Достапни линкови

Вести

Повеќе од 20.000 војници од руските региони околу Волга загинаа во Украина

Русија - гробови на руски војници убиени во Украина на гробишта во рускиот регион Волгоград.
Русија - гробови на руски војници убиени во Украина на гробишта во рускиот регион Волгоград.

Повеќе од 20.000 војници од руски Поволжје - територии кои опфаќаат неколку региони околу реката Волга - загинале во Украина од почетокот на целосната инвазија на Москва врз Украина, според пресметките на Idel.Realities, регионален медиум за вести на татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Податоците од Idel.Realities покажуваат дека Башкортостан има најголем број смртни случаи, нешто повеќе од 3.000, следен е Татарстан со 2.724 и Пермскиот крај со 2.296 смртни случаи.

Најмалку загуби меѓу 14 региони на регионот Волга се забележани во Пенза (461) и Мордовија (307).

Податоците се пресметани врз основа на извештаи од роднини на починатите и на официјални изјави.

Властите во регионите активно ја поддржуваа војната нудејќи финансиски стимулации за време на регрутирањето.

Покрај војниците повикани преку мобилизација, меѓу лицата од регионот кои се приклучија во војната имаше затвореници и воени платеници, како и „изведувачи“ - мажи кои доброволно потпишаа договори да се борат, поттикнати од екстремно високи плати и бенефиции за ветераните, за вдовици и за преживеани.

Независниот руски медиум „Медиазона“ и рускиот сервис на Би-Би-Си ги потврдија имињата на 71.057 руски војници убиени минатиот месец, а Башкортостан и Татарстан се на првото и на четвртото место по загуби низ целата земја.

Руските загуби во војната во Украина сега ги надминуваат загубите од сите конфликти по Втората светска војна во Советскиот Сојуз, како и Русија по падот на Железната завеса.

„Репортери без граници“ бара ЕУ да ја повика Србија на одговорност поради рускиот канал РТ

Илустрација
Илустрација

„Репортери без граници“, организација која ја следи слободата на медиумите ширум светот, побара од Европската унија (ЕУ) и од нејзините членки да ја повикаат Србија на одговорност за тоа што е „домаќин“ на рускиот рускиот државен канал „Russia Today“- РТ, кого „Репортери без граници“ го нарекуваат „фабрика на лаги на Владимир Путин“.

Според истражување на „Репортери без граници“, благодарение на контролата на српската влада врз домашните медиуми и поволната политичка средина, РТ ја користи својата канцеларија во Белград за „да ги приспособи наративите на Кремљ, пред да се прошири во Југоисточна Европа“.

РТ и другите медиуми под контрола на Кремљ, како што е Спутник, се под санкции од Брисел од февруари 2022 година, поради руската инвазија на Украина.

Во Србија, која иако е кандидат за членство не се приклучи на санкциите, овие медиуми работат непречено.

„Репортери без граници“ потсетуваат дека од своето основање во Москва во 2005 година, РТ разви мрежа на телевизиски канали, веб-страници и профили на социјалните мрежи кои објавуваат содржина усогласена со пропагандата на Кремљ на англиски, шпански, француски, арапски, германски и руски.

РТ Балкан официјално беше промовирана на 15 ноември 2022 година.

Казахстански активисти во притвор пред референдумот за нуклеарна централа

Казахстан - Плакат за гласање за референдум за изградба на нуклеарна централа. Астана, 23 септември 2024 година.
Казахстан - Плакат за гласање за референдум за изградба на нуклеарна централа. Астана, 23 септември 2024 година.

Петмина казахстански активисти кои се противат на изградбата на нуклеарна централа во Казахстан се ставени во притвор најмалку два месеци, изјавија нивните адвокати на 2 октомври.

Активистите, обвинети за планирање масовни немири, беа приведени на 29 септември, само една недела пред националниот референдум за нуклеарниот проект, што треба да се одржи на 6 октомври.

Владата на Казахстан се заложи за изградба на централата и покрај тоа има големо противење за овој проект.

Со оглед на строго контролираниот политички пејзаж на Казахстан, многумина очекуваат референдумот да помине.

Точната локација за изградба на идната нуклеарна централа не е соопштена, иако се споменуваат две можни локации - Улкен кај езерото Балкас и Курчатов.

Казахстанското Министерство за енергетика во 2023 година соопшти дека рускиот „Росатом“ е еден од четворицата изведувачи чии реактори се разгледуваат за новата централа, а другите три се француската енергетска компанија ЕДФ, Кинеската национална нуклеарна корпорација и јужнокорејската фирма „Кореа Хидро и Нуклеар Пауер“.

Проектите поврзани со нуклеарната енергија се контроверзно прашање во Казахстан, каде што животната средина е сериозно погодена од операциите на полигонот за нуклеарно тестирање Семипалатинск од советската ера од 1949 до 1991 година и космодромот Бајконур, кој сè уште е управуван од Русија.

Ахмети: Не сме заинтересирани да станеме дел од оваа Влада

Али Ахмети, претседател на Демократската Унија за интеграција (ДУИ)
Али Ахмети, претседател на Демократската Унија за интеграција (ДУИ)

Европскиот фронт нема намера да стане дел од владината коалиција, рече Али Ахмети, претседател на Демократската унија за интеграција(ДУИ), на прес-конференција на 2 октомври посветена на 100 дена работа на новата Влада.

„Ние не сме заинтересирани да станеме дел од оваа Влада, бидејќи не сме резервна гума“, рече Ахмети.

Претходно, Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) рече „мене нема да ме изненади и за очекување ми е во следниот период ДУИ да биде сигурно дел од Владата“.

Овој став Спасовски го темели на неколку закони предложени од ВМРО-ДПМНЕ за чие носење беше потребно двотретинско мнозинство, што се обезбеди со гласовите на ДУИ.

И премиерот Христијан Мицкоски не ја гледа ДУИ во Владата. Тоа што од страна на пратениците на ДУИ се гласа за закони со двотретинско мнозинство нема никаква врска со какво било нивно приближување кон Владата, е ставот на премиерот.

„Нашиот став за ова раководство на ДУИ ви е познат, јасен и нема што да додадеме на тоа прашање“, рече Мицкоски на прес-конференција на 1 октомври на која даде отчет за сработеното во првите 100 дена на Владата.

По парламентарните избори на 8 мај, Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и ЗНАМ, а ДУИ по 16 години власт отиде во опозиција. Изборите ги изгуби и до тогаш владејачката СДСМ.




Хезболах вели дека има нови судири со израелските војници во јужен Либан

Kратер направен од експлодиран проектил во тешко оштетената училишна зграда во јужниот израелски град Гедера, 1 октомври 2024 година.
Kратер направен од експлодиран проектил во тешко оштетената училишна зграда во јужниот израелски град Гедера, 1 октомври 2024 година.

Хезболах, поддржан од Иран и прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави(САД), на 2 октомври соопшти дека неговите борци се судриле со израелските војници кои се „инфилтрирале“ во јужно погранично село, додека либанската армија соопшти дека израелските војници извршиле краток упад на југ.

Ова е првпат групата поддржана од Иран да објави такви борби на либанска територија од почетокот на ескалацијата минатата недела кога израелската армија почна да го напаѓа јужниот дел на Либан, а подоцна го уби Хасан Насрала, лидерот на Хезболах, во воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут.

Хезболах на 2 октомври соопшти дека се бори со израелските војници „кои се инфилтрирале во селото Марун ал Рас“.

Либанската армија соопшти дека израелските сили накратко ја пробиле демаркационата линија меѓу земјите.

Израел најави дека ќе возврати на иранскиот ракетен напад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Иран истрела балистички ракети кон Израел на 1 октомври како одмазда за израелските операции насочени кон Хезболах во Либан, поддржан од Иран.

Израелската војска соопшти дека ќе му возврати на Иран во догледно време.

Ракетниот напад и копнениот упад на Израел во Либан означија драматична ескалација во регионалниот конфликт.

ЕУ подготвува нови санкции за Русија поради хибридните напади

Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика во Брисел, 29 август 2024 година.
Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика во Брисел, 29 август 2024 година.

Европската унија(ЕУ) на 2 октомври направи чекор да ја санкционира Русија поради серија неодамнешни хибридни напади и саботажи низ Европа, јави Ројтерс повикувајќи се на изјави на дипломати.

ЕУ и НАТО ја обвинија Москва дека стои зад серија инциденти чија цел е дестабилизација на Западот, додека двете страни се во судир поради војната на Кремљ против Украина.

Властите на неколку земји на ЕУ - вклучувајќи ги и Германија, Полска, Литванија, Летонија и Естонија - пријавија откривање заговори или инциденти, вклучително и подметнување пожари што последниве месеци ги планирала Москва.

На состанокот на 27 земји од ЕУ во Брисел, амбасадорите на земјите-членки одобрија воспоставување нова правна рамка за воведување визни забрани и замрзнување на имотот на одговорните за нападите.

Откако текстот ќе биде официјално потпишан следната недела, ЕУ може потоа да ги додаде имињата на одредени руски агенти или ентитети на црната листа, велат дипломати за Ројтерс.

Земјите од ЕУ со Соединетите американски држави(САД) ѝ пружија голема поддршка на Украина откако Кремљ ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

ЕУ веќе воведе 14 рунди санкции без преседан против Русија. Во обид да ги ограничат злонамерните активности на Москва, голем број земји од ЕУ, предводени од Чешка, се обидоа да воведат мерки за да ги спречат руските дипломати слободно да се движат во ЕУ.

Досега нема едногласна поддршка за овој потег, а Унгарија - најпријателската земја на Москва во европскиот блок - неодамна ги вознемири своите колеги од ЕУ со олеснување на визните правила за Русите.

Вооружените сили на БиХ го подигнаа нивото на безбедност во воените објекти поради закани

Илустрација: Вооружени сили на БиХ
Илустрација: Вооружени сили на БиХ

Вооружените сили на Босна и Херцеговина го подигнаа нивото на безбедност во воените објекти поради закани со бомби, потврди за Радио Слободна Европа заменик министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Александар Гогановиќ.

„Се појавија наводи за одредени закани, надлежните институции спроведуваат истрага и не сакаме да коментираме до крајот на истрагата. Министерството за одбрана и Заедничкот штаб на вооружените сили на Босна и Херцеговина презедоа оперативните мерки за заштита на персоналот, објектите и материјалните средства на воените локации како мерка на претпазливост“, изјави Гогановиќ за РСЕ.

Тој додава дека нема официјална потврда дека безбедносната ситуација во БиХ е загрозена и граѓаните треба да останат смирени.

Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, на Фејсбук објави дека мерките се од „превентивен карактер“ и ќе останат во сила до понатамошно известување.

Во попладневните часови во вторникот, на 1 октомври, вооружените сили на БиХ добиле дојава преку е-пошта за можна поставена експлозивна направа, рекоа од Агенцијата за истрага и заштита (СИПА) за РСЕ, без да ја прецизираат локацијата.

Агенцијата наведе дека на барање на Обвинителството на БиХ, интензивно се работи на пронаоѓање на ИП адресата на лицето кое ја испратило заканата.

За заканата за бомба во вооружените сили на БиХ, СИПА ги информирала НАТО, ФБИ и Европол, како и локалните полициски агенции во Босна и Херцеговина.

Борис Кондарко ќе биде претседател на Државната изборна комисија

Борис Кондарко повторно избран за претседател на Државната изборна комисија(ДИК)
Борис Кондарко повторно избран за претседател на Државната изборна комисија(ДИК)

Борис Кондарко, досегашен член на Државната изборна комисија (ДИК) ќе биде претседател на оваа комисија, откако Собранието на денешната седница донесе одлука да се усогласи составот на ДИК по смената на власта во Северна Македонија по парламентарните избори што се одржаа во мај.

Според Изборниот законик, претседателското место во Државната изборна комисија ѝ припаѓа на опозицијата. Кондарко е член на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).

Со усогласувањето, потпретседател на ДИК ќе биде Абдуш Демири, на предлог на партијата Беса.

Членови ДИК остануваат: досегашните претседател Александар Даштевски од ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателката Дитмире Шеху од ДУИ и Оливер Ристевски од СДСМ.

Собранието донесе одлука и да се распише оглас за избор на двајца нови членови на ДИК на местото на Бобан Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше член на ДИК а стана заменик - генерален секретар на Собранието, додека Радица Ристеска (СДСМ) заминува во пензија.

Огласот ќе трае осум дена од објавување во Службен весник.

Државната изборна комисија е највисоко тело кое ги организира и спроведува изборите и брои седум членови, заедно со претседателот на комисијата.

Според Изборниот законик, опозициските партии предлагаат претседател и два члена, а владеачките имаат мнозинство со четворица членови.

Кондарко беше претседател на ДИК и во периодот од 2011 до 2013 година.

Грузиската претседателка одби да ги потпише анти-ЛГБТ законите

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили одби да го потпише пакетот закони одобрен од парламентот минатиот месец, со кој групите за права и многу опозициски политичари велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата.

Таканаречениот предлог-закон за „семејни вредности“ беше протуркан низ парламентот од страна на владејачката партија Грузиски сон на 17 септември, на гласање што беше бојкотирано од опозицијата додека демонстрантите одржуваа собири пред зградата на парламентот.

Во согласност со одредбите на грузискиот Устав, Зурабишвили одби да го поддржи нацрт-законот и го врати во парламентот без писмени коментари, потврдија од Кабинетот на претседателката за РСЕ.

Овој потег го нагласува драматично поларизираниот политички пејзаж во кавкаската нација пред националните избори во октомври. Претседателот на парламентот Шалва Папуашвили, коспонзор на нацрт-законот и член на Грузискиот сон сега се очекува да го потпише предлог-законот и да го објави во рок од пет дена.

Пакетот законски измени, чиј целосен наслов е „За семејните вредности и заштита на малолетни лица“, носи измени на 18 актуелни закони, вклучително и законодавството за слобода на говор и изразување, како и за радиодифузија.

Мерките предвидуваат забрана на собири кои го промовираат правото на лицето да се идентификува како пол различен од „неговиот или нејзиниот биолошки пол“ и тие исто така забрануваат собири кои се залагаат за истополова ориентација или врски.

Опозицијата ги бојкотира парламентарните состаноци од мај, кога пратениците на Грузиски сон го одобрија нацрт-законот за „странско влијание“, кој западните влади и многу Грузијци го споредуваат со рускиот закон за „странски агенти“ Кремљ го користи за да го „задуши“ несогласувањето со неговите политики.

Законот бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „странски агенти“.

Зурабишвили стави вето на тој предлог-закон, но владејачката партија сепак го донесе и покрај повеќемесечните јавни протести и предупредувањата од Соединетите Држави и ЕУ дека мерката ја нагризува демократијата на Грузија и нејзиниот пат кон интеграција во западните институции.

Киев ја истражува „најголемата масовна егзекуција“ на украински војници заробени од Русија

Украинските заробеници по размената на затвореници на непозната локација во Украина на почетокот од оваа година
Украинските заробеници по размената на затвореници на непозната локација во Украина на почетокот од оваа година

Украинското обвинителство покрена истрага за, како што ја опишува, „најголемата масовна егзекуција“ на украинските „воени заробеници“ од страна на руските војници од почетокот на целосната инвазија на Москва пред повеќе од 31 месец.

Според официјалното соопштение објавено на Телеграм руските сили наводно убиле 16 украински „воени заробеници“ во близина на селата Миколаивка и Сухиј Јар во областа Покровска во областа Доњецк.

Видеата кои циркулираат на различни канали на Телеграм покажуваат украински војници, заробени од руските војници, како излегуваат од шумска област. Откако затворениците се наредени, руските сили отвораат оган. По она што може да се види од видеата, руските војници им приоѓаат на оние кои биле само ранети и повторно ги гаѓаат од непосредна близина со митралези.

Видеата не се независно потврдени.

Според меѓународното хуманитарно право, егзекуцијата на војниците кои се предале се смета за воено злосторство.

„Ова е најголемиот пријавен случај на егзекуција на украински заробеници на линијата на фронтот и уште еден показател дека убиствата и мачењата на воените заробеници не се изолирани инциденти“, рече генералниот обвинител на Украина Андриј Костин на платформата Х.

„Ова е намерна политика на руското воено и политичко раководство“, вели обвинителот.

Украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец изјави дека контактирал и со Обединетите Нации и со Меѓународниот комитет на Црвениот крст во врска со смртните случаи, наведувајќи ги прекршувањата на Женевската конвенција, која го регулира третманот на воените заробеници.

Инцидентот не е прв во кој се појавуваат вакви обвинувања против руски војници.

Во септември, Си-Ен-Ен објави две видеа на кои наводно се гледа како руски воен персонал егзекутира украински војници додека се предаваат.

Снимката, снимена со беспилотни летала и обезбедена од украинското воено разузнавање, вклучува аудио транскрипти кои навидум ја доловуваат наредбата за егзекуција на војниците.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG