Џо Бајден положи заклетва врз семејната Библија од 19 век и на 78 години стана најстариот претседател на САД. Тој го наследи Доналд Трамп и стана 46-тиот американски претседател.
Неколку минути пред него, на церемонијата што почна во 11 часот по локално време во Вашингтон, свечена заклетва положи и потпретседателката Камала Харис, која стана прва жена, прва Афроамериканка и прва Американка со азиско потекло која доаѓа на таа позиција.
Кусо по церемонијата, која се случува во време на пандемија на коронавирус и само две недели по нападот врз Капитолот од страна на поддржувачи на Трамп на 6 јануари, Бајден во Вашингтон рече дека има уште многу работа, но оти „единството е патот напред“, алудирајќи на разединувачкиот јазик на неговиот претходник.
„Демократијата надвладеа“, рече Бајден, откако дојде до мирен трансфер на власта.
„Ова е ден на Америка. Ова е ден на демократијата, ден на историја и надеж, на обнова и решителност“, рече тој.
Бајден ,исто така, испрати пораки надвор од границите на земјата, ветувајќи дека ќе ги поправи сојузите со другите земји.
„Ќе ги поправиме нашите сојузи, повторно ќе се вклучиме во светот, не да се соочиме со вчерашните предизвици, туку со денешните и утрешните“, рече Бајден.
„Америка беше на тест и ние излеговме посилни“, рече тој.
На церемонијата по повод инаугурацијата, американската химна ја изведе Леди Гага, а настапија и ѕвездите Џенифер Лопез и Гарт Брукс.
Неколку дена пред инаугурацијата, а особено денеска, центарот на Вашингтон е под силно обезбедување од страна на 25 илјади припадници на Националната гарда, а поставени се и огради со бодликава жица, поради стравот од можни закани и напади од групите кои упаднаа во Конгресот на 6 јануари. Многу улици во центарот се блокирани, а десетици метро станици се затворени.
„Не сакаме огради и да гледаме вооружени војници на нашите улици, меѓутоа моравме така да постапиме по обидот на таканаречените патриоти да ја соборат владата“, рече градоначалничката на Вашингтон Мјуриел Баусер.
Трамп не присуствуваше на инаугирацијата
За првпат по 152 години, претседателот во заминување не присуствува на церемонијата за инаугурација на неговиот наследник, иако присуствуваа поранешните претседатели Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон, додека првиот човек на Врховниот суд Џон Робертс ја водеше заклетвата на Бајден. Поранешниот претседател Џими Картер, кој има 96 години, не беше во состојба да присуствува на инаугурацијата.
Трамп ја напушти Белата куќа кусо по 8 часот утринава по локално време и со хеликоптер се упати во воената база Ендрјус на проштална церемонија.
„Ми беше чест да бидам Ваш претседател. Ви благодарам“, рече Трамп пред насобраните.
Тој рече дека неговата администрација направила сè што можела.
„Нема да кажеме: Ако само можевме да поработиме малку повеќе“, рече тој.
Меѓу најголемите достигнувања на неговата администрација, Трамп ги наведе „обновената“ армија, создавањето Вселенски сили, големото намалување на даноците, растот на берзата, односот кон воените ветерани, назначувањето федерални судии и тројца судии во Врховниот суд и „медицинското чудо“ за развој на вакцините против ковид-19 „за девет месеци, наместо за девет години“.
„Секогаш ќе се борам за вас, ќе гледам, ќе слушам“, рече Трамп алудирајќи на политичкото движење со кое тој сака да управува.
Трамп не го спомена Бајден по име, но ѝ посака добро на следната администрација и рече дека поставил темели да се направи нешто „навистина спектакуларно“.
„Ви посакувам добар живот, ќе се видиме наскоро. Ви благодарам многу“, заврши Трамп.
По церемонијата, претседателот во заминување Трамп, неговата сопруга Меланија и другите членови на семејството се качија на претседателскиот авион и заминаа на Флорида, за да го продолжат животот како обични граѓани.
За разлика од неговиот шеф, потпретседателот Мајк Пенс присуствуваше на церемонијата за инаугурација, како и многумина републикански пратеници, вклучувајќи го и сенаторот Тед Круз од Тексас, кој ја оспори победата на Бајден.
Демокартите имаат мнозинство во двата дома на Конгресот
Харис положи заклетва пред врховната судијка Соња Сотомајор. За првпат во американската историја, две од трите главни функции во државата ги држат жени, со оглед на тоа што Ненси Пелоси е спикер на Претставничкиот дом.
Според традицијата, Бајден пред инаугурацијата преноќи во Куќата Блер, официјална претседателска гостинска куќа, наспроти Белата куќа во Вашингтон.
Додека Трамп влегуваше во авионот за Флорида, Бајден, кој е втор католик што станал американски претседател, присуствуваше на богослужба во Катедралата на Светиот Апостол Матеј, заедно со лидерот на Републиканците во Сенатот Мич Меконел и лидерот на демократите Чак Шумер, како и други високи политичари.
Неколку часа по инаугурацијата на Бајден, тројца нови демократски сенатори треба да положат заклетва. Еден за да го пополни местото на потпретседателката Харис од Калифорнија, и двајца кои победија на изборите во Џорџија на 5 јануари.
Со тоа демократите ќе имаат мнозинство во двата дома на Конгресот.
Пред инаугирацијата, на кратка церемонија по неговото доаѓање во Вашингтон, Бајден оддаде почит за 400 илјади Американци кои починаа од ковид-19.
„За да заздравиме, мора да паметиме“, рече тој.