Достапни линкови

Вести

Вучиќ: Предложениот закон за забрана за ископ на литиум е „неписмен и глупав“

Александар Вучиќ, претседател на Србија
Александар Вучиќ, претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ, предлог законот за забрана за ископ на литиум, кој опозицијата го испрати до Собранието на Србија, го оцени како „имбецилен, неписмен и глупав“.

Ова Вучиќ го изјави на 20 септември, обраќајќи им се на новинарите за време на демонстрацијата на способностите на српските вооружени сили „Знаме 2024“ на воениот аеродром во Батајница.

„Никој не може да го објасни тоа, дури ни тие што го напишале. Законот е буквално имбецилен. Ги пренесоа зборовите на луѓе од Твитер (сегашната мрежа Х). Дали разбирате дека некој му предложил таков закон на Собранието? На страна што е неписмено подготвен, на страна што е глупав, немам зборови“, рече Вучиќ.

Дел од опозицијата во Србија на 10 септември до Собранието поднесе предлог за измена на законот со кој се бара забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор. Пратениците од опозицијата побараа вонредна седница на парламентот на која ќе се расправа за нивниот предлог.

Предлог-законот со кој се забранува ископ на литиум, како што беше најавено на седницата на колегиумот на Собранието, пратениците ќе расправаат на посебна седница, која ќе се одржи по седницата закажана за 23 септември, кога ќе биде ребалансот на буџетот на агендата.

Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ претходно најави дека предлогот на опозицијата за литиумот ќе се најде на дневен ред на Собранието до крајот на септември.

Илјадници демонстранти ја блокираа белградската железница
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Иницијативата за забрана на литиумот доаѓа откако Владата на Србија летово го обнови планот на меѓународниот рударски гигант Рио Тинто за отворање рудник во долината Јадар во западна Србија. Иницијативата на опозицијата ја поддржаа Алијансата на еколошките организации на Србија и здружението „Не го даваме Јадар“, кое организираше протести против ископувањето на литиум, како и опозициското движење „Крени-промени“ кое нема претставници во републичкото собрание.

Од крајот на јуни, во околу 50 градови низ Србија беа организирани протести против ископувањето на литиум во Лозница, на западот на земјата, во близина на која меѓународниот рударски гигант Рио Тинто планира да отвори рудник. Дел од граѓаните и еколошките активисти се против експлоатација на литиум и бор поради, како што наведоа, голем ризик за животната средина.

Владата на Србија во последните месеци одлучи да продолжи со изградбата на рудникот Рио Тинта и да го „оживее“, иако беше стопиран пред две години, под притисок на еколошките протести.

„Рио Тинто“ претходно во својот одговор до Радио Слободна Европа изјави дека „домашни и меѓународни експерти потврдиле дека проектот „Јадар“ може да се реализира безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“.

Москва остро реагира на најавите за дополнителна помош од ЕУ за Украина

Кремљ и зградaта на руското Министерство за надворешни работи во Москва, Русија, 18 септември 2024
Кремљ и зградaта на руското Министерство за надворешни работи во Москва, Русија, 18 септември 2024

Руското Министерство за надворешни работи на 20 септември остро реагираше на веста дека Европската Унија издвојува дополнителни средства за воена помош за Украина.

Германија треба да одобри близу 400 милиони евра дополнителна воена помош за Украина поради руската инвазија, се вели во писмото на Министерството за финансии, во кој имаше увид Ројтерс.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во четвртокот (19 септември) рече дека 160 милиони евра од замрзнати руски средства ќе бидат пренасочени за да се задоволат итните хуманитарни потреби на Украина оваа зима.

Русија затвори околу 9 гигавати од енергетската инфраструктура на Украина, за која Фон дер Лајен рече дека е „еквивалент на моќта на три балтички држави“.

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова го повтори тврдењето дека ЕУ ја изгубила својата автономија и е подредена на целите на Вашингтон.

„Сега ЕУ го изгуби умот и ја парализираше својата волја за да продолжи да го следи конфронтацискиот, а за ЕУ, самоубиствен курс. Тоа е курс на ескалација на тензиите со Русија“, рече Захарова.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров нема да се сретне со својот американски колега Ентони Блинкен иако и двајцата ќе присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк овој викенд, објави Москва на 20 септември.

Тензиите меѓу Русија и САД се влошија во последните две и пол години откако Москва ја започна својата воена офанзива против Украина, а Вашингтон во моментов размислува дали да и даде зелено светло на Украина за напад на цели во Русија.

Повеќе од 130 шефови на држави и владини претставници се очекува да присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк во недела, во време кога Меѓународната заедница се чини дека не може да ги регулира конфликтите во Украина, Газа, Либан и Судан.

Терминалот за течен гас во Александруполи почнува со работа на 1 октомври

илустрација
илустрација

Комерцијалната работа на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи преку кој низа земји, меѓу кои и Северна Македонија, ќе се снабдуваат со природен гас ќе започне на 1 октомври годинава, јави дописничката на МИА од Атина.

Извршниот директор на „Гастрејд“, компанијата-оператор на проектот, Костис Сифнеос, заедно со амбасадорите во Грција на земјите-членки на Европската Унија и на Швајцарија и Норвешка го посетиле терминалот и како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, биле информирани за начинот на функционирање, за стратешките цели, како и за геополитичката важност.

Посетата на амбасадорите била на иницијатива на унгарската амбасада во Атина, со оглед на тоа што Унгарија е актуелен претседавач со Европската Унија. Од „Гастрејд“ на почетокот на месецов соопштија дека комерцијалното работење на терминалот доаѓа „по успешното завршување на сите тестови за пуштање во употреба“.

На средината на декември минатата година во Александруполи пристигна специјално адаптираниот танкер „Александруполис“, односно пловната единица за складирање и регасификација (FSRU) што воедно, во голема мера, го означи финализирањето на изградбата на регионалниот проект.

Пловната единица се очекува да испорачува природен гас до грчкиот преносен систем и од таму до крајните потрошувачи во Грција, Бугарија, Романија, Северна Македонија, Србија и понатаму до Молдавија и Украина на исток и Унгарија и Словачка на запад и да има максимален одржлив капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно.

Проектот е кофинансиран од средства на Европскиот фонд за регионален развој на Европската Унија преку Оперативната програма „Конкурентност, претприемништво и Иновации“ во рамките на НСРФ 2014-2020 година.

Во мај 2022 година во присуство на тогашните премиери на Северна Македонија, Грција, Бугарија, на претседателот на Србија, како и на претседателот на Европскиот совет во Александруполи се одржа свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG).

На крајот на март 2021 година, Северна Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани Меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со компании од Грција,

Тогаш, од тогашната македонска Влада соопштија дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“.

Бугарската фирма не е поврзана со смртоносните уреди испратени до Хезболах

В.д. премиерот на Бугарија, Димитар Главчев
В.д. премиерот на Бугарија, Димитар Главчев

Бугарските власти соопштија дека компанијата „Норта Глобал“ со седиште во Софија нема никаква врска со испораката кон либанската милитантна група Хезболах на комуникациски уреди што експлодираа.

Стотици пејџери и воки-токи експлодираа низ Либан во вторникот и средата, при што загинаа најмалку 37 луѓе, а ранети се речиси три илјади.

Хезболах и неколку меѓународни медиумски организации го обвинија Израел за саботажа на електронските уреди. Израел не даде никаков јавен коментар.

Според в.д. премиерот на Бугарија, Димитар Главчев, случајот не може да има влијание врз надворешната политика на Бугарија. Компанијата е во сопственост на норвешки државјанин кој никогаш не стапнал во Бугарија, изјави техничкиот премиер. Според него, нема потреба да се свика Советот за безбедност на Советот на министри.

„По проверките, неспорно е утврдено дека ниту една комуникациска опрема што одговара на онаа што експлодираше на 17 септември, не била увезена, извезена или произведена во Бугарија“, соопшти Агенцијата за национална безбедност (САНС).

САНС во четвртокот објави дека покренала истрага откако унгарската веб-страница Телекс објави дека „Норта Глобал“, компанија регистрирана во Софија од Норвежанец, ги увезла уредите и потоа му ги доставила на Хезболах.

САНС соопшти дека компанијата и нејзиниот сопственик „не извршиле никакви трансакции поврзани со продажба или купување на стоката“ или дека „спаѓаат под законите за финансирање тероризам“.

„Норта Глобал“, која беше основана во април 2022 година од Ринсон Хозе, минатата година објави приход од 650.000 евра (725.000 американски долари) за консултантски активности надвор од Европската Унија.

Таравари: Одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана

Арбен Таравари
Арбен Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана, додавајќи дека „не ни требаат вакви тензични состојби“.

Според Таравари, владината коалиција имала договор прво да се донесе Законот за правична застапеност на сите заедници, меѓутоа не само етничка припадност, туку и за други категории.

Законот, како што рече, треба да се синхронизира со партнерите од коалицијата и да се пушти во парламентот.

„Уставниот суд, за жал, се судии кои што се избрани и иако судиите треба да бидат неутрални. Меѓутоа, мислам дека не ни требаат вакви тензични состојби во овој период. Напротив, ние и така имавме договор со ВМРО-ДПМНЕ пред да почне коалицијата дека треба да се договориме за Законот за правична застапеност на сите заедници и потоа „балансерот“. Меѓутоа, некако се избрза. Некој можеби сакаше да се зборува за ова и да се дефокусира од другите побитни теми“, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по потпишување на договорот за грант меѓу Јапонската амбасадаа и Универзитетската Клиника за детски болести.

Тој останува на ставот дека „балансерот“ била добра алатка, меѓутоа во последно време доста злоупотребена.

Деновиве Уставниот суд одлучи да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, балансерот ќе биде „замрзнат“.

Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Дарко Костадиновски, нагласи дека апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Украина прв пат учествуваше во вежба на НАТО за борба со дронови

илустрација
илустрација

Украина за првпат учествуваше во вежбата со беспилотни летала на НАТО, што се одржа од 10 до 20 септември во Холандија, соопшти прес-службата на Алијансата.

Повеќе од 450 претставници од 19 земји на НАТО и три земји партнери учествуваа на годишната вежба, на која беше тестирана техничката интероперабилност на мерките за спротивставување на беспилотни летала.

„За првпат Украина учествува заедно со претставници на приватниот сектор и научната заедница“, соопшти прес-службата на НАТО, додавајќи дека сојузниците тестирале повеќе од 60 системи и технологии како што се сензори, системи за водење беспилотни летала, заглавувачи и кибер-пресретнувачи.

Учеството на Украина е усогласено со Патоказот за иновативна соработка меѓу НАТО и Украина, одобрен на Самитот на Алијансата во Вашингтон.

Почна судењето за двојното убиство на Вања и Панче, обвинетите негираат вина

Обвинетите за двојното убиство на Вања и Панче во судница, Кривичен суд Скопје, 20 септември 2024
Обвинетите за двојното убиство на Вања и Панче во судница, Кривичен суд Скопје, 20 септември 2024

Обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска (20 септември) седнаа на обвинителна клупа во судница и сите негираа вина за делата за кои се товарат.

На почетокот од судењето, обвинителката во овој предмет Жаклина Крстевска-Јосифовска посочи дека мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска побарала исклучување на јавноста и судење зад затворени врати. Според неа, мајката на Вања сакала да го заштити нејзиниот приватен живот, но и животот на втората ќерка, а притоа, и здравјето оти медиумските известувања за овој случај и влијаеле.

Сепак Судот, не го прифати ова барање и судењето продолжи.

Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски-Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија. Тој беше директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор. Подоцна беше изнесен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд кој му определи уште 30 дена притвор.

Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје месецов донесе одлука за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски -Палчо.

На 22 ноември 2023 година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Постигнат договор за испуштање на радиоактивна вода од Фукушима

илустрација
илустрација

Кина и Јапонија постигнаа консензус за испуштање на радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

„Двете страни се согласија дека Јапонија треба да воспостави долгорочен меѓународен аранжман за мониторинг и да им овозможи на заинтересираните страни да спроведат независно тестирање и мониторинг“, се вели во соопштението на Министерството.

Се нагласува дека Кина за време на разговорите нагласила дека прво треба да се изврши независно тестирање пред „постепено“ да продолжи каков било увоз на јапонски производи од морска храна.

Пред десетина дена, јапонската компанија за дистрибуција на електрична енергија (ТЕПКО) го рестартираше пробното отстранување на остатоците од нуклеарно гориво од нуклеарната централа Фукушима.

Подготвителната работа, прва од ваков вид откако моќното цунами ја уништи централата во 2011 година, беше прекината на 22 август поради грешка во инсталацијата на опремата за екстракција, а на 6 септември ТЕПКО ги заврши проверките пред повторното стартување.

Работата за отстранување на отпадот, кој се состои од нуклеарно гориво и делови од инфраструктурата на централата, а се проценува на околу 880 тони, првично требаше да почне во 2021 година, но беше одложена поради пандемијата на коронавирус.

Во август минатата година, ТЕПКО почна да испушта прочистена радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима, по што Кина воведе забрана за увоз на јапонски морски плодови.

Мировниците на ОН во Либан повикуваат на итна деескалација

Мировните сили на ОН на границата меѓу Либан и Израел, август 2023 година
Мировните сили на ОН на границата меѓу Либан и Израел, август 2023 година

Мировните сили на Обединетите нации (ОН) во јужен Либан повикаа на деескалација на непријателствата на либанско-израелската граница, каде што Израел и Хезболах, поддржан од Иран разменуваат оган речиси една година.

Силите на ОН беа сведоци на „големо интензивирање на непријателствата преку Сината линија“ и низ нивната област на операции, рече портпаролот Андреа Тененти.

„Загрижени сме поради зголемената ескалација преку Сината линија и ги повикуваме сите актери веднаш да ја деескалираат ситуацијата“, рече тој.

Сината линија се однесува на границата меѓу Либан и Израел.

Израел таргетира неколку цели во Либан.

Доцна на 19 септември, израелските воени авиони ги изведоа најинтензивните напади врз јужен Либан во судирите откако во нападите оваа недела беа разнесени илјадници пејџери и воки-токи што ги користи Хезболах, при што загинаа најмалку 37 луѓе, а илјадници беа ранети.

Зеленски: Околу 40 000 руски војници се пренасочени од Украина кон Курск

Володомир Зеленски
Володомир Зеленски

Околу 40 000 руски војници се пренасочени од украинскиот фронт во правец на Курск, изјави синоќа претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Веќе успеавме да пренасочиме околу 40.000 руски воен персонал во таа насока. Им благодарам на сите наши борбени бригади, на секој војник, наредник, на секој командант за нивната храброст“, рече тој.

Според него, украинските сили го намалиле потенцијалот на руските војници да извршат напади во регионот на Доњецк, но тој посочи дека ситуацијата се уште е тешка во близина на градовите Покровск и Курахов.

Во последниве недели, Русија тврдеше дека вратила неколку села заземени од украинските сили за време на ненадејниот упад на руска територија што започна на почетокот на август. Се верува дека Украина контролирала околу 1300 квадратни километри во областа Курск што се граничи со североисточна Украина.

Локалните руски цивили во регионот Курск во неизвесност по упадот на украинците
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Володимир Зеленски претходно изјави дека Киев нема намера да ја задржи руската територија, но дека упадот и дава на Украина повеќе простор во можните мировни преговори и дека заробените руски војници ќе се користат за размена на затвореници.

Од почетокот на упадот на 6 август, се случија три вакви размени на руски и украински војници.

Во доцните ноќни обраќања во четвртокот (19 септември), Зеленски рече дека украинските сили ја намалиле способноста на руските трупи да вршат напади во регионот Доњецк на источниот фронт.

Зеленски рече дека руските сили го нападнаа регионот Суми во четвртокот, погодувајќи старечки дом.

Во нападот едно лице загина, а 12 се ранети, објави Државната служба за вонредни состојби на Телеграм. Во нападот делумно е уништен петтиот кат од зградата, а искршени се прозорците од приземјето. Повеќе од 140 луѓе мораа да бидат евакуирани, според службите за итни случаи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG