Достапни линкови

Богат човек пушта машина и на скапа струја


Илустрација
Илустрација

Струјата ќе поскапи само 10 отсто, рече министерот за економија Крешник Бектеши. Тој рече дека ако енергетските компании работат како што треба, нови поскапувања нема да има. Па зошто и досега не работеле како што треба, прашуваат граѓаните.

Славјето може да почне, министерот за економија Крешник Бектеши најави, дека ,според владините проекции, струјата нема да поскапи повеќе од 10 отсто. Тоа значи дека тие што плаќале сметка од 2000 денари, од Нова година ќе плаќаат по 2200. До половината од наредната година ќе важи мерката за 5 отсто ДДВ за струјата, а потоа ќе се зголеми на 10 отсто, па граѓаните ќе треба да плаќаат по 2300 денари. Сè уште е неизвесно дали ќе остане дневната евтина тарифа на струјата.

Други, повикуваат да ѝ се помогне на татковината кога ѝ е најтешко.

Министерот среќен најави дека поскапувањето ќе биде „само“ 10 отсто.

„Со тоа се отфрлаат сите предвидувања од експерти во областа на енергетиката и од одредени политички партии дека зголемувањето ќе биде 30, 40 или 50 отсто“, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања при вчерашната посета на ски центарот Попова Шапка.

Бектеши рече дека „ако енергетските компании работат на начин како сега“, тогаш во иднина нема да има поскапување на струјата.

Па зошто и досега не работеле како што треба, прашуваат граѓаните на социјалните мрежи, туку Македонија мора да увезува струја 7 пати поскапа од домашната.

Владата пред две години почна да дава субвенции за набавка на инвертер-клима за оние кои ќе се откажат од шпоретот на дрва за да се намали загадувањето. Сега граѓаните се прашуваат дали се исплатеше.

Бектеши, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и директорот на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу синоќа пуштија во употреба нов систем за осветлување на ски-центарот „Попова Шапка“. Фотографијата од тој свечен чин ја објавија на социјалните мрежи.

Дел од граѓаните се шегуваат, прашувајќи колку министри од ДУИ се потребни за да сменат сијалица.

Претходно, и министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека нема да има значително поскапување на струјата. Веќе почнаа и показни вежби за штедење. На некого мора да му се стемни, за на друг да му се раздени.

Домашното производство на струја во изминатата деценија е намалено за една четвртина. Освен ХЕЦ Козјак, четири децении не е изграден нов енергетски капацитет, а старите се веќе дотраени. Дополнително, се исцрпуваат и резервите на јаглен, кој и онака е со слаб квалитет.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG