Достапни линкови

Вести

Руте: Состојбата на Западен Балкан е загрижувачка

Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

НАТО смета дека ситуацијата во регионот на Западен Балкан е загрижувачка поради околностите во Босна и Херцеговина и во Косово, изјави денеска (16 октомври) генералниот секретар на Алијансата Марк Руте, предупредувајќи дека Русија ја охрабрува поделбата во овој регион.

„Ситуацијата на Западен Балкан сè уште е загрижувачка поради сецесионистичките закани во Босна и Херцеговина, како и поради кревката безбедносна ситуација во Косово и малиот напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина“, изјави генералниот секретар на НАТО.

Шефот на Алијансата предупреди дека Русија исто така се обидува да ги поткопа демократиите во регионот користејќи сајбер и хибридни закани, вклучително и дезинформации.

Русија, според Руте, „ги користи внатрешните ранливости за да предизвика поделби“.

На состанокот на министрите за одбрана на земјите од НАТО, што ќе се одржи на 17 и 18 октомври, ќе бидат анализирани мисиите на Алијансата во Косово и во Ирак.

Тоа ќе биде првиот министерски состанок со кој ќе претседава новоименуваниот секретар на алијансата, Марк Руте, кој ја презеде функцијата на 1 октомври од Јенс Столтенберг.

Пет работи што треба да ги знаете за новиот шеф на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Вработени во МВР сведочеа за убиството на Вања и Панче

Судскиот процес започна на 20 септември.
Судскиот процес започна на 20 септември.

Со сослушување сведочи, денеска (16 октомври) во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Како сведоци на рочиштето се појавија вработени во МВР кои биле ден од истрагата и потрагата по двете жртви кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, а чиј тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година.

Поранешниот началник од Велес, Ристо Самарџиев, во судница сведочеше дека телото на Жежовски го пронашле на непристапно место до е тешко да се дојде ако некој не го посочи конкретно. Тоа, според ексначалникот, го посочил еден од обвинетите, Велибор Манев.

„Велибор ни го кажа местото на настанот. Прво кажа дека тие се виновници за убиството на Вања, го кажа местото каде е убиена и закопана. После тоа го прашавме за Панче и ни кажа и за Панче, го земавме и нè однесе на местото на настанот. Тој го знаеше точното место каде што е закопан Панче“, рече Самарџиев.

Тој посочи дека обвинетиот Манев кажал оти лицето кое пукало бил првоосомничениот во случајот Љупчо Палевски.

Телото на Жежовски беше пронајдено во близина на Велес.

За тоа како било пронајдено телото на девојчето Вања во околината на Скопје, пак, претходно на рочиштето сведочеше поранешниот помошник-началник од скопската полиција, Музафер Каишиќ.

Тој бил првиот што контактирал со родителите на девојчето, кога се јавиле индиции дека Вања е киднапирана.

„Првата средба со родителите на Вања беше на денот на пријавување во вечерните часови. Тогаш ние директно се вклучивме во работата, отидовме да видиме што е сработено и што да се преземе. Тогаш родителите за прв пат ги видовме. Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене но и за колеги, после разговорот анализиравме беше конфузен, потиштен во многу изјави и многу работи кои ние го прашувавме“, сведочеше Каишиќ.

И тој во својот исказ кажа дека до телото на убиеното девојче ги однел Влатко Кешишов, уште еден од обвинетите во случајот.

Судскиот процес за двократното убиство започна на 20 септември. На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски – Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Денешното рочиште беше второ на кое се сослужуваа сведоци. На првото во понеделникот, 14 октомври, меѓу сведоците беше и мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска, која тврдеше дека не ги познава обвинетите за убиството. Таа сведочеше и дека таткото, кој сега е обвинет, веднаш се сомневал дека ќерка им е киднапирана.

Истиот ден сведочеа и ќерката и зетот на 74-годишниот Жежовски од Велес. Тие раскажаа дека го пријавиле исчезнувањето на велешанецот откако во неговиот дом наишле на запалена греалка и сијалица, а пензионерот го немало. Го немало ниту возилото „Цитроен“ кое, инаку, не го давал никому и имало голем багажен простор.

Грузија предупредува на лажни снимки за предизвикување немири пред изборите

Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.
Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Грузиските безбедносни претставници во средата издадоа предупредување за наводен план за дистрибуција на лажни видео и аудио снимки со цел да се предизвикаат немири пред парламентарните избори во оваа земја закажани за овој месец.

Грузиската служба за државна безбедност (СУС) соопшти дека политички поврзани групи, кои не ги идентификуваше јавно, се подготвуваат да објават лажни снимки од претставници на грузиската влада направени со помош на вештачка интелигенција и други напредни технологии, пренесе украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Предупредувањето доаѓа во време на засилени политички тензии во Грузија, особено по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ претходно оваа година, а го нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Во соопштението на СУС се наведува дека целта на лажните снимки е „да предизвикаат конфронтација меѓу различни гранки на власта и да се влошат нејзините односи со православната црква и западните партнери“.

СУС предупредува дека оние кои стојат зад планот имаат намера да ги прикажат лажни снимки како материјали кои протекле од самата СУС, со цел да ја дискредитираат службата и да сеат раздор во политичката структура на Грузија.

„Оваа провокација е дизајнирана да поттикне протести и да ја дестабилизира земјата заради политичка корист“, соопшти СУС, додавајќи дека внимателно ги следи активностите на инволвираните групи и ќе преземе правни мерки доколку е потребно.

Грузиските власти постојано изразуваат загриженост за потенцијалните обиди да се започне „обоена револуција“ слична на онаа позната како Евромајдан во Украина во 2014 година, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович, иако досега не се дадени конкретни докази во прилог на овие тврдења.

По усвојувањето на законот за „странски агенти“, Тбилиси беше критикуван за сè поблиските врски со Москва, додека Европската унија и САД изразија загриженост за падот на демократијата во Грузија.

Законот за „странски агенти“ беше широко критикуван дека е сличен на рускиот закон што се користи за задушување на слободата на медиумите и неистомислениците.

Во прилог на засилување на тензиите беше и тоа што претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили на 3 октомври потпиша закон за кој групите за човекови права, опозицијата и меѓународната заедница велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата.

Владејачката партија Грузиски сон, основана од грузискиот тајкун и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, наколет кон Русија, инсистира дека останува посветена на приклучувањето кон западните институции.

Граѓанското општество во Грузија, пак, со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.

Обвинителство: 16 цариници осомничени за примање поткуп

Илустрација.
Илустрација.

Вкупно 16 лица, како вработени во Царинската управа, се осомничени за кривичното дело примање поткуп, додека уште две други лица ќе се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Станува збор за лица кои работеле во царинските испостави „Ново Село“ и „Дојран“, а кои Обвинителството ги сомничи дека од март 2023, па се до вчера, 15 октомври 2024 година, со умисла извршиле повеќе кривични дејствија така што земале поткуп за да не пресметуваат увозни давачки на превозници.

„При вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки“, велат од ОЈО ГОКК.

Увезената стока, според обвинителството, осомничените цариници ја пуштале во слободен промет и на тој начин, си остварувале имотна корист за себе, а на штета на државниот буџет.

По повеќемесечна предистрага, вчера во Струмичко-гевгелискиот регион била спроведена акција под кодно име „Премин“ и биле извршени претреси на 26 локации, а од слобода биле лишени 14 царински службеници, еден пензиониран цариник и еден полицаец.

При претресите биле пронајдени и 50.000 евра кои, според обвинителството, биле земени од поткупот.

Целиот случај е отворен откако првично граѓанин поднел пријава против три лица.

По завршувањето на истрагата односно со наредбата за истрага, од ОЈО ГОКК велат дека бараат и Основниот кривичен суд Скопје да определи притвор за шестмина од осомничените, додека за останатите 10 бараат поблаги мерки – одземање на пасоши, забрана за напуштање на државата, како и забрана за определени работни активности.

На 16-те лица кои се осомничени за делото примање поткуп им се заканува затворска казна од четири до десет години.

За двете лица осомничени за злоупотреба на службената положба, пак, ќе се води скратена постапка бидејќи со последните измени на Кривичниот законик од септември лани, казната за ова дело е од шест месеци до три години затвор.

Маск стана мегадонатор: Даде 75 милиони долари за кампањата на Трамп

Трамп и Маск на митинг во Пенсилванија, 5 октомври 2024 г.
Трамп и Маск на митинг во Пенсилванија, 5 октомври 2024 г.

Американскиот милијардер Илон Маск дал околу 75 милиони долари на својата организација (America PAC) која се бори за победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Организацијата се обидува да го зголеми одѕивот на гласачите кои ќе го поддржат Трамп на изборите во клучните сојузни држави, а во периодот од јули до септември потрошила околу 72 милиони долари, покажуваат податоците доставени до Федералната изборна комисија на САД.

Тоа е повеќе од кој било друг донатор што сака да ги мотивира поддржувачите на Трамп да излезат на гласање, пишува Ројтерс.

Кампањата на Трамп во голема мера се потпира на надворешни групи за мотивација на гласачите, што значи дека организацијата на Маск – најбогатиот човек на светот, игра важна улога во изборната трка меѓу републиканскиот кандидат и неговата демократска ривалка Камала Харис.

Во објава на платформата Икс (поранешен Твитер), чиј сопственик е тој, Маск најави дека ќе „одржи серија разговори“ ширум Пенсилванија која се смета за клучна држава и за Трамп и за Харис.

Маск, кој рече дека претходно гласал за претседателските кандидати на Демократската партија, но на овие избори направи остар пресврт надесно. Тој го поддржа Трамп во јули и се појави со него на митинг во Пенсилванија претходно овој месец.

Донациите што ги дава за кампањата го сместуваат во ексклузивниот клуп на републикански мегадонатори, листа на која се наоѓаат и банкарскиот наследник Тимоти Мелон и Миријам Аделсон, сопственичката на казино и најбогатата личност со израелско државјанство.

Што ги разликува Харис и Трамп - американските претседателски кандидати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Претходно овој месец беше објавено дека Маск тајно финансирал конзервативна политичка група со години, долго пред јавно да го поддржи Доналд Трамп.

Од организацијата America PAC одбиле да ги коментираат донациите на Маск.

Маск не одговорил на барањето за коментар од новинската агенција Ројтерс.

Русија го намалува бројот на странци иако и недостига работна сила

Мигранти работници во Русија.
Мигранти работници во Русија.

Руската влада одобри мерка со која од 2025 речиси ќе се преполови квотата за дозволи за престој на странци. Ваквиот потег Москва го презема и покрај тоа што во последните десет години бројот на работници од странство падна на минимум што го влоши и така акутниот недостиг на работна сила.

Новата квота што ја постави Владата за следната година е 5.500 дозволи, во споредба со 10.600 во 2023 година.

Намалувањето на квотите за дозволи за престој, кои се распределуваат низ земјата врз основа на барања за нивно издавање, следува по влошувањето на расположението на руската јавност кон мигрантите. Околу 80 отсто од анкетираните Руси изразиле загриженост за големиот број мигранти, особено од Централна Азија и Кавказ.

Стотици илјади работници мигранти од тие области легално престојуваат во Русија со работни дозволи кои им овозможуваат да останат и да работат во земјата, но само на ограничен период. Со дозволите за престој, пак, се дозволува да останат во Русија со години.

Многу Руси имаат негативен став кон мигрантите од Централна Азија по терористичкиот напад на забавниот центар „Крокус Сити“ во близина на Москва во март, во кој загинаа 140 лица.

Неколку мажи од Централна Азија, главно од Таџикистан, беа уапсени под сомнение за вмешаност во нападот. Оттогаш, агенциите за спроведување на законот ги засилија акциите насочени кон мигрантските заедници.

Претходно оваа недела, комесарот за човекови права на Таџикистан, Умед Бобозода, изрази загриженост поради малтретирањето на таџикистанските мигранти во Русија по терористичкиот напад, обвинувајќи ги руските органи за спроведување на законот за користење нелегални методи, вклучително и физичко малтретирање и неоправдани притворања.

Некои работници мигранти од Централна Азија беа принудени да им се придружат на руските вооружени сили вклучени во инвазијата на Украина.

Бројот на издадени дозволи за престој во Русија се намалува од 2021 година. Тогаш имаше 39.000 дозволи.

Според податоците на руското Министерство за внатрешни работи, до средината на оваа година биле искористени само 20 отсто од планираните квоти за 2024 година.

Инаку, одлуката за намалување на квотите објавена денеска доаѓа еден ден откако Долниот дом на рускиот парламент усвои Закон со кој се заострува процесот за добивање дозволи за престој.

Странците во брак со руски државјани сега ќе треба да чекаат три години по венчавката за да се пријават, што е значителна промена од претходното правило кое дозволуваше веднаш да се поднесе апликација.

Мицкоски: Постои една Академија на науките и уметностите

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски порачува дека постои само една Академија на науките и уметностите и вели тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академици од различни етнички заедници.

Со ваква изјава премиерот излезе откако вчера (15 октомври) од Тетово беше најавено дека четири општини, во кои локалната власт е во рацете на владиниот коалициски партнер Вреди, ќе финансираат работење на Здружението на граѓани – Албанска академија на науките и уметностите.

Мицкоски не очекува ваквиот потег на Вреди да влијае негативно на владината коалиција.

„Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национални теми не се мој приоритет“, вели Мицкоски.

Премиерот, кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека советниците од оваа партија нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена. Станува збор за општините Тетово, Гостивар, Чаир и Желино.

„Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации. Повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад и тоа се темите за кои јас сакам разговарам. Теми коишто поларизираат или етнизираат не се теми во кои јас сакам д бидам соговорник. Претпоставувам тоа се дел од опозициските партии во Парламентот коишто ќе го зголемат или намалат својот рејтинг ако се разговара на оваа тема“, изјави Мицкоски на 16 октомври.

Против Албанската академија на науките и уметностите се и социјалдемократите. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, исто така, порача дека тие нема да поддржат „никаков паралелизам во институциите“. Тој смета дека е преседан да се создаваат „етнички чисти“ институции.

„Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството“, посочи Филипче.

И опозициската ДУИ реагираше на најавите кои дојдоа од Вреди за финансирањето на Албанската академија како невладина организација.

„Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде функционираат партиите на Вреди сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство“, изјави Фатон Ахмети од ДУИ.

Вчера во Тетово, градоначалниците на Тетово, Гостивар, Чаир и Желино имаа средба со претставници на ова здружение и најавија дека ќе го финансираат работењето на ова здружение.

Кремљ го отфрли „Планот за победа“ на Зеленски

Поглед на Кремљ, Русија
Поглед на Кремљ, Русија

Кремљ го отфрли „Планот за победа“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави пред украинскиот парламент и ја повика Украина „да се разбуди“.

„Единствениот мировен план што може да постои е киевскиот режим да сфати дека неговата политика е без перспектива и дека е неопходно да се разбуди, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.

Зеленски, претставувајќи го својот план за победа над Русија пред пратениците во Киев, се заложи за распоредување на ненуклеарни средства за одвраќање во Украина.

„Украина предлага распоредување на целосен сет мерки за ненуклеарно стратешко одвраќање на својата територија, кој ќе биде доволен за заштита од секоја воена закана од Русија“, рече Зеленски и додаде дека оваа точка е детално објаснета во „тајниот анекс“ на неговиот план за победа, кој е презентиран пред САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

Тој најави дека утре ќе замине на самитот на ЕУ за да го претстави својот план на покана од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Утре јавно ќе го претставам планот за победа на состанокот на Европскиот совет“, рече Зеленски во говорот пред украинскиот парламент во Киев.

Во говорот во Врховна Рада, Зеленски ги повика украинските партнери „да ги отстранат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија, како и на руската територија и на воената инфраструктура на непријателот“ и побара помош во опремувањето на резервните бригади.

Неговиот „план за победа“ од пет точки, во кој тој ја отфрли можноста за отстапување на украинска територија, исто така бара Киев да добие безусловна покана за членство во воената алијанса на НАТО, како и распоредување на стратешки ненуклеарен пакет за одвраќање во Украина.

Украинскиот претседател го презентираше планот во период кога Русија продолжува да врши притисок врз украинските градови и инфраструктура, додека нејзините сили напредуваат на исток кон клучниот логистички центар Покровск.

Во меѓувреме, на 16 октомври, Русија ја нападна Украина со 136 дронови и две наведувани ракети. Повеќето од нив се неутрализирани од системот за воздушна одбрана на Украина, објави украинското воздухопловство на Телеграм.

Педесет и едно беспилотно летало биле соборени над регионите Суми, Черкаси, Кировоград, Тернопил, Керсон, Харкив, Житомир, Доњецк, Дњепропетровск, Миколаев, Киев, Полтава, Чернигов и Чернопол, објавија воздухопловните сили, додавајќи дека уште 60 руски дронови биле неутрализирани.

Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле три украински беспилотни летала - два над Белгород и еден над регионот Воронеж.

Кривична пријава против три лица за пукањето во Чаир

Основно Јавно Обвинителство, Скопје
Основно Јавно Обвинителство, Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело - Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик против три лица. Тие се обвинети за оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир, по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.

Од нив, за двајца надлежниот јавен обвинител поднел предлог за определување мерка притвор до Основниот кривичен суд Скопје, додека еден осомничен во моментов е во бегство и е недостапен на органите на прогонот.

За уште едно лице, четврти учесник во инцидентот, за кое постојат првични сознанија дека со акт на оружено насилство предизвикал тешка телесна повреда - прострелна рана кај оштетениот, во тек е постапка за прибирање докази.

Тој осомничен во моментот е на издржување затворска казна за друго дело во КПУ „Идризово“, соопштија од Обвинителството.

Пред два дена во градската општа болница „Свети Наум Охридски“ беше пријавен 35-годишен маж со прострелна рана во ногата. Повредениот Е. А. (35) од Скопје бил нападнат додека се движел пеш по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“, информираа тогаш од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според МВР, повредениот во болница го донел неговиот брат. Тој на полицијата и појаснил дека повредениот се движел по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Скопје кога му се приближило едно лице и му пукало во ногата.

Пред десет дена во Чаир исто така имаше пукање, во кое беше повредено едно лице.

Филков тврди дека документот од Оценската мисија на ЕК е земен од Лога

Игор Филков, министер за правда на РСМ
Игор Филков, министер за правда на РСМ

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција информираше дека документот со препораките од Оценската мисија на Европската комисија бил земен од претходниот министер за правда, Кренар Лога. Нагласи дека за ова во тек е постапка и дека ќе се бара одговорност.

„Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеење на правото. Голем предизвик во реализација на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценската мисија на Европската Комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана информација, истиот бил земен од мојот претходник, заради што Министерството не располага со истиот“, појасни Филков.

Како резултат на тоа, тие биле принудени да се потпираат на електронски верзии, само на дел од документот што ги содржи исклучиво препораките без соодветните образложенија и официјалниот допис на Европската Комисија.

Осврнувајќи се на сработеното во првите 100 дена, Филков посочи дека го презел Министерството без примопредавање и со испразнет кабинет од потребната документација, но со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, секој во количина од над 200 парчиња. Фактурата за сите овие работи била во износ од 956 илјади денари, но неплатена.

„Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси. Непостоење на евиденција за добивање и користење мобилни телефонски уреди, лаптопи и електрични скутери од страна на провајдерот, што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата - Министерство за правда. Нефункционален возен парк. И слободно можам да кажам девастирана функционалност на самото Министерство“, рече Филков.

Додаде дека затекнал целосно празни подрачни одделенија на Министерството во Скопје, а во централниот и источниот дел од државата бројни необработени предмети за бесплатна правна помош и несоодветни услови за работа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG