Достапни линкови

Федерални агенти ги проверуваат трупите на Националната гарда кои доаѓаат во Вашингтон


Членови на Националната гарда на САД пред Капитол во Вашингтон
Членови на Националната гарда на САД пред Капитол во Вашингтон

Американските агенции за спроведување на законот ги проверуваат војниците на Националната гарда кои се пријавуваат на должност во Вашингтон, за да се осигураат дека тие не претставуваат безбедносен ризик за време на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден

Околу 25 илјади членови на Националната гарда се проверуваат од страна на федерални агенции за спроведување на законот веднаш по пристигнувањето во Вашингтон, поради загриженоста од инсајдерски напад, соопштија официјални претставници.

Армискиот секретар Рајан Мекарти изјави дека официјалните лица се свесни за потенцијалната закана од инсајдерски напад и ги предупреди командантите да внимаваат на секаков проблем во нивните редови. Тој додаде дека командантите досега не виделе докази за какви било закани.

„Ние постојано поминуваме низ процесот и вршиме втора, трета проверка на секој од поединците кои се доделени на оваа операција“, рече Мекарти во интервју за Асошиетед прес.

Генерал Даниел Хокансон, кој е на чело на Бирото на Националната гарда, во интервју за ЦБС њуз ја повтори изјавата на Мекарти.

„Во координација со Тајната служба и ФБИ, тие го проверуваат секој поединец кој пристигнува“, рече Хокансон.

Поголем дел од Вашингтон, каде што на 20 јануари ќе се одржи инаугурацијата, е под невидени безбедносни мерки поради настаните од 6 јануари, кога приврзаници на претседателот Доналд Трамп влегоа во Капитол, обидувајќи се да го нарушат пребројувањето на гласовите во Изборниот колеџ, со кое официјално беше прогласена победата на Џо Бајден на претседателските избори од 3 ноември 2020 година.

По немирите се покажа дека некои од учесниците имале сегашни или поранешни врски со војската.

Во неодамнешното писмо до сите американски трупи, Здружениот Генералштаб им порача дека немирите од 6 јануари „не се во согласност со владеењето на правото“, додавајќи оти војниците „мора да бидат олицетворение на вредностите и идеалите на нацијата“.

Покрај распоредувањето на гардистите, блокиран е и поголемиот дел од центарот на градот, а околу Капитол е подигната безбедносна ограда со бодликава жица. Војниците на Националната гарда, кои носат маскирни униформи, вршат контрола на одредени пунктови, а големи воени возила го блокираат пристапот кон улицата.

Тензиите се проширија и надвор од Вашингтон, во некои главни градови на сојузни држави, во кои вчера беа одржани демонстрации, иако собирите беа мали и не беше пријавено насилство.

Многумина од најжестоките поддржувачи на Трамп веруваат во неговите тврдења дека тој победил на изборите. Но, овие тврдења беа отфрлени десетици пати во различни американски судови, вклучувајќи и некои со судии назначени од Трамп, а случаите покренати од правниот тим на Трамп два пати беа отфрлени и во Врховниот суд.

Властите во главните градови на неколку сојузни држави ја повикаа Националната гарда и го зајакнаа обезбедувањето со огради и бариери во близина на зградите на власта, за да се справат со какви било немири пред инаугурацијата.

Безбедносните сили вчера биле побројни од демонстрантите во неколку клучни држави, каде што протестираа приврзаници на Трамп.

„Денеска немаше ништо и драго ни е што беше така“, изјави Трој Томпсон, портпарол на агенцијата што ја обезбедува зградата на властите во Пенсилванија.

Слични мали групи демонстранти, некои вооружени со пушки и друго оружје, се собрале и во главниот град на Мичиген, Лансинг.

Во Колумбус, Охајо, дваесетина лица, меѓу кои неколку со пушки, протестирале меѓу силни трупи на државата, но се разотишле кога почнал да паѓа снег.

Гувернерот на Охајо, републиканецот Мајк ДеВајн, изјави дека е среќен што настанот бил мирен, но додаде дека властите „и натаму се загрижени поради потенцијални насилства во наредните денови, па затоа ќе го одржуваме високото ниво на безбедност до претседателската инаугурација“.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG