По само една седмица од десетото јубилејно издание на фестивалот „Земјотрес“ на кое традиционално се случува ерупција на новата и современа македонска урбана култура, во Младински културен центар - Скопје се подготвени за нова инвазија. Овојпат, на три бенда кои ни доаѓаат од соседните две држави – од Србија и од Бугарија. Во сабота на 26 февруари, на сцената во салата „25 мај“ е планирано да истрчаат и својата младешка енергија и бунт да ги истурат GAZORPAZORP и СВ. ПСЕТА од Белград и софискиот ООHS. Состави кои само условно можат да бидат заеднички именувани како „глас на новата балканска рок генерација“.
Така GAZORPAZORP се бележани како „креативно еден од најпотентните гитарски бендови на новата генерација на Балканот. Како претставници на новиот бран српски бендови, кои полека и сѐ позабележително ја преземаат палката од рацете на постарата генерација гитарски бендови во регионот“. Станува збор за момчиња кои „играат на оригиналноста и автентичноста“. Во април 2018 година, тие го објавија своето дебитантско ЕП, едноставно насловено „EP # 1“ со, како што вели тамошната критика, „хиперенергични песни, полни со дисторзии и рапави вокали“.
Во декември 2020 година, GAZORPAZORP веќе го имаат и второто ЕП издание „Од воздух и сонце“ (Moonlee Records), кое „носи пет свежи песни, полни со младешки дух, разиграност и страст“. И, по него критичарите ќе забележат дека „покрај очигледните влијанија на бендовите како што се РЕПЕТИТОР или МЕЦ, нивниот нефатлив звук ја комбинира впечатливата моќ на ноиз-рокот, комплексноста на мат-рокот, постпанк разиграноста и експерименталноста на психоделичниот рок, комбинирајќи ги и англо-американските и регионалните музички традиции“. Со својата современа рок-естетика, GAZORPAZORP е поставен рамо до рамо со актуелните бендови како што се Squid, Black Midi, Oh Sees, Protomartyr и Tropical Fuck Storm.
И, кон ова веројатно како дополнително објаснување изнедрено од воодушевувањето на публиката и критиката уште неколку реда во кои се вели дека „и покрај младоста на бендот, постои јасен зрел и префинет пристап кон аранжманите на песните, кои со неверојатна леснотија скокаат од експлозивни напади на лудило во лебдечки мирни пасажи и назад“. За, потем да се заклучи и тоа дека „GAZORPAZORP е гласот на новата генерација на препознатливиот белградски шарм, а пред сѐ фантастичен бенд, кој ја продолжува традицијата на регионална музичка бескомпромисност!“.
Од друга страна, за СВ. ПСЕТА на страниците на регионалниот интернет портал Helly Cherry само накратко ќе биде речено: „Во помалку од една минута можете да забележите колку СВ. ПСЕТА се бесни и разуздани, свират како ништо пред нив и да не постоело, а откако ќе ги слушнете тие песни, веќе не е ни проблем доколку ја снема целата музика од иднината“. И, точка.
Конечно саботната концертна понуда е заокружена со OOHS!. Станува збор за бугарско-либански космички lo-fi поп-ентитет базиран во Софија. Зад себе имаат две лимитирани касетни изданија за Amek Collective, “Tropic of Cancel” и ѕвездениот “Plutonic Love Songs”. Свиреле заедно со бендови како Follakzoid, Moonwalks и VVhile, но и на бројни локални концерти организирани од Alarma Punk Jazz, Amek Collective, Indioteque, Blood Becomes Water и други независни промотери. Овој настап ќе им биде прв настап во живо од 2020 како и прв воопшто во Скопје и во Македонија.
И, ако ова е веќе допирливо и говори за високо енергетското забрзување што МКЦ го води кон центарот на прославата за одбележување на петте декади од постоењето и кон ФЕСТИВАЛ каков што во меѓувреме израсна ЗДРАВО МЛАДИ, останува во меѓувреме урбано Скопје да им се насладува и на шестиот ВОСТАНИЕ и концертите на A PLACE TO BURY STRANGERS, „психотропната визија на Оливер Акерман и најгласниот бенд од Њујорк“ на 21 март, и ден потоа на целовечерниот самостоен концерт на најдобриот руски колектив во живо - SHORTPARIS.
А, кога сме веќе кај нив најнапред потсетување дека тие направија растур на ланското издание на ЗДРАВО МЛАДИ и сега еве ги со новиот албум „Yablonny Sad“ повторно на сцената крај Вардар. Инаку, предводени од харизматичниот фронтмен Николај Комиагин, SHORTPARIS се на добар пат да добијат меѓународно признание. Бендот продолжува да гради репутација со нивните неверојатни ритуалистички настапи и темни, електронски звучни сцени. Пеејќи на руски, француски и англиски јазик, „Shortparis“ се приближуваат се поблиску до пригоден саундтрак за нивното секојдневие, „звук што верно го отсликува Санкт Петербург како што беше и сѐ уште е“.
И, онака како што треба да и прилега на една храбра и сигурна во себе и својата програма институција од МКЦ и со една интересна новина за јубилејот: ги укинуваат гратис влезниците.
Како јавна културна установа цврсто стоиме зад нашата програма и во обид да најдеме формат со кој ќе ја утврдиме вредноста на сечиј уметнички авторски труд, велиме: МКЦ ги укинува гратис-влезниците!
Оваа пракса не е непозната за европските културните центри, па следејќи ги позитивните светски практики одлучивме да го укинеме овој негативно популарен тренд кај нас.
Од 1 март 2022, за секоја „неодложна“ категорија на соработници, медиуми или спонозори и донатори, која ќе може со посебна уредба да добиe повластен билет, тој билет ќе биде наплатен со вредност од 50 денари.
Сите средства генерирани од издавање на овој тип билети ќе одат во посебен фонд, креиран специјално за оваа намена. Од него, на крајот на годината посебно тело преку јавен конкурс ќе ги додели средствата на млади автори, самостојни уметници или колективи, за финансирање на издавањето или презентацијата на нивните дела (издавање албум, продукција на изложба, трошоци за турнеја…), пишуваат од МКЦ.