Достапни линкови

„Вечното танго на љубовта“ традиционално во Галерија „КО-РА“


Марија Светиева „на подиумот за танцување“
Марија Светиева „на подиумот за танцување“

Триесеттина уметници од земјава и од странство се учесници на традиционалната мултимедијална групна изложба посветена на „Вечното танго на љубовта“ и славниот аргентински композитор Астор Пјацола, што од 12 февруари се одржува во големиот салон на Галерија „КО-РА“ во Скопје.

Пол Ванг и Рон Мајерс од САД, Моника Радхоф Трол од Германија, Петра Јовановска од Чешка, Анели ди Франис од Финска, Северине Бургерс од Белгија, Дубравко Наумов од Канада, Анна Мозговаја од Украина, Виктор Бранѓолица од Република Хрватска, како и нашите Марија Светиева, Билјана Билбилоска, Наталија Пулејкова, Маја Танева, Валентина Илијевска, Шќипе Мехмети, Риџет Ферати, Игор Поп Тајков, Ацо Таневски и Светлана Пецакова, Ангелца Стоиљковиќ, Љубе Алексовски,Стефан Димовски, Анита Огњановска,Славица Таневска, Маја Николовска, Ленче Коцевска, Андријана Андреева /Ано Соро, Ванѓа Радевска… се само некои од уметниците чии дела ја чинат традиционалната мултимедијална групна изложба посветена на „Вечното танго на љубовта“ и славниот аргентински композитор Астор Пјацола, што од 12 февруари се одржува во големиот салон на Галерија „КО-РА“ во Скопје.

Поставката која вообичаено ги слави виното, љубовта и убавото, во оваа пригода воедно ќе се вклучи во одбележувањето на големиот јубилеј - 100 годишнината од раѓањето на Астор Плацола, славниот композитор од „златниот период“ на аргентинското танго кое и натаму без двојба продолжува да го восхитува и здружува светот обединувајќи ги генерациите и уметностите, во речиси сите сфери на творештвото.

Куратор на изложбата е Виолета Калиќ, историчар на уметноста, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.

Марија Светиева - „Во копнежот на танцот“

Во тематската рамка на Вечното танго провејува чудесната магија на љубовта, на лирското и страственото. Тоа е точка во која човек започнува да се сака себе си во другиот и другиот да го сака во себе. Ова раздвижува река од бои и форми кај секого различно, а во моите дела сум повеќе фокусирана на фигурите и на енергијата која вечната љубов и тангото ги предизвикуваат во мене, вели Марија Светиева.

Таа дополнува дека годинава на изложбата учествувала со две графики во комбинирана и експериментална графика насловени како „На подиумот за танцување“ и „Сонуваме заедно и танцуваме заедно“.

Шќипе Мехмети - „A Dream within a Dream“

Нејзината колешка Шќипе Мехмети истакнува дека во времево во кое живееме, во екот на светската пандемија, сите имаме потреба барем на кратко да избегаме од реалноста.

Во ова време на пандемија сите имаме потреба , барем на кратко, да избегаме од реалноста дали преку ликовната уметност, музиката, добрата книга, театарот, танцот...сеедно. Затоа го поздравувам многу трудот на кураторката Виолета Калиќ, што традиционално, со години наназад организира настан како што е „Вечното танго на љубовта“ каде што се спојуваат ликовната уметност, музиката, танцот...но пред се* се слави љубовта. Тоа не потсетува дека и во тешки времиња треба да ја славиме и да ја живееме љубовта... према себе, другите, природата, уметноста. Уметниците се тие што ја слават љубовта секогаш, што ги инспирираат и другите ... и преку нивните уметнички дела ги носат на чудесни патувања. Јас го почнувам денот со музика, додека пешаќам за на работа... тоа е време за мене и патување во друга димензија, каде што чувствувам интензивно се, секој инструмент, секој збор... воздухот што го дишам. Делото „A Dream within a Dream“, диптих, колаж, слика, графика... со кое учествувам на оваа изложба е инспирирано токму од музиката. Дури има и текст, стихови од песните што ми оставиле посебен впечаток, ќе рече Мехмети.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG