Достапни линкови

Во Осло откажана „Парада на Гордоста“, Киевската се пресели во Варшава, во Скопје ќе се одржи вечерва


Во Скопје денеска се одржува третата по ред Парада на гордоста. Парадата што требаше да се одржи во главниот град на Украина, Киев, поради војната, ќе се одржи во Варшава. Маршот во Осло е откажан, поради пукање пред геј бар, а во Сараево пред парадата се одржува анти-ЛГБТ протест.

Организаторите на собирот на поддржувачите на ЛГБТ во Осло ја откажаа годишната Парада на гордоста која требаше да се одржи денес, а тоа е направено на совет на полицијата, по пукање пред популарен геј клуб во кое загинаа две лица.

Најмалку две лица загинаа, а 21 се повредени, од кои 10 потешко, соопшти полицијата по инцидентот во ноќниот клуб Лондон Паб, лоциран во норвешката престолнина.

Полицијата во Норвешка работи на претпоставката дека смртоносното пукање во ноќен клуб во Осло, популарен меѓу ЛГБТ заедницата, е поврзано со тероризам, соопштија од полицијата денеска.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе им изрази сочувство на семејствата на жртвите.

„Осло доживеа „суров и длабоко шокантен напад“, рече тој во објава на Фејсбук.

Тој ја изрази својата солидарност со ЛГБТК заедницата, порачувајќи им „Ние стоиме со вас“. Поранешната премиерка Ерна Солберг го опиша чинот како „напад врз љубовта“ и врз слободата да сакаш кого сакаш.

Украинската Парада на гордоста годинава ќе маршира на улиците во Варшава

Наместо на улиците на Киев, годинешниот настан за заштита на човековите права на ЛГБТ заедницата во Украина, Киев Прајд, ќе се одржи во Варшава.
Киев Прајд ќе се приклучи на Парадата на еднаквоста во Варшава, со цел уште еднаш да го привлече вниманието на меѓународната заедница на украинската борба за слобода.

„Маршираме за политичка поддршка за Украина и маршираме за основните човекови права на украинскиот народ“, изјави директорот на Киев Прајд, Лени Емсон.

„Тоа не е прослава. Ќе ја чекаме победата за да славиме“, нагласи тој.

Киев Прајд оваа година не можеше да се одржи во главниот град на Украина, бидејќи вонредната состојба наложува да нема големи собири, објасни Емсон. Во сабота тој ќе ја предводи Парадата на еднаквоста во Варшава - еден од многуте начини на кои Полјаците ги поддржуваат своите соседи.

Конзервативната влада на Полска е силен сојузник на Украина. Таа испрати хуманитарна помош и оружје и дозволи да се пренесува помош преку нејзината територија од други земји.

Меѓутоа, во последниве години, полската влада го заостри својот став за правата на ЛГБТ заедницата. Таа го прикажа движењето за правата на оваа заедница како напад на католичката традиција на нацијата, повторувајќи ја реториката која стои зад руските и унгарските закони. Но, полското општество сè повеќе ги прифаќа ЛГБТ луѓето,пишува новинската агенција Асошиетет прес.

Лени Емсон вели дека организаторите на Киевската парада размислувале и за други европски престолнини, но дека одлучиле дека Варшава сепак е најдоброто место за одржување.

Во манифестот на Киев Прајд се истакнува дека географската граница меѓу демократска Украина од една страна и автократската Русија и Белорусија од друга страна „не е само линија на одвојување меѓу државите, туку и граница меѓу територијата на слободата и зоната на угнетување“.

Во 2013 година, Русија донесе закон со кој се забранува прикажување на хомосексуалност на малолетни лица, што групите за човекови права го гледаат како начин за демонизирање и дискриминација на ЛГБТ луѓето. Закон за „геј пропаганда“, како што го нарекуваат, беше воведен во екот на големото кршење на граѓанските слободи во Русија и беше инспирација за усвојување на сличен закон во Унгарија минатата година.

ЛГБТ луѓето во Украина продолжуваат да се соочуваат со значителна дискриминација, но правата напредуваа во последниве години, бидејќи земјата се обидуваше да се приближи до Западот.

Во Киев првпат беше одржана Парада на гордоста пред 10 години, кога и покрај полициската заштита, учесниците на парадата беа претепани во 2012 година од страна на демонстрантите кои се спротивстават на маршот на гордоста. Сепак, Парадата на гордост се развиваше со текот на годините, а минатата година имаше 7.000 учесници.

Во Сараево анти-ЛГБТ протест пред Парадата на гордоста

Неколку десетици граѓани од изутрината се собраа во Сараево на протест против ЛГБТ.Протестот се одржува во пресрет на Парадата на гордоста, која има за цел да ги промовира правата на ЛГБТИ заедницата во Босна и Херцеговина, закажана за сабота попладне.

Протестот против ЛГБТ, наречен „Врати ни го долгот“, го организира, како и претходните години, Санин Муса, претседател на партијата „Вера. Народ. Држава“. Протестот се одржува под мотото „Традиционален/нормален ден на семејството“.

Според извештајот на Народниот правобранител на БиХ, во Босна и Херцеговина од 2017 година не е постигнат конкретен напредок во обезбедувањето вистинска еднаквост на ЛГБТИ лицата.

Парадата на гордоста на БиХ оваа година се одржува под мотото „Семеен собир“. Првиот собир се одржа во 2019 година.

ЛГБТ заедницата смета дека Босна и Херцеговина е зад земјите од регионот кога станува збор за носење закони кои би ги заштитиле нивните права. Тие посочуваат дека Босна и Херцеговина нема закон за истополово партнерство, но ниту закон за родов идентитет.

Бисексуален полицаец во Бугарија основал ЛГБТ унија

Заситен од дискриминацијата со која се соочија тој и неговите ЛГБТ колеги во полициските сили во Бугарија, каде што „хомофобијата е религија“, полицаецот Петромир Генчев одлучи дека е време да направи нешто и формираше здружение за заштита на нивните права.

Иако триесет и тригодишниот Генчев го регистрираше здружението кон крајот на минатата година, неговото здружение во голема мера остана тајна, сè додека во мај не беше интервјуиран од БТВ, најголемата бугарска приватна ТВ станица.

По емитувањето на ТВ-интервјуто, реакцијата на неговите колеги во Враца, каде што живее и служи во локалната полиција, во најмала рака не е охрабрувачка, изјави Генчев за Бугарскиот сервис на РСЕ.

„Односите се крајно напнати. Од емитувањето се немам слушнато со повеќето мои колеги“, рече Генчев.

Во коментарите поврзани со интервјуто, неговото здружение се нарекува „синдикатот на хомосексуалците“, заедно со омаловажувачки описи.

Од друга страна, Генчев вели дека прашањата за групата доаѓаат од други офицери низ земјата.

Групата наречена Синдикат на вработените во Министерството за внатрешни работи за еднаквост и интеграција --- веќе е прифатена како членка на Европската ЛГБТ полициска асоцијација, организација во која членуваат полициски здруженија за права на ЛГБТ од цела Европа.

ЛГБТ заедницата во Бугарија долго време е цел на говор на омраза и насилство. Во 2021 година, член на десничарското Бугарско национално движење (ВМРО) ја нарече Софиската парада на гордост „манифестација на група со ментални нарушувања“.

Парадата на Гордоста на ист ден се одржува во неколку светски престолнини

Имено, претстваниците на ЛГБТ заедницата во светот денеска ќе маршираат во десетици градови низ светот. Закажан е марш во Барселона, Шпанија, потоа во Мексико Сити, Мексико, Сантјаго во Чиле, Лима во Перу, Панама Сити во Панама, Меделин во Колумбија како и во Њујорк, САД.

Во Скопје денеска ќе се одржи третата по ред „Парада на Гордоста“ под мотото „Излези за љубов! Достоинство, Еднаквост, Правда“.

Парадата почнува во 17 часот во паркот „Жена-борец“, од каде во 19 часот ќе тргне протестниот марш по скопските улици и ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

„Парадата на гордоста останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството. Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“, велат организаторите, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Првата Парада на гордоста се одржа во 2019, а втората лани по паузата поради ковид кризата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG