Достапни линкови

Автобуската трагедија – главна тема во дневниот печат


 Автобус се преврте на автопатот Скопје - Тетово
Автобус се преврте на автопатот Скопје - Тетово

Сообраќајната несреќа со гостиварскиот автобус во која загинаа 14 луѓе, а десетици се повредени е главна тема во сите дневни весници во земјава. Тие пишуваат и за поставувањето на табли со новото име на земјава – Република Северна Македонија на граничните премини.

Денеска и утре денови на жалост во земјава, а во Гостивар и в сабота ќе биде ден на жалост, објавија сите електронски изданија на печатените медиуми по трагичната сообраќајна несреќа на гостиварскиот автобус во која загинаа 14-мина патници. Независен објави дека „Телата се идентификуваат, СДСМ потврди дека еден од починатите е син на нивни пратеник“. Вечер објави: „Македонија се солидаризира: Се нудат облека, храна и крв по социјалните мрежи“. „Несреќата го потресе регионот! Бугарскиот премиер Бојко Борисов и премиерот на Албанија, Еди Рама се јавија со изрази на сочувство до семејствата на загинатите“, објави исто така порталот на Вечер, а Нова Македонија и Независен информираа и за изразеното сочувство од грчкото МНР.

Нова Македонија нотира: „Поставена првата табла со новото име на ’Богородица‘“ и „Поставени табли со новото име и на граничниот премин кај Делчево“. Вечер со следниов наслов: „’Северна‘ стигна на јужната граница“. Печатеното издание на Независен на насловната забележува: „Разединети под знамето на НАТО“, информирајќи дека на церемонијата на кревање на знамето на Алијансата пред Владата не присуствувале претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов и поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Нова Македонија наслови: „Република Северна Македонија прв пат на заедничка маса со сојузниците од НАТО – Првата таква можност ја имаше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска“. Слободен печат и Нова Македонија објавија дека „ОН го добија писмото од Владата за новото име на земјата, Република Северна Македонија“.

Слободен печат ја пренесува и дописничката на МИА од Атина која информира за реакциите на грчките медиуми за церемонијата на кревање на знамето на НАТО во Скопје и за новото име на државава, и дека Комитетот за Нобел во Норвешка официјално соопштил дека меѓу кандидатите за Нобеловата награда за мир за оваа година се премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Нова Македонија го објавува соопштението на Народна банка на Македонија: „Економијата продолжува да закрепнува, во третиот квартал од 2018 година растот над очекуваното – 3%, а податоците покажуваат поволни поместувања во економијата и во четвртиот квартал“.

Откако јавноста и социјалните мрежи зовреа по информациите дека функционери на СДСМ вработуваат свои блиски и роднини во државните фирми, „Заев ќе побара од роднините на функционерите да дадат отказ од државните институции“, пренесе Вечер дел од разговорот на министерот за јавна администрација, Дамјан Манчевски за ТВ Телма.

Нова Македонија информира за иницијативата на новоизбраната Државна комисија за спречување на корупција: „Комисијата ја побара сета документација за да ги испитува последните вработувања на лицата блиски до функционери“.

„СДСМ одлучи: Нема предвремени парламентарни избори заедно со претседателските“ – објавија порталите на Слободен печат и Независен.

„Се зголемува бројот на заболени од морбили, изјави епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје“ – објави Независен. Караџовски апелира до родителите на невакцинираните деца да ги вакцинираат и дека „Вакцината е коректна, имуногена и проверена во Европа и не постои ризик од каква било реакција“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG