Достапни линкови

Дигитално високо образование – error 404?


Ванѓел Ѓорѓиев, Програмски член во МОФ
Ванѓел Ѓорѓиев, Програмски член во МОФ

Еден од проблемите кои засега останува нерешен е практичната настава во дигиталното високо образование. Потребно е да се размислува за начини на кои истото ќе се надмине и нема да преставува пречка, пишува во младинската колумна Ванѓел Ѓорѓиев, програмски член во МОФ.

Во некоја далечна метална административна фиока, запрашено лежи фасцикла насловена „Компјутер за секое дете“. Во неа се содржани неостваренa идеja и несоодвтено реализиран проект за дигитализација на образованието и придвижувањето кон дигиталната едукација. Во последните неколку години, за дигитализација на образованието никогаш не се ни помислуваше, а камо ли истото да кружи во јавниот дискурс. Жртва на пропуштена можност за дигитален напредок претставуваше и високото образование во Македонија, кое во голем дел не беше ни запознаено со постоењето на онлајн светот.

Неодамна, на општествената сцена се појави нешто неочекувано, пандемија предизвикана од вирусот КОВИД-19. Оваа нова појава, без сомнение, значително влијаеше на образовниот процес во Македонија на начин што ги принуди образовните установи набрзина да се запознаат со дигиталниот свет и да транзитираат кон него. Таквиот брз пристап особено се забележа кај вискообразовните установи кои уживаат голема одлучувачка слобода.

Oнлајн ѕвонче ја заврши учебната година

На самиот почеток на пандемијата во Македонија, вискообразовните установи направија големи напори за одржување на своите академски студии, недозволувајќи позначаен прекин на истите. Имено, сите универзитети во државата, државни и приватни, овозможија континуирана комуникација со студентите и онлајн реализирање на академските предавања (преку систем на далечинско учење). Голем дел од предавањата беа спроведувани преку видеоконференциски платформи или со комуникација преку е-пошта. Дополнително, од големо значење е да се напомене и заложбата на Универзитетските студентски собрание за контрола врз спроведувањето на онлајн предавањата на државните универзитети. Целиот овој процес покажа дека постои голема мобилност во работата на универзитетите и начинот на студирање на студентите, како и отворена можност за дигитализација на високото образование во блиска иднина. Секако, таквата дигитализација не треба да биде перцепирана дека би се спровела на сметка на добрите конвенционални наставни пристапи, туку да оди рака-под-рака со нив.


Во поглед на прашањето за спроведување на испитни сесии за време на принудната дигитализација, кај вискообразовните установи се забележуваат контрастни приоди. Голем дел од универзитетите се одлучија и спроведоа целосно онлајн испити, додека останатите универзитети (УКИМ и УКЛО), покрај опцијата за онлајн испити, примарно се одлучија за физичко спроведување на (дел од) испитите на факултетите. Судирот на ваквите различни приоди се должи на ставот за навремено, безбедно и ефикасно онлајн спроведување на испитната сесија од една страна и гарантирање на квалитетот на спроведените испити од друга страна. Сепак, доколку ги погледнеме практиките на универзитетите ширум светот се забележува значителен тренд на онлајн спроведување на испитните сесии, при што истите вклучуваат и различни системи за надзор за времетрањето на онлајн испитите, се со цел да обезбеди квалитет на истите. Според тоа, потребно е и универзитетите во Македонија да започнат да размислуваат во таа насока.

Младите живеат онлајн, па зошто не и во образованието

Еден од проблемите кои засега останува нерешен е практичната настава во дигиталното високо образование. Потребно е да се размислува за начини на кои истото ќе се надмине и нема да преставува пречка. Засега единствените предлози кои се појавуваат во академските кругови се можноста за воспоставување на „хибриден модел“ на едукација – спој на онлајн настава и физичка практична настава во помали групи.

Во насока на подобрување на дигитализацијата на високото образование потребно е да се размислува и за „онлајн едукација во еден чекор“, односно употреба на еден виртуелен простор во кој ќе бидат достапни сите предавања, литература, ресурси, материјали и потребна поддршка за спроведување на наставата и испитите на универзитетите.


Со оглед на фактот што дигитализацијата на високото образование во нашата земја е на самиот почеток, потребно е да се создаде и механизам за споделување на искуствата на универзитетите, професорите и студентите од самата дигитализација. Добрите и лошите дигитални практики потребно е да бидат евидентирани и процесирани, сè со цел да може во иднина ефикасно да се пристапи кон воспоставување на успешна дигитализација во високото образование, бидејќи дигитализацијата е клучен фактор за напредок.

За крај, сè уште е тешко да заклучиме како сè ќе се одвива понатаму во образованието и дали одговорно ќе се работи на дигитална имплементација, но тоа што засега се забележува е фактот дека дигитализацијата во високото образование постепено „се вчитува”.

XS
SM
MD
LG