Достапни линкови

Говорот на Пендаровски и „мини Шенген“ во фокусот на медиумите


Годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред Собранието
Годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред Собранието

Годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред Собранието, состојбите во судството и средбата на лидерите на Македонија, Албанија и Србија за иницијативата „мини Шенген“ се главни теми во дневниот печат.

Редовното предновогодишно обраќање на претседателот на државата, Стево Пендаровски, годинава се одржа во присуство на сите пратеници, забележуваат повеќе електронски изданија на печатените медиуми и портали. За Нова Македонија се важни следниве зборови на претседателот на државата, што ги објавува во насловот: „По изборите да се спроведе прочистување и кај политичарите, освен кај судиите и обвинителите“. Порталот СДК.МК наслови: „За 30 години во оваа држава ниеден политичар и моќник не одговарал, само сиромаштијата завршува зад решетки, рече претседателот Пандаровски“. Слободен печат констатира: „Нема десно-лево кај претседателот. Експертите посочуваат дека Стево Пендаровски засега во многу сегменти се разликува од својот претходник, Ѓорѓе Иванов, за кој департизацијата беше непознат поим“.

Порталот Република ја објавува изјавата на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисија на ТВ 21: „Премиерот ни е сиромашен, но роднините му се милионери: Да се испита потеклото на имотот на сите лидери на политички партии, а точно е дека јас и партијата бараме ветинг, не само за обвинителите, туку и за политичарите. Нека се почне од мене“.

Нова Македонија го објавува соопштението на Алијансата за Албанците со поентата во насловот: „Судството е заложник на коалицијата меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ“.

Неделникот Фокус на насловната има фотографии на Мицкоски и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со купови хартии околу нив, алузија на илјадниците амандмани поднесени од ДУИ за Изборниот закон и наслов: „Амандмански триаголник – Ахмети во коалициски ’брак‘, а со опозициски ’љубовник‘“.

Истиот неделник објавува и интервју со претседателката на Комисијата за спречување на корупција, Билјана Ивановска, под наслов: „Проверката нема да ги открие врските на судиите со политичарите“.

Слободен печат го пренесува интервјуто на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, дадено за агенцијата МИА, во кое покрај другото вели: „Ако не ги средиме состојбите во правосудството, бизнисот ќе го изнесе капиталот надвор – домашните фирми и компании ќе почнат да се регистрираат во Солун, Пловдив.“

Порталот Плусинфо, Слободен печат и Вечер информираат за состанокот на таканаречениот „Мал Шенген“, овој пат во Тирана, на премиерите на Албанија, Северна Македонија и претседателот на Србија, Рама, Заев и Вучиќ. Албанската приватна телевизија Топ ченел дознава дека на дводневната средба ќе учествува и црногорскиот претседател Ѓукановиќ. Оваа иницијатива за јакнење на регионалната соработка на земјите на Западен Балкан ја поддржуваат и САД и ЕУ, а цел на состанокот е да се имплементира она што повеќе пати е договарано, а потоа оставано настрана. Претходниот состанок се одржа во Охрид, додава Вечер во информацијата.

„Европратеници бараат одлука за почеток на преговорите со Македонија пред изборите“, ја пренесува Нова Македонија веста на дописникот на МИА од Стразбур. „Стразбур е за почеток на преговорите пред изборите, Владата најави испорачување на повеќе аргументи до ЕК“, ја пренесува истата вест и Слободен печат за барањето на европратениците членови на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – ЕУ.

Како за крај, една пријатна вест од преку Океанот: „Македонскиот филм ’Медена земја‘ влезе во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории: за најдобар документарец и за најдобар странски филм“, објави порталот СДК.МК.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG