Достапни линкови

Вести

Владејачката партија во Узбекистан оди кон парламентарна победа

Узбекистан - Шавкат Мирзијоев, претседател на Узбекистан
Узбекистан - Шавкат Мирзијоев, претседател на Узбекистан

Владејачката партија во Узбекистан лојална на претседателот Шавкат Мирзијоев тргна кон лесна победа на парламентарните избори во земјата, според прелиминарните резултати објавени од изборните власти на 27 октомври.

Централната изборна комисија соопшти дека Либерално-демократската партија на Мирзијоев би можела да заземе 64 места од 150 места во Долниот дом на парламентот, и покрај неодамнешните реформи и предвидувањата на претседателот дека изборите ќе бидат „силно оспорувани“.

Сепак, изборите се одржаа без регистрирани опозициски партии. Според експертите, единствената конкуренција со која се соочила владејачката партија биле четири партии блиски до претседателот.

Сите пет партии-учеснички на изборите го поминаа прагот на гласање потребен за парламентарно претставување.

Централната изборна комисија соопшти дека одѕивот на гласачите бил речиси 75 отсто, што е повеќе од доволно за властите да ги сметаат изборите за успешни.

Набљудувачки тим од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во својата првична оценка на 28 октомври, рече дека „со оглед на проблемите што ги идентификуваа нашите набљудувачи за време на вчерашното гласање, пребројување и сумирање, мора да се направи многу повеќе за да се унапреди транспарентноста и довербата во официјално објавените резултати и процент на излезност“.

Ова беше пробно гласање за новиот мешан изборен систем, резултат на ревизијата на Уставот и на Изборниот закон на Узбекистан. Според измените, само половина од 150 пратеници во парламентот се избираат со гласање за политички партии. Останатите 75 кандидати се избираат поединечно.

Азај Гулиев, специјален координатор и лидер на тимот за краткорочни набљудувачи на ОБСЕ, рече дека иако реформите претставуваат напредок, „остануваат значајни предизвици во остварувањето на основните слободи, особено правото на здружување, мирно собирање и слободата на изразување“.

Узбекистанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) објави дека граѓаните на Узбекистан изразуваат загриженост поради слабиот одѕив на гласачите, и покрај тврдењата на официјалните лица за одзив од речиси 75 отсто.

На претседателските избори во Узбекистан во 2023 година, Мирзијоев освои трет мандат.

Мирзијоев стана претседател во 2016 година по смртта на долгогодишниот автократски лидер Ислам Каримов.

ЕК: Посетата на Орбан на Грузија е на ниво на билатерални односи

Виктор Орбан, премиер на Унгарија
Виктор Орбан, премиер на Унгарија

Денешна посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Грузија е во рамки на билатералните односи меѓу Будимпешта и Тбилиси и тој нема мандат да говори во име на ЕУ, порача денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Набила Масрали.

„Можам да кажам дека посетата на премиерот Орбан на градот Тбилиси е исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија. Премиерот Орбан нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ“, рече Масрали.

Таа најави дека прашањето за случувањата во Грузија ќе биде на дневен ред неформалниот Самит на ЕУ идната недела во Будимпешта, како и на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во ноември.

На прашање дали ЕУ ги признава резултатите од саботните избори во Грузија или не, Масрали не даде конкретен одговор, нагласувајќи дека Унијата бара да бидат разјаснети и решени наводите за неправилности на изборите.

„Не можеме да ги прејудицираме конечните резултати на овие истраги, но многу внимателно ќе го следиме целиот процес“, рече Масрали, посочувајќи на изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со изборите.

На прашање дали ЕУ смета дека исходот од изборите во Грузија е резултат на можна „специјална руска операција“ за мешање и влијание врз земјата, Масрали изјави дека Унијата внимателно ги следи ваквите појави, додеавајќи сека

„Во предизборната и изборната кампања бевме сведоци на нивоа на дезинформации без преседан и остра анти-ЕУ реторика. Она што можеме да го кажеме е дека некои од наративите користени во текот на оваа кампања беа јасно и директно инспирирани од руската пропаганда“, нагласи Масрали и додаде дека има докази дека Москва се обидела да се меша во изборите во Грузија.

Во врска со европската перспектива на Грузија, портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро истакна дека земјата има обврски поврзани со спроведување на реформите и усогласување со европското законодавство.

„Ситуацијата е многу јасна, многу добро знаете дека Европскиот совет практично го запре процесот на пристапување на Грузија поради демократското назадување што го видовме во последните месеци со одредени закони, за кои веќе ја изразивме нашата загриженост“, рече Писонеро.

Таа додаде дека станува збор за законите за странски агенти и за заштита на семејните вредности и малолетниците.

Мицкоски: Се надевам дека во Бугарија ќе се формира влада со која ќе го одблокираме нашиот пат кон ЕУ

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Коментирајќи ги изборите во Бугарија, македонскиот премиер Христијан Мицкоски истакна дека се надева дека во соседната државата ќе се формира влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на земјата во ЕУ.

Очекува Влада од најмалку три партнери, а за победата на партијата ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, повтори дека тие се од исто семејство, односно од Европската народна партија.

„Очекувам влада која што ќе има најмалку три партнери. Се надевам дека ќе има влада, дека ќе нема осми избори по ред и дека ќе можеме да седнеме и да најдеме решение да го одблокираме нашиот пат, патот на Македонија кон ЕУ, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по надзор во работата на автопатската делница Гостивар - Букојчани.

Премиерот викендов изјави дека не би можел да издвои кој би бил подобар соговорник во Софија, но дека логично е дека сака да победи партијата на Борко Борисов со која се дел од Европската народна партија.

„Не би можел да издвојам кој би бил подобар соговорник, но можам да кажам дека со партијата ГЕРБ која што ја води Борко Борисов сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам политичка партија која доаѓа од нашето семејство да победи на изборите“, рече Мицкоски.

Партија ГЕРБ на поранешниот премиер Борисов е победник на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми во последните три и пол години, според првичните прелиминарни резултати од гласањето.

ГЕРБ освои 25 отсто од гласовите, што е за околу 10 отсто повеќе од реформистичката коалиција на партијата „Промените продолжуваат“ и десничарската Демократска Бугарија.

Доколку првичните податоци се покажат како точни, Борисов ќе добие мандат да ја формира својата четврта влада, но ќе мора да бара коалициски партнери за формирање на кабинет.

НАТО потврди дека севернокорејски трупи се борат за Русија

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека воената алијанса потврдила дека севернокорејските трупи влегле во руската област Курск, која граничи со Украина.

Говорејќи во Брисел, денеска (28 октомври), Руте го нарече потегот „значајна ескалација“ на руската инвазија врз Украина и рече дека тоа го покажува „очајот“ на рускиот претседател Владимир Путин по губењето на повеќе од 600.000 војници во војната.

Деновиве Ројтерс јави дека Северна Кореја испратила 3000 војници во Русија за да ги поддржи силите на Кремљ во војната во Украина, а се очекува да следат уште илјадници.

Пјонгјанг вети дека ќе обезбеди околу 10.000 војници, кои се очекува да бидат распоредени до декември, изјавија јужнокорејските пратеници за новинарите откако беа информирани од националната разузнавачка агенција.

„Знаци на обука на војници во Северна Кореја беа откриени во септември и октомври. Се чини дека војниците сега се распоредени во повеќе објекти за обука во Русија и се прилагодуваат на локалната средина“, изјави по брифингот, Парк Сун-вон, членка на парламентарната комисија за разузнавање.

Кремљ ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за распоредување војници на Северна Кореја како „лажна вест“, а севернокорејскиот претставник во Обединетите нации во Њујорк ги нарече „неосновани гласини“.

И Москва и Пјонгјанг, исто така, негираа трансфер на оружје, но ветија дека ќе ги зајакнат воените врски, потпишувајќи договор за заемна одбрана на самитот во јуни.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така го обвини Пјонгјанг дека се подготвува да испрати 10.000 војници во Русија. Тој ги повика своите сојузници да одговорат на доказите за вмешаноста на Северна Кореја во руската војна.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави дека е можно повеќе од 3.000 севернокорејски војници сега да се испратени во Русија на обука.

Јапонскиот премиер Ишиба нема да поднесе оставка од функцијата

Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба
Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба

Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба изјави дека „несогласувањето“ и „лутината“ на гласачите довеле до тоа неговата Либерално-демократска партија (ЛДП) да не освои апсолутно мнозинство на изборите.

Но, Ишиба истакна дека нема да поднесе оставка и најави „фундаментални реформи“ во партијата, која е погодена од голем финансиски скандал.

Ишиба ја предводи јапонската Влада од почетокот на месецот, а распиша предвремени избори надевајќи се дека ќе ја зајакне власта и својата положба во ЛДП.

Според проекциите на националната телевизија НХК, ЛДП не освои апсолутно мнозинство од 233 места во парламентот, за прв пат од 2009 година.

Бројките покажуваат и дека владејачката коалиција составена од ЛДП и малата партија Комејто, исто така, не успеа да обезбеди контрола на половина од 465 места во Долниот дом на јапонскиот Парламент.

Според НХК, ЛДП освои 191 пратеник, а Комито 24 пратенички места.

Ишиба сега ќе мора да води малцинска влада, без апсолутно мнозинство во Парламентот, со ризик неговите закони да не поминат, или да бара нови коалициски партнери.

ЕУ бара да се проверат наводите за изборни нерегуларности во Грузија

Гласачко место на парламентарните избори во Грузија, 26 октомври 2024
Гласачко место на парламентарните избори во Грузија, 26 октомври 2024

Европската Унија ја повикува Централната изборна комисија на Грузија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност за брзо, транспарентно и независно испитување на наводите за изборни нерегуларности, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со парламентарните избори во земјата одржани во саботата (26 октомври).

„Тие неправилности мора да се разјаснат и решат. Тоа е неопходен чекор за повторно градење на довербата во изборниот процес“, наведува Борел во изјавата упатена во името на ЕУ.

Според Борел, ЕУ со внимание ги следи случувањата кои доведоа до парламентарните избори во Грузија и приврзаноста на грузискиот народ кон демократските вредности и европскиот пат на нивната земја покажани во текот на изминатите месеци.

„Конструктивниот и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар сега е најважен. Во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 17 октомври, ЕУ ја повикува Грузија да усвои демократски, сеопфатни и одржливи реформи, во согласност со основните принципи на европската интеграција“, додава Борел.

Тој посочува дека според прелиминарните наоди и заклучоци на Меѓународната мисија за набљудување на изборите, предводена од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), денот на изборите генерално бил процедурално добро организиран и администриран на уреден начин, но обележан со „тензична атмосфера, чести компромиси во тајноста на гласањето и неколку процедурални недоследности“, како и со извештаи за заплашување и притисок врз гласачите што негативно влијаеле на довербата на јавноста во процесот.

„Извештаите за притисок врз гласачите, особено врз вработените во јавниот сектор, останаа широко распространети во кампањата. Ова, заедно со широко распространетото следење на гласачите на денот на изборите, предизвика загриженост за можноста на некои гласачи да го дадат својот глас без страв од одмазда, наведува високиот претставник на ЕУ“, пренесувајќи делови од оценката на ОДИХР.

Според Борел, набљудувачите на изборите известуваат и за нерамноправни услови за игра, кампања на поделби во услови на поларизирана атмосфера и за значителна загриженост во врска со влијанието на неодамнешните законски измени врз изборниот процес.

Шефот на Иранската револуционерна гарда предупредува на „последици“ од израелските напади врз Иран

Хосеин Салами
Хосеин Салами

Техеран предупредува дека Израел може да очекува одмазда за неговиот неодамнешен напад врз иранските воени локации, иако според врховниот лидер на земјата Али Хаменеи се чини дека Иран не се обврзува да продолжи со одмазнички напади.

Хосеин Салами, врховен командант на моќниот корпус на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), на 28 октомври рече дека Израел ќе се соочи со „горчливи последици“ поради воздушните напади на иранска територија два дена претходно.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, исто така говорејќи на 28 октомври, рече дека Техеран ќе ги искористи сите достапни алатки за да одговори на нападот на Израел.

Израел соопшти дека успешно извршил „целни и прецизни“ одмазднички напади врз иранските воени локации на 26 октомври.

Експертите сугерираа дека нападите им дадоа на Израел и на Иран можен излез за да избегнат поширока регионална војна.

Иран соопшти дека добил предупредување од Израел пред нападите, последниот во серијата напади и напади меѓу Израел и Иран поврзани со тековната одмаздничка војна на Израел во Газа и улогата на Иран во поддршката на антиизраелските милитантни групи во регионот.

Иранските власти инсистираат на тоа дека иранската одбрана пресретнала повеќето проектили што Израел ги истрела на 26 октомври, но признаа дека четворица ирански воени офицери биле убиени во нападите.

Зборувајќи на 27 октомври пред семејствата на убиените ирански воени офицери, врховниот водач, ајатолахот Али Хаменеи, ја опиша израелската акција како „погрешна пресметка“, но не повика на ирански одговор.

Наместо тоа, Хаменеи ги повика владините претставници да ја „разберат способноста“ што ја има Иран и советуваше дека иако е погрешно да се „пренагласува“ влијанието на израелските напади, но дека е погрешно и да се „минимизираат“.

Командантот на ИРГЦ Салами беше цитиран од иранската полуофицијална новинска агенција Тасним дека воената акција на Израел „не успеала да ги постигне своите застрашувачки цели“.

Салами, исто така, рече дека нападите се индикативни за „погрешна пресметка и беспомошност“ од страна на Израел, додека тој продолжува да се бори со групите што ги поддржува Иран во Појасот Газа и во Либан.

Палестинската група Хамас е терористичка група назначена од САД и ЕУ која ја предизвика израелската војна во Газа со смртоносен напад врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Израел, исто така, започна воздушен напад и инвазија против Хезболах од јужен Либан, чиј дел го контролира. Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите Држави, додека ЕУ го стави на црната листа неговото вооружено крило, но не и на нејзината политичка партија.

Сателитски снимки од последиците од израелските напади врз Иран на 26 октомври сугерираат дека оштетиле објекти во воените бази кои во минатото биле поврзани со тајната нуклеарна програма на Иран и со неговата балистичка ракетна програма.

Иран не ја призна штетата, ниту во неговите воени бази во Парчин ниту во Хоџир, кои наводно биле цел.

Украински дронови погодиле фабрика за етанол во руската област Воронеж

Воронеж, Русија (архивска фотографија)
Воронеж, Русија (архивска фотографија)

Украински беспилотни летала гаѓаа фабрика за етанол во руската област Воронеж, предизвикувајќи пожар во еден од индустриските капацитети пришто е повредено едно лице, објавија руските канали на Телеграм.

Службите за итни случаи се испратени на местото на пожарот, изјави Александар Гушев, гувернер на Воронеж, област во јужна Русија, на својот канал за пораки Телеграм, пренесува Ројтерс.

Тој исто така рече дека околу десет украински беспилотни летала биле уништени или пресретнати над областа во неделата, при што остатоци паднале врз фабриката и предизвикале пожар.

Телеграмскиот канал „База Вијестије“, близок до руските безбедносни служби, објави дека во близина на фабриката „Етанол спирит“ во селото Красноје се слушнале две експлозии.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите. Засега нема коментари од Украина.

Киев често вели дека неговите напади со беспилотни летала во Русија се насочени кон инфраструктурата клучна за руските воени напори и се одговор на тековните напади на Москва на украинска територија.

Опозициските социјалдемократи победија на изборите во Литванија

илустрација
илустрација

Социјалдемократите се победници на вториот круг од парламентарните избори во Литванија, соопшти изборната комисија во Вилнус доцна синоќа (27 октомври), по пребројување на гласовите од речиси сите изборни окрузи.

Со 52 од вкупно 141 место во Сејмсот (парламентот), опозициската партија е на чекор до трансформација на владата на Литванија, јави ДПА.

Владејачката конзервативна партија „Татковинска унија“, предводена од премиерката Ингрида Шимоните, стана втора по големина партија со 28 пратенички места. Двете либерални коалициски партнери на конзервативците доживеаја пораз, при што една од нив не освои ниту едно место во парламентот.

Социјалдемократите сега се стремат да формираат централно-левичарска коалиција со две други опозициски партии.

По објавувањето на резултатите, лидерот на „Татковинска унија“, Габриелиус Ландсбергис, го призна поразот и им честиташе на социјалдемократите за успехот.

„Резултатите од изборите покажаа дека народот на Литванија, без разлика дали живее во градови, населени места или села, сака промени и му е потребна целосно поинаква влада“, изјави шефицата на Социјалдемократската партија, Вилија Блинкевичуте.

Како можни коалициски партнери на Социјалдемократите се разгледуваат централно-левичарската партија „За Литванија“ (14 места) и Унијата на фармерите и зелените (8 места). Оваа тричлена коалиција би имала тесно мнозинство во парламентот.

Новоформираната популистичка партија „Зората на Немун“ освои 20 места. Неколку помали партии и независни кандидати исто така успеаја да обезбедат места во Сејмсот.

Гласањето беше засенето од тековната војна во Украина и зголемените грижи за растот на трошоците за живот. Излезноста на гласачите во балтичката земја, која се граничи со руската ексклава Калининград и сојузникот на Москва, Белорусија, беше околу 41 отсто.

Победата на Социјалдемократите беше очекувана по анкетите и првиот круг на гласање пред две недели.

Москва тврди дека постигнала напредок во источна Украина

илустрација
илустрација

Руската војска тврди дека постигнала напредок во источна Украина, додека властите во Киев велат дека силите на Кремљ продолжиле со интензивните напади врз Херсон на 27 октомври, при што загинале најмалку двајца цивили.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, повторно се закани дека Кремљ ќе се „одмазди“ доколку западните сојузници му дозволат на Киев да користи оружје со долг дострел на руска територија.

„Се уште е рано да се зборува за тоа, но секако дека нашето воено министерство размислува за тоа и ќе предложи различни одговори“, изјави Путин за државната телевизија во изјава емитувана на 27 октомври.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе извесно време врши притисок врз западните партнери да му дозволат да користи ракети со долг дострел подлабоко во Русија за да ги таргетира локациите од кои се изведуваат напади врз украинските градови.

Западните сојузници досега не сакаа да користат такво оружје надвор од граничната област, стравувајќи од ескалација во која би можеле да бидат вклучени руските и силите на НАТО.

Руското Министерство за одбрана објави дека воените единици ја „ослободиле“ населбата Измаиливка, украинско село со околу 200 жители северно од индустрискиот центар Курахово во областа Доњецк.

Областа во источна Украина беше во фокусот на неодамнешните руски офанзиви долж линијата на фронтот на целосната инвазија, која се бореше речиси 33 месеци да постигне значителен напредок.

Во регионалниот центар Херсон, украинските власти објавија зголемени руски напади со беспилотни летала и ракети во и околу градот со 280 000 жители.

Регионалниот гувернер Олександар Прокудин на 27 октомври напиша на Телеграм дека едно лице загинало, а друго е хоспитализирано откако руски гранати ја погодиле областа во близина на градската пошта.

Во својот дневен брифинг на 27 октомври, украинската војска изјави дека „ситуацијата на фронтот останува тешка, додека непријателот ја користи својата супериорност во жива сила и опрема“.

Наведено е и дека украинската армија неутрализирала четири тенкови, 23 оклопни борбени возила, 39 артилериски системи, 73 беспилотни летала на оперативно и тактичко ниво, 100 автомобили и една единица специјална опрема.

Украинската страна тврди и дека руските сили изгубиле 1440 војници, но не прецизираше дали се убиени, ранети или заробени. Овие тврдења не можеа да се потврдат, а ниту една страна генерално не зборува за бројот на војници или количината на опрема што ја изгубиле.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG