу третиот и приватниот сектор ние не може да не ги експлоатираме термините: проблеми, потреби (на луѓето), радикална соработка, емпатија и дизајн на услуги и производи за да дојдеме до 5-те минути на социјалното претприемништво. Во суштината на социјалната економија е разбирањето на проблемите и нивно решавање преку одржливи претприемнички практики. Во центарот на разбирањето на проблемите е емпатијата, која заедно со филантропскиот дискурс мора да отиде подалеку од „имањето добри намери“. Емпатијата и филантропијата мора да ги приоретизираат перспективите на останатите, на „другите“. Емпатијата и филантропијата насочени остро кон суштината и сржта на проблемите можат да бидат патоказ, начин да се чекори во „чевлите на другиот“, да се открие како човекот(човештвото) стасал до тоа што е , што го обесправило, што може да му даде нов правец, достоинство, нова шанса за подобар живот.
Пред нас има многу алатки (ете design thinking е органски блиска до социјалното претприемништво) и пат за одење „рака под рака“. По патот по кој сме тргнале имаме задача смело да погледнеме назад за да сфатиме како сме дошле до сето ова и со надеж да погледнеме напред, ветувајќи си дека заедничка вредност и принцип на работа ќе ни биде „радикална соработка и емпатија“. Не’ чека многу работа и долг пат. Но поставувањето на човекот во центарот на бизнис моделот, и креативно решавање на проблемите преку емпатичен пристап се првиот чекор.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.