Достапни линкови

14 починати по излетувањето на автобусот во провалија кај Карпалак


Четиринаесет патници починаа, а над 25 се повредени откако автобус со 50-ина патници излета на патот Скопје - Тетово и се превртел во провалија кај селото Ласкарци, во близина на Карпалак.

Бројот на загинати и повредени го потврдија и премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Според него, седуммина настрадале на лице место, а другите починале на клиниките по неуспешните обиди да бидат реанимирани и спасени. Во скопската болница 8-ми Септември биле однесени 25 патници, а на скопските клиники петмина повредени.

„Во ГОБ 8 Септември се примени 25 пациенти од кои 22 се хоспитализирани, 4 се на интензивна нега, двајца се подготвуваат за хируршка интервенција. Во ургентниот центар се примени пет пациенти, тројца се полесно повредени, меѓу кои и една бремена жена која ќе биде пуштена на домашно лекување, едно лице се подготвува за хирирушка интервенција, а едно е во тешка животно загрозувачка состојба“, изјави министерот Филипче од Градската општа болница „8 Септември“.

Една пациентка била згрижена во старата скопска Градска болница.

Министерството за здравство соопшти дека има доволно крв за настраданите во сообраќајната несреќа, и дека ако има потреба ќе ги повика доброволните дарители на крв да помогнат.

Во спасувањето на патниците учествувале голем број пожарникарски и медицински екипи, а на самото весто веднаш по несеќата биле упатени сите амбулантни возила на Здравствен дом Скопје и на приватните скопски болници Систина и Неуромедика.

Министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека полицијата разговарала со возачот на автобусот и дека јавен обвинител излегол за увид на местото на несреќата.

Според објавата на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, на неговиот профил на Фејсбук, најголем дел од патниците во автобусот биле од Гостивар.

Според очевидци, до несреќата дошло кога на автобусот му пукнала гума, поради што возачот изгубил контрола, преминал на спротивната коловозна лента каде ја пробил заштитната ограда и се превртел во провалијата.

XS
SM
MD
LG