Се уште не се укинати работните дозволи за да може државјаните на Македонија, Албанија и Србија слободно да работат во која било од земјите.
Договорите од иницијативата „Отворен Балкан“ со кои што се предвидува работници од Македонија да може слободно да работат во Србија и Албанија, а нивни граѓани да конкурираат на македонскиот пазар на труд, се ратификувани во парламентите на Албанија и Србија, а сега се чека само на македонскиот парламент да го стори истото.
Од владата ги повикуваат пратениците итно да ја свикаат собраниската Комисија за надворешни работи и да ги стават на дневен ред овие протоколи и договори.
Националниот координатор за „Отворен Балкан“ и регионална соработка, Марјан Забрчанец вели дека трите држави се целосно подготвени за да се укинат работните визи, предуслов е само договорите да бидат усвоени од Собранието.
„Станува збор за меѓународни трилатерални договори, потпишани од трите држави, веќе ратификувани и во парламентот на Албанија и во парламентот на Србија. Тие договори поминале низ комисии, влада, меѓународни групи, а нема никаков одговор од надлежниот да ја закаже седницата во Собрание“, вели Забрчанец.
Според Договорот потпишан во Тирана, договорните страни треба да ги поедностават административните процедури за влез, движење, престој и работа на граѓаните на земјите потписнички. А земјите ќе гарантираат дека сите ќе имаат еднаков пристап на работа, без разлика од која земја од потписничките доаѓаат.
Лицето кое ќе сака да работи во една од државите од Отворен Балкан нема да мора да добие работна дозвола и дозвола за престој во земјата што го прима.
ВМРО-ДМПНЕ не знае што содржи иницијативата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак, вчера порача дека партијата нема да даде поддршка додека не добие одговори од власта за тоа која е целта на оваа иницијатива.
„Кога ќе добиеме информација за тоа која е целта на иницијативата и што носи таа иницијатива, тогаш можеме да седнеме и да разговараме поконкретно за поддршка или не-поддршка. Слушнав во едно објаснување дека таа е за добрососедска соработка, но јас честопати го поставувам прашањето на кој начин две од овие три земји коишто се во „Отворен Балкан“ граничат?“, рече Мицкоски.
Опозицискиот лидер вели дека тој не бил повикан ниту од премиерот Димитар Ковачевски, ниту од неговиот претходник Зоран Заев, за да добие сериозно објаснување за учеството на Македонија во „Отворен Балкан“.
Во меѓувреме во Собранието пратениците на СДСМ обвинуваат дека поради однесувањето на опозицијата не може да започне издавањето на единствен идентификациски број за граѓаните од земјите од „Отворен Балкан“ за работниците од Македонија, Албанија и Србија да имаат пристап до пазарот на труд без посебни работни дозволи или какви било бариери.
Пратеникот Миле Талески рече дека одлагањето на ратификацијата на овие договори е на штета на државата, на штета на граѓаните.
„Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите, а истовремено ќе овозможи младите од трите држави полесно да можат да започнат заеднички бизниси. Институциите на Северна Македонија, Србија и Албанија ги завршија сите подготовки за либерализирање на пазарот на трудот“, рече Талески.
Со идентификациски број ќе може да се работи во трите земји
Идентификацискиот број ќе биде налик како матичен број за граѓаните на „Отворен Балкан“. Преку веб порталот за електронски услуги граѓаните ќе може да го добијат тој идентификациски број и со тоа практично нема да мора да вадат работна дозвола за Србија или Албанија.
„Штом се генерира тој идентификациски број тоа значи дека системите за електронски услуги на Србија и Албанија ве распознаваат како постоечка индивидуа која има право на одредени услуги, во случајов тоа би било слободно да работите во овие земји и обратно граѓани на Србија и или Албанија слободно да може да работат во Макеоднија без да вадат работна дозвола“, вели Забрчанец.
Со мерката практично само се отстрануваат административните бариери за работен ангажман. Ако сега за работна дозвола се чека по два или три месеци и има и административни такси, со догвоорите се укинуваат и се либерализира пазарот на труд, додека платите, придонесите, сместувањето, работникот си ги обезбедува сам или пак фирмата каде што се вработува.
Од Владата велат дека интерес веќе има и тоа најмногу во информатичко-технолошкиот сектор (ИТ), туризмот и приватното здравство, како и одредени угостителски објекти кои очекуваат прилив во угостителството.
Ќе се пополни или ќе се зголеми недостигот на работна сила?
Трајан Ангелоски, Претседателот на Сојузот на Стопански Комори на Македонија, вели дека мобилноста на работната сила секогаш е позитивна.
На прашањето дали „Отворен Балкан“ ќе донесе прилив на работна сила во Македонија, или пак одлив и на онаа малку што ја има, нагласува дека ако ние како економија сме слаби нормално е дека постои можност да се одлеат кадри, меѓутоа во одредени сектори каде што сме подобри може и да привлечеме кадар.
„Треба да се видат конкретните бројки и анализи, сега и со актуелната криза многу работи се менуваат, но принципот останува ист и зависи од позиционираноста на секторот, какви се платите, какви се понудите на тие компании во тој сектор, такви ќе бидат и движењата“, вели Ангелоски.
Во однос на „Отворен Балкан“ тој потенцира дека ова е само еден дел од иницијативите, но има и многу други корисни како што се олеснување на процедурите за увоз и извоз, движењето по границите итн.
„Сакаме да одиме во ЕУ, а не можеме со нашите соседи да соработуваме. Со соседите треба да имаме најголема соработка, па потоа со некои скандинавски земји да речеме. Нелогично е со некои скандинавски земји да имаме супер соработка, а со нашите соседи на многу лошо ниво, така што мора да работиме соработката со нашите први соседи да биде на високо ниво“,
Иницијативата Отворен Балкан, која започна како Мини Шенген во октомври 2019 во Нови Сад си постави амбициозна цел до почетокот на 2023 година да нема граници меѓу трите земји и да има слободен проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Потписници на Иницијативата се Србија, Македонија и Албанија.