Достапни линкови

Вести

Кривична против шест затворски полицајци од Идризово

Јавно обвинителство (илустрација)
Јавно обвинителство (илустрација)

По кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, Обвинителството започна предистражна постапка против шест затворски полицајци вработени во казнено поправната установа - затвор Идризово. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода.

„Според наводите во кривичната пријава, осомничените затворски полицајци вработени во Идризово, додека биле на смена и постапувале по Наредба за извршување на работните задачи за наведениот ден, како соизвршители, спротивно на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за овластувањата на затворската полиција и начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение во КПУ-КПД Идризово“, пишува во соопштението на обвинителството.

Од ОЈО информираат дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство.

И тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело.

За еден од осомничените истите мерки се определени во друг предмет што се води против него. За ова кривично дело согласно Кривичниот законик е предвидена казна затвор од од три месеци до пет години.

Агелер: Ќе се прошири соработката која што ја имаме, немате поголем партнер од САД

Американската амбасадорка Анџела Агелер
Американската амбасадорка Анџела Агелер

Нема поголем поддржувач и партнер во остварување на вашите цели од САД и знам дека тоа беше повторено и на средбата меѓу претседателот Џо Бајден и Гордана Сиљановска Давкова, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер.

Прашана каква и во која насока ќе биде најавената зголемена поддршка на САД за Северна Македонија, на средбата меѓу претседателите Џо Бајден и Гордана Сиљановска Давкова, Агелер рече дека тие навистина имале одличен состанок, но нема некоја конкретна сума за која што е дискутирано.

„Како што веќе кажа и министерот за одбрана и премиерот има повеќе потреби коишто треба да се решат, а бидејќи ние веќе соработуваме во голема мера најверојатно ќе се работи на тоа да се прошири соработката која што веќе ја имаме. Во годината што следи има навистина повеќе важни цели и предизвици и за Армијата и за министерството. Како што имаме кажано и претходно, нема да имате поголем поддржувач и партнер во остварување на овие цели од САД и знам дека претседателот, тоа го повтори на средбата со вашата претседателка, изјави Агелер.

Таа заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и генералите во Армијата, присуствуваа на методско-показна вежба на Армискиот полигон „Криволак“.

По реализација на вежбата беше претставена дел од новопримената опрема, како дел од процесот за модернизација и опремување на Армијата“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.

Пакистанските власти ги спречуваат поддржувачите на поранешниот премиер да одржат протест

Пакистанските власти поставија контејнери за транспорт на патиштата и автопатите што водат до главниот град и ја прекинаа услугата за мобилни телефони во Исламабад, 4 октомври 2024 година.
Пакистанските власти поставија контејнери за транспорт на патиштата и автопатите што водат до главниот град и ја прекинаа услугата за мобилни телефони во Исламабад, 4 октомври 2024 година.

Пакистанските власти поставија бродски контејнери на патиштата и автопатите што водат до главниот град и ја прекинаа услугата мобилна телефонија во Исламабад во обид да ги спречат поддржувачите на поранешниот премиер Имран Кан да одржат митинг за да побараат негово ослободување.

Владата на Шехбаз Шариф, исто така, распореди безбедносни сили и дополнителни полициски сили и ги затвори училиштата во Исламабад и блискиот град Равалпинди, откако пакистанската партија Техрик-е-Инсаф на Кан одби да го прекине протестот.

Видеата објавени на социјалните мрежи покажаа дека полицијата поставува бродски контејнери на мостови и патишта во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва, каде што партијата на Кан ја држи власта.

Поддржувачите на Кан планираат да маршираат од провинцијата до Исламабад, пркосејќи им на забраната за собири воведена оваа недела.

Полицијата наводно уапсила дел од поддржувачите на партијата, пренесува АП.

Кан, главниот политички ривал на Шариф, е во затвор повеќе од една година.

Тој останува популарен и покрај пресудите за корупција, за кои неговата партија вели дека се политички мотивирани.

Тој беше соборен од власт во 2022 година со гласање недоверба на парламентот и уапсен во 2023 година, откако судот го осуди на три години затвор за корупција.

Прекинот на услугата мобилна телефонија во Исламабад и Равалпинди на 4 октомври ги прекина комуникациите и влијаеше на основните услуги како што се онлајн банкарството, услугите за превоз и испорака на храна.

Министерот за внатрешни работи Мошин Накви побара од партијата на Кан еден ден претходно да го откаже планираниот протест и предупреди дека нема да има „попустливост“ доколку се прекрши забраната за протести.

Во пораката на профилот на Кан на социјалните мрежи се повикуваат приврзаниците да се приклучат на протестот.

Владата на Шариф тврди дека партијата на Кан сака да ја ослабне економијата на земјата со организирање на насилни протести и покрај заканата од напади од пакистанските талибанци.

Лавров го повика Западот да ги укине санкциите кон Авганистан

Сергеј Лавров
Сергеј Лавров

На 4 октомври рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повика Западот да ги укине санкциите за Авганистан предводени од Талибанците и да преземе „одговорност“ за напорите за обнова на земјата.

Москва планира да ги отстрани Талибанците, кои ја предводат меѓународно непризнаената влада во Авганистан, од листата на терористички организации, што пак би можело да ја подобри соработката меѓу Москва и Кабул, пренесува АФП.

„Ги повикуваме западните земји да ја признаат својата одговорност за постконфликтната обнова на Авганистан, да ги укинат ограничувањата и да ги вратат конфискуваните средства во Кабул“, рече Лавров.

Талибанците се под санкции од Запад повеќе од две децении, а мерките првично беа наметнати за да се ограничи финансирањето на Ал Каеда и другите означени терористички организации.

Претставникот на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов, рече дека се надева оти „конечната одлука“ за бришење на групата од списокот на руски терористички организации „ќе биде објавена во многу блиска иднина“, пренесоа руските државни новински агенции, повикувајќи се на АФП.

Лавров и Кабулов ги дадоа изјавите на годишниот дипломатски форум за Авганистан, чиј домаќин беше Русија, на кој учествуваа претставници на Талибанците и соседните земји од Блискиот Исток и Централна Азија.

Советскиот Сојуз водеше 10-годишна војна во земјата во 1980-тите, во конфликт што доведе до појава на муџахедински борци на отпорот, од кои подоцна многу од нив станаа талибански лидери. Историчарите исто така веруваат дека оваа војна придонела за распадот на Советскиот Сојуз.

Шефот на руската безбедносна служба ФСБ, Александар Бортников, на 4 октомври изјави дека сака да види „заемна корисна“ соработка со авганистанските специјални служби, објавија руските државни новински агенции.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, рече дека Русија нема да прифати „трети земји“ да поставуваат воени бази во Авганистан или да основаат нови воени објекти во соседните земји „под никаков изговор“.

Русија има голема воена база во својот сојузник Таџикистан, кој граничи со Авганистан.

Божиновска: Ќе набавуваме струја на подолг рок

Министерската за енергетика Сања Божиновска
Министерската за енергетика Сања Божиновска

Министерската за енергетика Сања Божиновска вели дека државата ќе набавува електрична енергија на подолг рок, зошто како што вели, купувањето струја недела однапред, е многу скапо.

„Капацитетите на РЕК Битола не се во најдобра кондиција и не можеме да сметаме на сите три блока, тоа го наследивме и свесни сме дека е од 1984 година. Затоа ќе направиме струја за четвртиот квартал и евентуално за првите три месеци од 2025 година. Цените сега на берза се околу 100 евра за мегават час што значи дека иако има војна, нема некои енормни поместувања на цените на електрична енергија досега“, рече Божиновска во одговор на прашање на прес конференција на тема 100 дена Влада.

Таа вели дека во следните седум дена ќе се направи точен енергетски биланс. Прашана дали ќе поскапи производната цена на електричната енергија на ЕСМ од 1 јануари идната година, а со тоа и цената што ја плаќаат граѓаните, рече дека финалната цена се состои од повеќе импути, меѓу кои и цената на електрична енергија од ЕСМ.

„Ќе работиме за најдобар интерес за граѓаните. Никој не би сакал да види поскапување на електричната цена, меѓутоа тука влегуваат и трошоците од МЕПСО, значи не е само цената на ЕСМ. Ние ќе ја дискутираме цената и ќе видиме колку проценти ќе се понудат. Како што знаете минатиот пат претходната влада понуди 85 проценти, па потоа ние понудивме уште 15 проценти на универзалниот снабдувач, така што во ноември би требало да се разјаснат овие работи. Има време уште за тоа“, изјави Божиновска.

Инаку цените на електричната енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок остана иста, во вториот блок се зголеми за 0,85 проценти, во третиот блок за 1,92 проценти, а во четвртиот блок зголемувањето е 1,88 проценти. Евтината струја се зголеми за 0,65 проценти.

Хаменеи: Иран „нема да отстапи“ додека Израел напаѓа во Бејрут

Ајатолахот Али Хаменеи
Ајатолахот Али Хаменеи

Во кратко обраќање во јавноста, врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хаменеи го одбрани ракетниот напад на Иран против Израел кој се случи неделава, велејќи дека тоа е „легитимно и легално“ и дека „ако е потребно“, Техеран ќе го повтори тоа.

Говорејќи на фарси и на арапски за време на петочната молитва во центарот на Техеран на 4 октомври, Хаменеи рече дека Иран и регионалните посредници што ги поддржува нема да се повлечат од Израел, бидејќи стравувањата од поширок регионален конфликт на Блискиот Исток растат среде бранот повеќекратни масовни воздушни напади и копнеен упад на Израел во Либан.

Иран нема „да одолговлекува ниту да дејствува набрзина за да ја изврши својата должност“ во соочувањето со Израел, рече Хамнеи, додавајќи дека нападот од проектили истрелани кон Израел претходно неделава е „легален и легитимен“.

Обраќањето на Хаменеи дојде неколку часа откако огромните експлозии испукаа пламени топки високо кон небото додека израелските воздушни напади ги потресоа предградијата на Бејрут, со големи експлозии кај меѓународниот аеродром во Бејрут кој граничи со Дахие - упориште на Хезболах, милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.

Израелската војска не ја коментираше целта на нападите, но некои медиуми и аналитичари шпекулираа дека локацијата, големината и опсегот укажуваат дека тоа би можело да биде Хашем Сафиедин, кој нашироко се смета за фаворит за преземање на раководството на Хезболах. Засега не е јасно дали Сафиедин е убиен во нападите.

Претходниот водач на групата, Хасан Насрала, беше убиен минатата недела во израелски воздушни напади врз командниот центар на Хезболах, кој е означен како терористичка организација од САД, додека Европската Унија го стави на црната листа само вооруженто крило, но не и нејзината политичка партија, која има места во либанскиот парламент.

Упадот на Израел во Либан, кој започна претходно оваа недела, предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.

Загриженоста порасна кога Техеран на 1 октомври започна масовен балистички ракетен напад врз Израел, негов најголем досега, како одмазда за кампањата што ја започна еврејската држава во јужен Либан против Хезболах, што предизвика предупредувања за контрамерки од Израел и нејзиниот главен сојузник, САД.

Настапот на Хамнеи на 4 октомври беше првпат по речиси пет години тој да одржи јавна проповед. Последен пат тој ги водеше петочните молитви во јануари 2020 година по иранскиот ракетен напад врз американската воена база во Ирак како одговор на убиството на командантот на Револуционерната гарда Касем Сулејмани во американски напад во Багдад.

Германската полиција предупредува на можни немири на 7 октомври

илустрација
илустрација

Германскиот полициски синдикат предупреди на потенцијални немири во земјата на 7 октомври кога е годишнината од нападот на Хамас врз Израел, јави ДПА. Хамас е прогласна за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.

„Очекуваме пристојност од сите во Германија на 7 октомври“, изјави денеска претседателот на синдикатот Јохен Копелке.

Тој рече дека полицијата презема решителна и доследна акција против одговорните за насилство и неред, додавајќи дека сите безбедносни агенции во Германија имаат потреба од персонал на 7 октомври.

Полицискиот синдикат на Берлин за Си-Ен-Ен изјави дека властите се подготвуваат за динамична ситуација низ градот поради напнатата ситуација и со голема загриженост гледаат на наредните денови.

Тие истакнуваат дека пропалестинските демонстрации веќе прераснале во антисемитски и имало инциденти на насилство. Се очекува ситуацијата на Блискиот Исток и она што се случува во Израел, Либан и Иран да влијае на јавните демонстрации во германската престолнина.

На 7 октомври 2023 година, Хамас изврши терористички напад врз Израел во кој загинаа околу 1200 луѓе, а околу 240 луѓе беа земени како заложници во Газа.

Израел одговори со жесток и постојан контранапад во Газа. Здравствените власти во Газа, контролирани од Хамас, објавија дека бројот на загинати таму е над 41 000 од 7 октомври 2023 година. Конфликтот предизвика бројни пропалестински демонстрации ширум светот, вклучително и во Германија, а во некои од нив имаше насилство.

Иранскиот шеф на дипломатијата Арагчи во посета на Бејрут

Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран
Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска (4 октомври) пристигна во посета на главниот град на Либан, Бејрут.

Неговата посета на Бејрут е во момент кога се интензивирани израелските воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан.

Тоа е прва посета на висок ирански претставник по убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала на 27 септември во израелски воздушен напад врз Бејрут.

Предвидено е Арагчи во Бејрут да се сретне со либанскиот премиер Наџиб Микати и претседателот на Парламентот, Набих Бери, кој е близок сојузник на Хезболах.

Литванија ратификуваше договор за распоредување на 5000 германски војници во земјата

илустрација
илустрација

Литванија го ратификуваше заедничкиот договор со Германија за распоредување на германска борбена бригада во балтичката земја-членка на НАТО, при што сите 88 пратеници присутни на гласањето го поддржале планот, јави ДПА.

Договорот, склучен во Берлин на 13 септември, предвидува распоредување и на германски војници и на цивили од германските вооружени сили во Литванија.

Како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа по руската инвазија на Украина, Германија одлучи трајно да ја распореди својата борбена бригада во Литванија, која треба да биде подготвена до 2027 година. Планот предвидува распоредување до 5000 германски војници во земјата, од кои 80 отсто ќе бидат сместени во воената база во Руднинкаи, а останатите во јужниот литвански град Рукла.

Германска командна единица од околу 20 војници дојде во Литванија уште на 8 април, а уште 120 се очекува да пристигнат на почетокот на октомври.

Литванските пратеници почнаа да расправаат за планот минатата недела, откако германскиот министер за одбрана Борис Писториус се обрати во Парламентот. Литванскиот министер за национална одбрана Лауринас Кашунас го поздрави чекорот како „уште еден камен-темелник на стратешкото партнерство“ со Германија.

Германските пратеници исто така мора да го ратификуваат договорот, иако сè уште не е одреден датум. За време на неговата неодамнешна посета на Литванија, Писториус рече дека очекува процесот на ратификација да биде завршен следната година.

update

Поплавени повеќе градови во БиХ, најтешка е состојбата во Јабланица

илустрација
илустрација

Владата на Херцеговско-неретванската жупанија соопшти дека се пронајдени десетина мртви тела и дека „има многу повредени“, по обилните врнежи во текот на ноќта (4 октомври), предизвикани од лизгање на земјиштето и одрони на југот на Босна и Херцеговина. Портпаролот на Владата, Дарко Јука изјави дека е најкритична состојбата во областа Долна Јабланица, на патот од Мостар до Сараево.

„Трудницата, чие дете и почина во утробата, беше евакуирана од подрачјата погодени од поплавите на југот на Босна и Херцеговина и e оперирана во Мостар“, изјави Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“ за Радио Слободна Европа.

Повреден е и нејзиниот сопруг, но е надвор од животна опасност.

„Примено е уште едно десетгодишно дете кое било донесено со хеликоптер на ЕУФОР, чиј живот не е загрозен“, рече Дурановиќ, додавајќи дека пациентите постојано пристигнуваат, а се превезуваат со хеликоптери или амбулантни возила.

Претходно надлежните потврдија дека има жртви на подрачјето на општина Јабланица.

„За жал, според првите информации, имаме и човечки жртви. Побаравме и помош од вооружените сили на Босна и Херцеговина да испрати хеликоптер за да го спаси животот на детето во Јабланица“, рече Марија Бухач, претседател на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК).

На вонредна седница на 4 октомври, Претседателството на Босна и Херцеговина едногласно донесе одлука за ангажирање на вооружените сили на Босна и Херцеговина на поширокото подрачје на општина Јабланица.

Итно биле ангажирани инженерски единици, единици за спасување луѓе и хеликоптер на вооружените сили на БиХ, со цел да се обезбеди итна помош на цивилните власти за одговор на природната катастрофа - големи поплави и лизгање на земјиштето во поширокото подрачје на општината Јабланица.

Адил Шута, командант на Штабот за цивилна заштита на ХНЖ и министер за финансии, рече дека ги ангажирале сите расположливи сили и дека „од Мостар се движат кон Јабланица“ и дека во дел од Бутуровиќ Поље, село меѓу Јабланица и Коњиќ, ситуацијата е „ критична“.

Портпаролот на Владата на ХНК Дарко Јука изјави дека патот е целосно во прекин, а телефонската комуникација делумно е прекината на подрачјето на Јабланица и Коњиќ. Тој прецизира дека имало сериозни одрони и излевање на реки, а пропаднале и патиштата од Јабланица кон север и градот Прозор-Рама.

Од противпожарната служба на Јабланица за РСЕ велат дека екипите се на терен и дека ситуацијата е критична. Тие наведуваат и дека поради обилните врнежи и одрони затворени се делови од патиштата од Коњиќ кон Мостар, како и патниот правец Прозор-Рама-Јабланица.

Железниците на Федерацијата Босна и Херцеговина за РСЕ потврдија дека железничкиот сообраќај меѓу Сараево и Чапљина е откажан. Како што јави дописникот на РСЕ од Мостар, Мирсад Бехрам, некои мостови се однесени од водите во областа на овој град.

Поради обилните врнежи, поплавени се и делови од општините Кисељак, Крешево и Фојница, во централна БиХ. Од Службата за цивилна заштита на општина Кисељак за РСЕ велат дека во текот на ноќта биле поплавени неколку куќи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG