Достапни линкови

При претресот во Идризово пронајдено сè освен одговорност


Затвор Идризово
Затвор Идризово

Полицијата соопшти дека при претресот на ќелии во затворот Идризово пронашле дрога, оружје и мобилни телефони. Граѓаните прашуваат како се внесува дрога без помош од затворските чувари. Министерот за правда Никола Тупанчевски рече дека никој нема да биде поштеден од одговорност. Директорот на затворот Идризово Реџеп Реџепи, пак, вели дека биле пронајдени неколку кујнски ножа и дека никој од затворската полиција нема да биде казнет.

Дрога, ножеви, мобилни телефони и многу пари открила полицијата при претресите во затворот Идризово во Скопје. Како може таа дрога и оружје да влезат во затворите без помош од затворските чувари, прашуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Проверките се направени по наредба на обвинител во 25 ќелии и точно таргетирани лица. Министерот за правда Никола Тупанчевски рече дека никој нема да биде поштеден од одговорност.

Сепак, се чини дека граѓаните се научија да не веруваат додека не видат.

Во акцијата во вторникот изутрина се пронајдени поголема сума на пари, 50-тина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножеви и повеќе други остри предмети, дрога, таблети и други предмети. Министерот најави дека претресите ќе продолжат и во други затвори.

Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски вели дека тие редовно вршат претреси на одредени ќелии, но оти се работи за голем затвор „и не е можно во една акција да бидат опфатени сите ќелии“.

Директорот на затворот Идризово Реџеп Реџепи, пак, вели дека во претресот биле пронајдени кујнски ножеви и мала количина дрога кај некои затвореници.

„Многу ме зачуди изјавата од МВР каде што се споменуваат многу ножеви и други предмети. Како затворска управа чекаме официјално од МВР да бидеме известени за тоа што е пронајдено“, изјави Реџепи за Слободен печат.

За евентуалната одговорност на затворските стражари, директорот Реџепи вели дека никој од затворската полиција нема да биде казнет.

Комитетот за превенција против тортура во затворите, кој неодамна ја посети Македонија, има забелешки дека дел од раководните лица во затворите не ги исполнуваат условите за извршување на функцијата. Во извештајот за човекови права на Стејт департментот се посочува деке е „распространета корупција на затворскиот персонал која се наведува како значаен проблем во затворскиот систем“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG