Вести
Меџити најави кривична пријава за Арсовска

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и денеска и порача на скопската градоначалничка Данела Арсовска да се занимава со своите надлежности. Тој најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила.
Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.
„Добро што Данела се појави зашто четири години не сме ја виделе. И кога очекувавме дека ќе каже нешто за ветеното, а несработеното во Чаир и Скопје, таа изигрува инспектор, контролор, но заборава дека јавните претпријатија се пред банкрот и ова е најлошо управување на Скопје откако памти историјата, заедно со ДУИ и Левица“, истакна Меџити.
Според него, не треба да се заборави обидот на ДУИ и Али Ахмети за дестабилизиација на државата кој имаше план А, Б, Ц, а последниот беше со Таравари, но пропадна. Сега, дополни Меџити, инструментот е Данела Арсовска за дестабилизиација преку општините.
„Ова е последниот план на Ахмети, овојпат не преку Таравари и други актери, туку преку Блерим Беџети, шефот на парламентарната група, Левица и инструментот е Данела Арсовска за дестабилизиација преку општините. Ако се работи за дивоградби, нема општина што нема дивоградби. Добро е што Арсовска почна од Чаир, но добро е да ја видиме и во Сарај, во Шутка каде што се нејзините партнери, добро е да каже за синот на шефот на парламентарната група Блерим Беџети кој има 17 години и Договор за интелектуални услуги во ЈП „Комунална хигиена“ каде директор е човек на Блерим Беџети. Не случајно се давиме во ѓубре на ниво на Град Скопје, добро е Данела да се занимава со нејзините надлежности, а не со друго“, нагласи Меџити.
Во врска со локалните избори, информира дека се во тек разговорите, но и се чекаат анкетите од различните агенции за Вреди да ги даде најдобрите и најсоодветните кандидати.
Тој очекува и да се зголемува бројот на пратеници во Вреди, а мисли и дека веќе, како што истакна, е зголемен.
Несогласувањата во коалицијата Вреди почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во Вреди го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
ОН: Руските напади со дронови во Херсон се воени злосторства

Руската војска извршила воени злосторства и злосторства против човештвото во нападите со беспилотни летала врз цивилни цели во јужниот украински регион Херсон, се наведува во новиот извештај на Обединетите Нации.
Извештајот на Независната меѓународна комисија за истрага за Украина, објавен на 28 мај, беше најновиот доказ што укажува на можни злосторства кои биле наводно извршени од руски цивилни или воени власти во Украина.
„Руските вооружени сили извршија злосторства против човештвото, убиство и воени злосторства како напад врз цивили, преку повеќемесечен модел на напади со беспилотни летала насочени кон цивили на десниот брег на реката Днепар во покраината Херсон“, се вели во извештајот на комисијата.
Кон крајот на 2022 година, неколку месеци по почетокот на тоталната инвазија, украинските сили успеаја делумно да ги истиснат руските трупи од регионот Херсон. Руските сили се повлекоа од западните брегови на реката Днепар, преку реката на исток, која е исто така дел од регионот Херсон.
Оттогаш, руските трупи продолжија да бомбардираат градови на спротивниот брег, вклучувајќи го и градот Херсон. Украинските сили се обидоа во 2023 година да воспостават фронт на источните брегови на Днепар, за да ги потиснат руските трупи подалеку, но тој обид не успеа.
„Речиси 150 цивили се убиени во кампањата со беспилотни летала што, според комисијата, започнала во летото 2024 година, а стотици други се ранети додека ги извршувале сите секојдневни рутини во и надвор од своите домови. Операторите на беспилотни летала користеле видео преноси во реално време за да ги следат и напаѓаат цивилите“, се вели во извештајот.
Амбулантни возила, кои се заштитени според меѓународното право, исто така биле цел на напади.
Руските напади „беа извршени со примарна цел да шират терор меѓу цивилното население, кршејќи го меѓународното хуманитарно право“, соопшти експертскиот панел, кој работи во рамките на Советот за човекови права на Обединетите Нации.
Меѓународниот кривичен суд, кој работи независно од Обединетите Нации, покрена обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото против претседателот Владимир Путин и еден врвен советник на Кремљ за надгледување на присилното преместување на десетици илјади деца од украинските територии окупирани од Русија.
Судот, исто така, покрена обвиненија за воени злосторства против двајца врвни руски воени офицери за наведување на ракетни и беспилотни летала врз украински цивилни цели, како што се електричните мрежи и станбените куќи.
Маск ја напушта позицијата специјален службеник во администрацијата на Трамп

Милијардерот и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, ја напушта администрацијата на претседателот Доналд Трамп откако водеше бурна кампања за ефикасност, но на крајот не успеа да ги оствари најавените заштеди што ги бараше.
„Моето планирано време како специјален владин службеник се ближи кон крајот“, напиша Маск на платформата X во среда.
Американските прописи налагаат дека таквите вработени се ограничени на 130 дена вработување, што значеше дека Маск ќе мора да ја напушти својата позиција до крајот на мај.
Сепак, некои медиумски извештаи сугерираат дека во кругот на американскиот претседател Трамп имало размислувања за продолжување на мандатот на Маск со тоа што ќе работи со скратено работно време.
Улогата на Маск како советник на Трамп е намалена во последните недели.
Пред повеќе од еден месец, Маск објави дека од мај па натаму ќе поминува „значително“ помалку време работејќи во администрацијата на претседателот.
Наместо тоа, ќе се фокусира повеќе на „Тесла“, нивната компанија за електрични автомобили, чија продажба опадна во последните недели.
Иако Маск останува близок со претседателот, неговото заминување доаѓа по постепено, но постојано опаѓање на неговиот углед.
Маск почна да навестува дека неговото време во владата завршува, понекогаш изразувајќи фрустрација што не може поагресивно да ги намали трошоците.
Маск стана лицето на напорите на Трамп да ги намали владините трошоци, иако формално не го водеше комитетот што го создаде за таа цел - Одделот за владина ефикасност, познат како DOGE, соопшти Белата куќа во судските документи.
На платформата X, Маск му се заблагодари на Трамп „за можноста да се намали расипничкото трошење“.
Маск тврди дека DOGE заштедил приближно 160 милијарди долари. Сепак, критичарите ја доведоа во прашање оваа бројка, тврдејќи дека некои заштеди се двојно пресметани или веќе биле постигнати пред да се формира DOGE.
Почнува судењето за предметот „Адитив“

Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска започнува судењето за случајот „Адитив“ што се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Обвинети се 31 физичко лице и пет правни лица, помеѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Како што претходно соопшти ОЈОГОК, според наводите во диспозитивот првообвинетиот во случајот се гони за несовесно работење во службата, додека шестемина се обвинети за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На четворица од нив на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дополнително, на четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Одговорните компании се товарат за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а две од нив и за продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
Од Обвинителството информираат дека обвинетите управители и сопственици на правни лица откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на нивните правни субјекти, како економски оператори – учесници во постапки, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј.
Понатаму, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно, дел од обвинетите припадници на злосторничкото здружение и дел од останатите обвинети примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на паричните средства и подигнувале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.
Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра.
Поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, исто така е осомничен во предметот Адитив.
ОН: Го поздравуваме најавениот втор круг преговори меѓу Русија и Украина

Обединетите Нации ги поздравуваат сите напори за завршување на украинската криза, изјави денеска портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.
„Ги поздравуваме сите напори што ќе доведат до завршување на тој конфликт во согласност со меѓународното право, во согласност со Повелбата на ОН, во согласност со сите релевантни резолуции на ОН и територијалниот интегритет на Украина“, рече Дижарик за време на брифинг.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека руската делегација, предводена од Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, е подготвена да ѝ претстави руски меморандум на Украина на 2 јуни во Истанбул за сите аспекти на надминување на основните причини за кризата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повеќе од 900 ракети биле испукани врз украински цели во текот на тридневниот период што заврши рано на 26 мај. Тринаесет цивили биле убиени во нападите што се случија на 25 мај. Москва соопшти дека погодила само „воени цели“ во Украина.
Нападот од 26 мај беше најголемиот откако Русија ја започна својата инвазија пред повеќе од три години. Тоа се случи еден ден откако Трамп на социјалните мрежи објави дека Путин е „целосно луд“.
Мицкоски најави вработувања за повеќе од 16 илјади граѓани, таргет се младите

Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади невработени, од кои очекувањата се 65 проценти да се млади до 29 години, информира на денешната прес-конференција претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Мицкоски посочи дека оперативниот план за вработување, мерки и програми кои ќе понудат работа и поддршка на пазарот на трудот бил срочен на последната седница на Владата.
„Со овој план се опфаќаат две глави точки, првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади, втората работа е организиран пристап во сузбивањето на пожари за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животна средина на локално ниво“, изјави премиерот.
Мицкоски рече дека се очекува голема вклученост на млади, бидејќи мерките кои биле креирани имале за цел да ја опфатат токму оваа категорија на граѓани. Младите се ставени во фокусот и со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила.
„Поддршка за самовработување, поддршка за вработување на лица со попреченост, обука на работно место, обуки и многу други мерки. Ги повикуваме граѓаните да се запознаат во целост со можностите што ги нуди Оперативниот план. Секој човек е важен, а ние како Влада ќе се обидеме да отвориме повеќе работни места“, изјави Мицкоски.
Како што посочи, со оперативниот план за активните програми, мерки за вработување услуги на пазарот на трудот за 2025 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста кај младите, долгорочно невработените и корисниците на минимална помош.
Ваљбона Емини од Вреди е нова пратеничка во Собранието

Државната изборна комисија (ДИК) ќе го извести Собранието да го верификува мандатот на пратеничката Ваљбона Адили Емини, на местото на пратеникот Салим Сулејмани од коалицијата Вреди.
На денешната седница ДИК констатираше дека Адили Емини го прифаќа мандатот за што и се издава писмено уверение, а по оставката на Сулејмани.
Претходно денеска (28 мај) Собранието пред почетокот на 52. седница констираше дека престанува пратеничкиот мандат на Салим Сулејмани, кој на 18. месецов поднесе оставка од сите функции во АА, како и од функцијата пратеник во Собранието, повикувајќи се на морална, професионална и политичка одговорност, а со неговата оставката Вреди добива нов пратеник.
Во јавна изјава Сулејмани го критикуваше доближувањето до ДУИ и го оцени како „недостоен компромис“.
„Не можам да бидам дел од сојуз што прави компромиси со луѓе спомнати на меѓународни црни листи“, посочи Сулејмани.
Објасни дека неговиот влез во политиката бил мотивиран од желбата за вистинска промена, а не од лични амбиции. Тој посочи дека ДУИ е „структура поврзана со клановски и лични интереси“ и додаде дека коалицијата ВРЕДИ ја сметал за „антипод на коруптивната матрица“.
„Приближувањето на Алијанса за Албанците до ДУИ е предавство на ветеното и кршење на принципите“, потенцираше Сулејмани во оставката.
Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Истрагата за Кочани проширена со сопственикот на објектот во кој работела дискотеката „Пулс“

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка со која ја прошири истрагата за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” спрема уште едно лице, кое исто така е осомничено како соизвршител за -Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
„Од дејствијата преземени во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката, го издавал под закуп на еден од претходно осомничените. Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот неформален сопственик на правното лице, тој на различни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до месец март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3 – големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/ кабаре“, соопштија од Обвинителството.
Според Правилникот за урбанистичко планирање,Г3 е наменски објект за сервиси за одржување и поправка на опрема и индустриски производи како што се сервиси за автомобили и други возила, машини, алати и инструменти, хемиско чистење.
Според истрагата дискотеката немала паркинг и пристап во случај на несреќа како што се случи таа на 16 март.
Јавното обвинителство до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки за претпазливост.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство. Со последното проширување истрагата опфаќа 69 осомничени.
Руски фабрики за дронови погодени од украински беспилотни летала

Две фабрики за дронови во близина на Москва се погодени во голем украински напад со дронови, јавија денеска (28 мај) локалните медиуми, а пренесе ДПА.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека една од целите се наоѓала во градот Зеленоград, северозападно од главниот град.
Засега нема извештаи за жртви или сериозна штета, објави тој на Телеграм.
Руските канали на Телеграм јавија дека фабрика за дронови е погодена и во градот Дубна, на околу 80 километри северно од Москва.
Според ДПА руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта, 296 украински дронови биле пресретнати над руска територија.
Бројките не можат да се потврдат од независни извори.
Операциите на неколку аеродроми во Москва и во други градови беа привремено прекинати поради нападите со дронови.
Во меѓувреме, на терен во Украина, осум лица биле повредени во близина на градот Харков во текот на ноќните руски напади со дронови, соопштија регионалните власти.
Според украинските воздухопловни сили, руските сили исто така лансирале пет балистички ракети Искандер-М, но последиците засега се нејасни.
Пратениците го донесоа Законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство

Собранието го донесе Закот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.
За законот гласаа 82 пратеника од кои 76 пратеници гласаа „за“, шест пратеници гласаа против, а воздржани немаше.
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој го презентираше законот, истакна дека документот е склучен во Лондон на 22 мај годинава, врз основа на потпишаната декларација за стратешко партнерство меѓу РСМ и ОК и е важен чекор напред во зајкнувањето на партнерството меѓу двете земји и унапредувањето на нивните заеднички интереси.
Тој рече дека целта на овој договор е и консолидација и натамошен подинамичен развој на односите и соработката во однос на критичната инфраструктура, здравството, технологијата и енергетиката заради реализација на инфратсурктурни приоритетни проекти.
Со Договорот на земјава ќе и се обезбеди кредитна линија од пет милијарди фунти на располагање за големи инфраструктурни железнички, транспортни, здравствени и енергетски проекти.
„Списокот на проекти вклучува развој на модерна товарна и брза тарнспортна железница од Табановце до Гевгелија, инвестирање во здравството и изградба на нови болници, завршување на изградбата на Клиничката болница во Штип, изградба на нова зградаа за медицински факултет и студентски дом, изградба на болница и здреавствен дом во Кичево, реконструкција на клиничката болница во Тетово и развој на капацитетите за сајбер безбедноста и дигиталната трансформација на Владата на РСМ. Списокот на проекти на кои би се фокусирала меѓувладината соработка е приложен како анекс А кон овој Договор“, рече Димитровски.
Во текот на расправата власта и опозицијата ги соочија аргументите за и против овој договор.
Од опозицијата обвинија за нетранспарентност во однос на Договорот, за презадолжување на земјата, како и дека ваквите договори се далеку од економска корист и претставуваат долгорочна закана за економската и политичка сувереност на земјата.
„За најголемите и важни договри кои најверојатно ќе ја обликуваат иднинта на нашата земја и во политичка и во екоеномска смисла треба да се однесуваме одговорно и целосно транспарентно. Жалам што Владата ја пропушти оваа шанса“, рече пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ.
Според него, со договорот, како што рече, се отвораат можности за нетранспарентни зделки и заобиколување на Законот за јавни набавки. Посебна загриженост, рече, предизвикува и ставот 2 од членот 2 од Договорот, кој вели: „ќе се олесни запознавање со британски деловни субјекти за поддршка на реализацијата на проектите“.
„Македонската јавност има право да знае – што значи оваа одредба? Дали се работи за веќе договорени изведувачи? Ако е така, тоа е во директна спротивност со Законот за јавни набавки и принципот на конкурентност. Каква е тогаш логиката министерката за финансии да тврди дека ќе се почитува домашното законодавство“, истакна пратеникот на СДСМ.
Од владеачката коалиција пак со став дека договорот е транспарентно објавен и е тука пред пратеиците, за разлика како што беше посочено, од Договорот со Бехтел и Енка кој не беше претставен на јавноста бидејќи содржеше клаузила строго доверливо.
Го оценија како историски за земјава затоа што преставува цврст темел за односите со една од најголемите светски сили и мотор на финансиите, науката и иновациите.
„И финансискиот договор и тој на истиот начин ќе биде усвоен - во Владата и во Собранието. Што е сега нетранспарентно, дали таа операција во која тука доаѓаше оној „циркузант“ од „црната листа“ која што вие го ставивте одговорен на тие проекти да ги води и којшто не навредуваше или ова е нетранспарентно? Зошто и од каде таа потреба да го потрценувате овој народ? Понатаму каде тука има за мигарнтси кампови, дали во некој од 8-те члена е напишано тоа? Мојата омилена лага за овој договор дека е ова антиевропски договор, а истатата недела ЕУ склучи договор со ОК“, рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти беше усвоен и од собраниската Комисија за надворешни работи. Предлогот е на 52. пленарна седница на Собранието.
Предлогот беше поддржан со 10 гласа „за“, и ниту еден „против“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ги посочи предностите кои државата ќе ги добие со овој договор. Стратешка позиционираност во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврстување на институциите се дел од нив.
„Македонија ќе може да ја направи железницата долж Коридорот 10, во две железнички линии, од кои едната ќе биде брза железница за возови над 160км на час, а другата линија за товарен транспорт. Линијата за товарен транспорт ќе ја подигне стратешката важност на Македонија и ќе го зголеми протокот на стоки низ државата од пристаништата во Грција кон Средна Европа. Само по основ на транзит, очекувано е државата секоја година да инкасира од 100 до 120 милиони евра. Ќе ја трансформираме државата на здравствен план. Овој договор ќе овозможи доизградба на Клиничкиот центар во Штип, медицински факултет и нов студентски дом, изградба на болница во Кичево и Тетово“, рече Мицевски.
Тој рече дека договорот не е класифициран и не се чува во четири ѕида како претходните на владата на СДС и ДУИ.
„Сѐ е транспарентно, затоа што и придобивките се јавни и достапни за граѓаните. Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДС и ДУИ. Ова не е договор на ВМРОДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија“, рече Мицевски.
По постигнатиот договор за стратешко партнество со Обединетото кралство меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стамер, што го објавија на средба во Тирана на 18 мај, македонската Влада на седница на 20 мај го усвои текстот на Договорот со кој е дефинарно партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, а Предлог законот за негова ратификација вчера беше испартен во Собранието.
Целта на Договорот, што ќе биде во сила 10 години, е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфратсруктурни проекти, во секторите, транспорт, здравство, технологија, енергетика и други критични сектори во Република Македонија.
Планираните проекти со Договорот се изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија кој ориентационо како што соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, би требало да чини околу милијарда и 900 милиони евра до две милијарди евра, како и изградба на Клиничката болница, Медицински факултет и Студентски дом во Штип, целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево, околу 200 милиони евра.
Областите на соработка се наведени во Анекс А, каде стои и дека ќе се реализираат и програми за развој на транспортниот Коридор 8, за развој на капацитети за сајбер безбедност и дигитална трансформација на Владата, како и за развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.
Во текстот на објавениот Договор стои дека покрај првичната група проекти се наведени во анекс А, а можат да се вклучат и други проекти доколку така одлучат учесниците. Во член 2, каде е уредена програмата за финансирање, е наведено дека учесниците ќе работат заедно за да идентификуваат можности за финансирање проекти, вклучително и од Инструментот на Обединетото Кралство за финансирање на извозот.
Преку тој инструмент за државава се ставаат на располагање 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра за реализација на проекти и финансирање кое ќе оди исклучиво со реализација на проекти.
Во член 4 е дефинирана доверливоста на договорот, каде е наведено дека учесниците прифаќаат разменување на информации за исполнување на целите на Договорот преку три одредби. Со нив е предвидено дека учесниците можат да ги користат информациите само за намени во поддршка на овој договор и ќе ја чуваат доверливоста на информациите разменети меѓу нив, во случаи во кои кој било од учесниците е законски обврзан да открие информации согласно важечкото законодавство или според судска наредба или заради друга причина, меѓу себе треба да се известат пред да ги откријат информациите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете