Достапни линкови

Вести

Опасност од излевање на вулканот Стромболи во Италија

илустрација
илустрација

Вулканската активност на островот Стромболи, северно од Сицилија, ги натера италијанските власти вчера да го покренат нивото на тревога од портокалово на црвено, јави ДПА.

Локалните авторитети ги повикаа жителите на островот да ги следат упатствата на цивилната одбрана.

Националниот институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ) соопшти дека на Стромболи е регистрирана зголемена вулканска активност. Активниот вулкан на островот исфрла лава и пепел во морето, соопшти институтот.

На островот Стромболи постојано живеат неколку стотици жители. Многу туристи патуваат до него по море од италијанското копно или од Сицилија за да се искачат на вулканот кој е висок 920 метри и редовно еруптира.

Втор круг претседателски избори во Иран

илустрација
илустрација

Во Иран денеска (5 јули) се одржува вториот круг од претседателските избори, на кој ќе се соочат тврдокорниот Саид Џалили и реформистот Масуд Пезешкијан.

Вториот круг се одржува откако во првиот ниту еден од кандидатите не обезбеди повеќе од 50 отсто од гласовите. Пезешкијан освои околу 42,5 отсто од гласовите, а Џалили 38,7 отсто.

Околу 61 милион луѓе имаат право да гласаат за наследник на претседателот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.

Зошто претседателските избори во Иран се поважни од минатите гласања?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:06 0:00

Моќта во Иран е во рацете на врховниот лидер, ајатолахот Хамнеи, кој делува како шеф на државата и го има последниот збор за сите стратешки прашања, а исто така е и врховен командант на вооружените сили на Иран, додека претседател е втор во структурата на власта во Иран.

Изборите беа распишани откако претседателот Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа во мај. Поранешниот претседател Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други функционери на Иран загинаа на 19 мај кога хеликоптерот со кој патуваа се урна во лоши временски услови во планинска област во близина на границата со Азербејџан.

Инаку според прописите, секоја содржина за која се смета дека има за цел да ја обесхрабри излезноста на гласачите или да промовира бојкот на изборите, како и да организира каква било форма на нелегални протестни собири, штрајкови или демонстрации, сега е класифицирана како „криминална“.

Убедлива победа на лабуристите во Велика Британија

Лидерот на лабуристите Кир Стармер, Лондон, 5 јули 2024 година
Лидерот на лабуристите Кир Стармер, Лондон, 5 јули 2024 година

Промените во Велика Британија почнуваат сега, изјави лидерот на лабуристите, Кир Стармер, откако неговата партија победи на вчерашните избори со кои се стави крај на 14-годишното владеење на конзервативците.

Во својот говор по победата на неговата Лабуристичка партија, идниот премиер Стармер истакна дека овој мандат носи голема одговорност, но дека со победата на неговите лабуристи „конечно е тргнат товарот од плеќите“ на Британците.

„Во политиката ништо не е однапред одредено. Победите на изборите не паѓаат од небо - тешко се добиваат и за нив се води тешка борба“, рече тој, пренесе Скај њуз.

Стармер додаде дека „нема да биде лесно“ и го повика британскиот народ да се сеќава на изборната победа кога ќе стане тешко.

Излезните анкети покажуваат дека лабуристите на Стармер освоија 410 од 650 места во Долниот дом на британскиот Парламент на вчерашните општи избори во земјата, со што заврши 14-годишното владеење на конзервативците.

Според анкетите, Конзервативната партија на премиерот Риши Сунак ќе освои само 131 место, пренесуваат британските медиуми.

Костадиновски: Законското решение за Судскиот совет и Советот на ЈО да биде според Устав

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски

Владата и Собранието имаат легитимно право и уставно овластување ако увидат слабости да пристапат кон измени и дополнување на одредени законски решенија, вели претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во однос на најавените реформи на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Сосема е легитимно органите кои имаат уставно овластување и уставна надлежност, како што е Владата, Собранието да ги нормираат општествените односи или веќе нормираните општествени односи, ако увидат слабости да пристапат кон измени и дополнување на одредени законски решенија. Тоа е легитимно право и уставно овластување на тие органи, изјави Костадиновски, во гостувањето на Националниот сервис МРТ.

Прашан за негов став за предлогот за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Костадиновски посочи дека не е надлежност на Уставниот суд да ја цени целисходноста на нивната намера, туку, дали тоа е во согласност со Уставот.

„Ако проценат дали во оваа област или во која било друга област дека има потреба од измени и промени да биде во согласност со Уставот. Примарна работа на секој еден граѓанин и секоја една институција во оваа држава е да го почитува Уставот. Тоа важи за мене, тоа важи за вас, за Владата и за Собранието. Од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот“, изјави Костадиновски.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на 4 јули изјави дека е подготвен да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Изјавата на Мицкоски следува откако дел од амбасадорите вчера искажаа забелешки за најавата за нивно распуштање.

„Подготвен сум цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега. Затоа што како што е досега, не е добро“, рече Мицкоски.

Зборувајќи за вчерашните изјави на дел од амбасадорите, Мицкоски рече дека ја слушнал таа изјава, но и дека за политиките на оваа коалиција гласале 600.000 граѓани.

Тој рече дека станало пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата, но напомена дека е подготвен да разговара со нив и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифати и примени.

Претходно евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт.

Американската амбасадорка Анџела Агелер, пак, смета дека Судскиот совет треба да ги казнува оние коишто се сметаат над законот.

Именувани нови директори на повеќе јавни здравствени установи

Илустрација
Илустрација

На 4 јули, министерот за здравство Арбен Таравари именуваше нови в.д. медицински директори во повеќе јавни здравствени установи.

За в.д директор на Универзитетската клиника за уво нос и грло е именуван Игор Камшикоски, на Универзитетската клиника за дерматологија Катерина Дамевска, на Универзитетскиот институт за радиологија Соња Николова.

На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство е избрана Ирена Алексиоска-Папастиев, додека на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболични нарушувања Танер Хасан.

Нови в.д. директори се именувани и на Универзитетската клиника за психијатрија каде оваа функција ќе ја извршува Славица Арсова-Хаџиангелковска, на Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија Мери Трајковска, на Универзитетската клиника за нефрологија Никола Ѓоргиевски, на Универзитетската клиника за ревматологија Емилија Сандевска, а на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација функцијата в.д. директор ќе ја врши Злате Мехмедовиќ.

Министерот Таравари го именуваше Небојша Настов за в.д. директор на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и Арѓент Муча на Општа болница „Д-р Ферид Мурад" Гостивар.

Новиот министер за здравство Арбен Таравари досега смени повеќе директори на јавни здравствени установи, а најави уште неколку до крајот на неделава.

Русија осуди американски државјанин на 12,5 години затвор поради трговија со дрога

Роберт Вудланд за време на сослушувањето во судот во Москва на 30 мај 2024 година.
Роберт Вудланд за време на сослушувањето во судот во Москва на 30 мај 2024 година.

Американскиот државјанин Роберт Романов Вудленд е осуден на дванаесет и пол години затвор со максимална безбедност во Русија, откако судот го прогласи за виновен за обид за продажба на дрога.

Неговиот адвокат Станислав Кшевицки изјави за Ројтерс дека неговиот клиент, кој беше приведен во Русија на почетокот на јануари, делумно ја признал својата вина.

Московското обвинителство објави дека Вудланд, дејствувајќи како дел од поголема криминална група, транспортирал околу 50 грама амфетамин од локација надвор од Москва до неговиот стан, каде што ја спакувал дрогата за понатамошна продажба.

32-годишниот е еден од растечката листа на Американци притворени во Русија во услови на најголемиот дефект во односите меѓу двете земји во последните децении. Вашингтон постојано ги предупредуваше сите Американци да ја напуштат Русија, наведувајќи ги ризиците од произволно апсење и малтретирање од страна на руските безбедносни служби.

Роб Вудленд беше усвоен во 1993 година од американски граѓани. Најверојатно има и американски и руски пасош, а како што кажа претходно, се вратил во Русија за да ја запознае својата биолошка мајка. Нивното повторно обединување го пренесе руската државна телевизија. Како што пренесува Ројтерс, на неговата Фејсбук страница стои дека работел како професор по англиски јазик во Русија.

Повеќе од десетина американски државјани се во американски затвори под обвиненија или пресуди кои се движат од поседување дрога до предавство и шпионажа.

Штетата од невремето во пристаништето Бар е 35 милиони евра, соопшти црногорската влада

Пристаништето Бар по катастрофата, Црна Гора 03 јули 2024 година
Пристаништето Бар по катастрофата, Црна Гора 03 јули 2024 година

Инвестиција од околу 35 милиони евра ќе биде потребна во пристаништето Бар откако при силното невреме беше уништена или значително оштетена пристанишната механизација и неколку работници беа повредени.

Ова се прелиминарни проценки за штетите во пристаништето, за кои се расправаше на седницата на Владата на Црна Гора на 4 јули.

Без итна помош од црногорските власти, пристаништето во Бар предупредува дека нивните клиенти би можеле да ја пренасочат својата стока во други пристаништа, како и дека оваа мнозинска државна компанија ќе губи околу 14 милиони евра приход годишно.

Лоциран на 75 километри од Подгорица, на југот на Црна Гора, Лука Бар е еден од најважните економски ресурси на земјата.

Во силното невреме кое на 2 јули зафати поголем дел од Црна Гора загинаа две лица, а најголема материјална штета претрпе инфраструктурата на пристаништето Бар.

Уништени се сите три претоварни моста и товарната кула за жито со капацитет од 300 тони на час, додека подвижната лента што се користи за пренос на жито од бродот до силосот, како и бункерите на врската брод-вагон-камион. беа оштетени.

Срушените мостови се изградени пред половина век.

Пристаништето побара итна набавка на пристанишни машини - што е еднакво на загуба на три претоварни моста и механизација за товарење жито во брод со капацитет од 300 тони на час.

Основното државно обвинителство во Бар ги истражува причините за падот на три кранови во пристаништето, изјави за РСЕ на 3 јули шефот на обвинителството Радован Ѓуришиќ.

Од пристаништето велат дека првите активности откако полицијата и обвинителството ќе спроведат истрага е расчистување на зоната на несреќата, по што ќе може да се тврди дали има оштетувања на конструкцијата на оперативниот брег или некој друг елемент на пристанишната инфраструктура и други можни директни штети.

Лукашенко ослободи 10 политички затвореници, уште 1.400 остануваат во затвор

Белорускиот претседател Александар Лукашенко
Белорускиот претседател Александар Лукашенко

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко ослободи најмалку десет политички затвореници, вклучително и опозициски ветеран болен од рак, соопштија активисти за човекови права.

Организацијата за човекови права „Вјасна“ соопшти дека се ослободени три жени и седум мажи. Само на еден ослободен затвореник познат е идентитетот.

Роднини потврдија дека е ослободен поранешен лидер на опозициска партија и претседателски кандидат, 67-годишниот Ригор Кастусу. Тој беше уапсен во 2021 година, а следната година беше осуден на 10 години затворска колонија, откако беше прогласен за виновен за заговор против владата и за преземање на власта. Откако бил уапсен, му бил дијагностициран рак.

И покрај невообичаеното помилување, во Белорусија околу 1.400 луѓе се во затвор поради нивните политички активности, од кои повеќето беа уапсени по мирните протести во 2022 година и осудени за низа обвиненија за екстремизам.

Владата на Република Српска го брише терминот „родов идентитет“ од Кривичниот законик

Зградата на Владата на Република Српска (архивска фотографија)
Зградата на Владата на Република Српска (архивска фотографија)

Владата на Република Српска го избриша терминот „родов идентитет“ од утврдениот предлог-закон за измени на Кривичниот законик.

Како што беше најавено по седницата на Владата на Република Српска одржана во Бања Лука на 4 јули, законот е изменет со цел да се усогласи „со одредбите на Уставот на РС“, во кој овој термин не се споменува.

Родовиот идентитет подразбира лично чувство за сопствениот пол. Тоа се однесува на субјективното искуство на самиот себе, без разлика дали е жена или маж, или нешто друго.

„Уставот на РС пропишува дека граѓаните на РС се еднакви во слободите, правата и должностите, еднакви пред законот и уживаат иста правна заштита без разлика на раса, пол, јазик, националност, вера, социјално потекло, раѓање, образование, имотна состојба, политичко и друго уверување, општествена положба или друга лична карактеристика“, се вели во соопштението.

Во изменетиот Законик, чиј нацрт претходно беше објавен на веб-страницата на субјектот Министерство за правда, се наведува дека терминот „родов идентитет“ се брише и на повеќе места се заменува со терминот „друго лично својство“.

Актуелниот Кривичен законик на Република Српска, еден од двата ентитета на БиХ, наведува дека кривично дело од омраза, меѓу другото, е извршено и поради „родов идентитет на една личност“.

Во извештајот на Советот на Европа од март минатата година за правата на трансродовите лица, меѓу другото беше наведено дека родовиот идентитет и родовото изразување треба да бидат посебно признати „во антидискриминациското законодавство“.

Според законодавната процедура во РС, предлог-законот најпрвин го искажуваат пратениците, а доколку гласаат за, оди на јавна расправа доколку се оцени дека има потреба од него.

Врз основа на ова, Владата го утврдува предлог-законот, за кој повторно се гласа од пратениците, по што следуваат неколку главно процедурални чекори пред законот да стапи во сила.

Ова не е прв пат во текот на оваа година властите во РС да ги оспоруваат концептите поврзани со родовиот идентитет.

Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените на РС пропадна бидејќи не беше навреме испратен пред пратениците во форма на предлог, иако Предлогот беше едногласно усвоен во Народното собрание на РС во ноември минатата година.

Во мај, Министерството за семејство, млади и спорт на РС изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) дека се појавиле „одредени сомнежи во врска со овој нацрт“.

Претходно, 21 десничарска и конзервативна организација од РС заеднички се изјаснија против законот во отворено писмо упатено до Парламентот на ентитетот.

Нив ги поддржа и претседателот на РС, Милорад Додик, кој рече дека „неприфатливо е на ваков начин да се воведува родова идеологија на мала врата“.

Тој закон, меѓу другото, го дефинираше концептот на семејно насилство и фемицид.

Иако не предвидуваше повисоки казни за насилниците, законот предвидува казни за оние кои не ги пријавуваат насилниците или институциите кои треба да се занимаваат со заштита на жртвите на насилство, но кои не ја вршат својата работа.

По посетата на Киев, Орбан патува за Москва

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот во Кремљ на 18 септември 2018 година.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан со рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот во Кремљ на 18 септември 2018 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 5 јули ќе отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Посетата на Орбан на Русија доаѓа неколку дена откако тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Унгарскиот премиер оди во Москва само пет дена откако неговата земја го презеде претседавањето со Европската унија.

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто со Орбан ќе го посети и Кремљ, изјави владин извор за Радио Слободна Европа. Сјарто ја посети Русија повеќе од пет пати откако Москва ја нападна Украина пред повеќе од две години.

Путин минатиот месец изјави дека Русија ќе стави крај на војната во Украина само доколку Киев исполни одредени услови. Тие вклучуваат напуштање на амбициите за НАТО и отстапување на четири територии делумно анектирани од Русија, како и на Крим. Украина ги отфрли овие услови и ги нарече апсурдни.

Додека беше во Киев, Орбан, кој одржува блиски односи со Путин, рече дека на Зеленски му доставил предлог за прекин на огнот, чија цел е да се запре двегодишната борба со Русија.

Зборувајќи за новинарите по средбата со Зеленски, Орбан не елаборираше за предлогот, но рече дека го прашал украинскиот претседател „дали е можно да се направи пауза, да се запре пукањето и потоа да се продолжат преговорите“, додавајќи дека прекин на огнот „може да обезбеди забрзување на темпото на овие преговори“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG