Достапни линкови

Евтини акции на прагот на НАТО


Кремљ на два ума за Западен Балкан во НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:50 0:00

Кремљ на два ума за Западен Балкан во НАТО

Рускиот претседател Путин, пред лондонскиот Самит на НАТО, рече дека ширењето на Алијансата е закана за Русија, а аналитичарите Максим Саморуков и Симеон Костадиновски велат дека, иако се очекува Москва да го намали интересот за Македонија, тоа нема да значи дека ќе му го препуштат регионот на НАТО.

Како што Северна Македонија го пречекорува прагот на НАТО, така во Кремљ се отвора дилемата дали да ја удвои својата акција за политичко влијание или да се откаже, вели политичкиот аналитичар Максим Саморуков. Според него, геополитичката неизвесност во Западен Балкан ѝ одговара на Русија. На т.н. Седма недела на НАТО, која се одржа пред минатонеделниот лондонски Самит на Алијансата, Саморуков анализираше: Русија го свртува вниманието кон регионот само кога локалните кризи овозможуваат таа да направи некоја евтина интервенција.

„Геополитичката неизвесност во која моментно се наоѓа регионот е идеален за Русија. Ова не значи ниту целосна стабилизација, ниту целосна дестабилизација, туку нешто помеѓу нив. Русија не сака да се решат замрзнатите конфликти на Балканот, бидејќи замрзнатите конфликти го одржуваат Западен Балкан подалеку од НАТО и Европската унија. Но Русија, исто така, не сака тие конфликти да станат активни, бидејќи има своја црвена линија“, изјави Саморуков за Радио Слободна Европа.

Намалениот интерес не значи предавање

Токму заради тоа, но и поради тоа што влезот на Скопје е речиси завршена работа, Кремљ може, како што вели Саморуков, да го намали интересот за Северна Македонија, но тоа не значи дека го препушти регионот на НАТО.

„Со оглед на тоа што приемот се чини дека е сработен договор, Русија може да изгуби интерес за Северна Македонија. Економската соработка меѓу двете држави е слаба, а политичкото партнерство е тешко возможно по договорот за името. Јавните изјави на Русија за македонските прашања се се поретки и помалку агресивни, а осудата на Македонија за пристапувањето во НАТО, Москва ја префрли на Брисел - дека тој ги влече балканските земји во Алијансата“, анализираше Саморуков на Седмата НАТО недела.

Ставот на официјална Москва е дека проширувањето на НАТО е закана за безбедноста и на Русија и на Европа, што минатата недела го повтори и рускиот претседател Владимир Путин, кога додаде дека се надева дека ќе преовлада заедничкиот интерес за заедничка безбедност.

Дел од македонските политиколози, меѓу кои и Симеон Костадиновски, се сложуваат дека нема да има нагло повлекување на Москва и дека таа ќе продолжи да игра на картата опортунизам.

„Стара тактика на Кремљ е да се искористи секоја шанса. Па така и во македонскиот случај, секое забавување на патот кон Запад ќе биде прилика за Москва, дали со понуди за енергетски инвестиции, дали преку мека моќ или со хибридна војна, сеедно, таа нема да се повлече. Порано во такви случаи Русија се потпираше на националистичките структури во Македонија, но сега тоа не е толку извесно, но затоа пак има помодерни начини“, смета Костадиновски.

На Москва не и се трошат многу пари

Дека од Москва ќе се игра опортунистички се сложува и Саморуков, но според неговите најнови анализи, Кремљ не е подготвен да потроши многу пари за акција во Македонија.

„Со оглед на тоа што Западен Балкан е паднат пониско на руската листа на приоритети, се чини дека Русија веќе го свртува вниманието кон регионот само кога локалните кризи овозможуваат таа да направи некоја евтина интервенција“, вели Саморуков.

Тој очекува дека односите Москва-Скопје, кога е во прашање членството во НАТО, во иднина да се одвиваат како што беше случај кога Црна Гора влезе во НАТО во 2017 година кога Русија на прави промена од силна национална опозиција кон игнорираше на зачленувањето во Алијансата.

XS
SM
MD
LG