Вести
Двајца Македонци уапсени на бугарска граница за шверц на 137 килограми марихуана
Во два камиони со руда наменети за Турција, двајца македонски државјани пробале да пренесат 137 килограми марихуана на бугарска граница. Бугарската гранична полиција соопшти дека на преминот Ѓуешево, најголемиот граничен премин на македонско- бугарската граница на планината Осогово, биле сопрени два камиони со македонски регистарски таблички.
Според соошшението од бугарската царина, на 18 декември годинава, камионите официјално превезувале руда до Турција. Марихуаната била пронајдена при темелен царински преглед.
„Во приколката од втората композиција пронајдени се специјално прилагодени скривалишта - шуплини во дрвени попречни штици (хоризонтални странични прегради). Пронашле 320 пакетчиња со наркотичната супстанца - марихуана. Вкупната тежина на предметот на кривичното дело е 137.045 кг“, е наведено во соопштението од бугарската царина.
Обвинителството во Ќустендил отвори предистражна постапка за нелегална трговија со дрога против македонските државјани со иницијали. Нив им е одреден притвор од 72 часа, додека се чека одлуката од Судот за определување на мерка притвор.
Австриец уапсен на хрватска граница при обид да „прошверцува“ почината 83- годишна жена
Хрватските власти уапсија австриски државјанин под сомнение дека се обидел да прошверцува почината жена. Тој бил запрен на граничен премин со мртва жена која била сместена на совозачкото седиште во неговиот автомобил, соопшти полицијата во вторникот.
„65-годишниот маж беше запрен на граничниот премин Гуња со Босна и Херцеговина кон крајот на ноември, откако приложи патни исправи за себе и за друг патник“, беше наведено во полициското соопштение.
Полицајците се посомневале откако забележале дека патничката „не била свесна и не комуницирала“. Полицијата повикала судски вештак на местото на настанот, кој констатирал дека сопатничката е мртва.
Властите соопштија дека 83-годишната жена починала, а 65 годишниот возачот се обидел да го однесе нејзиното тело во Австрија за да „избегнат формалности поврзани со транспортот на починатите, велат од полицијата.
Полицијата не даде детали за односот меѓу двајцата, но локалните медиуми го опишаа човекот како законски старател на починатиот.
Полицијата соопшти дека случајот е формално предаден на обвинителите во земјата.
МНР му врачи протестна нота на рускиот амбасадор
Македонското министерство за надворешни работи му врачи протестна нота на рускиот амбасадор во Скопје Сергеј Баздникин, поради нанесената материјална штета при рускиот напад на Киев, на македонската амбасада во Украина.
Баздникин попладнево бил повикан во во Мистерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) каде му беше врачена протестна нота.
„На рускиот амбасадор му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“, е наведено во соопштението од МНР.
Претходно, МНР информираше дека при нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.
„Од страна на надлежните служби е извршен првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање“, соопшти Министерството.
Рускиот ракетен напад врз зграда во Киев, во која се сместени шест странски дипломатски претставништва, меѓу кои и македонската амбасада во Украина, го осуди и Европската комисија.
„Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на (рускиот претседател Владимир) Путин претставува опасност за Украина, за ЕУ и за нашата севкупна безбедност“, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Хипер одговарајќи на новинрското прашање дали Европската Комисија има намера да вложи дипломатски протест до Русија, затоа што меѓу тие шест земјие, една е членка на ЕУ, кусо одговори дека Комисијата „ќе ја процени ситуацијата и ќе реагира“.
Украина изврши смртоносен ракетен напад врз рускиот регион Курск на 20 декември, само неколку часа откако Русија изврши масовен воздушен напад врз Киев за време на шпицот во кој загина едно лице и оштетена историска катедрала и други згради во главниот град, вклучително и шест амбасади.
Киев беше само една од неколкуте цели во масовните руски воздушни напади низ Украина на 20 декември.
Напаѓачот од Загреб откако убил седумгодишно дете и ранил пет други, пробал да се самоубие
Хрватската Влада донесе одлука утре да биде Ден на жалост поради трагедијата во Основното училиште Пречко во Загреб, при што е убиено седумгодишно дете, седум други се ранети од кои пет деца и двајца возрасни.
Во Основното училиште Пречко во Загреб денеска 19-годишно момче со нож нападна учителка и неколку ученици. Од здобиените повреди почина едно дете, а пет деца кои се ранети се хоспитализирани.
„Нападот го извршил 19-годишен маж кој десет минути подоцна бил уапсен кога полицијата го спречила да се самоубие“, хрватски Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
Тој додаде дека насилникот бил ученик во тоа училиште и живеел во близина на училиштето.
Напаѓачот набрзо по нападот побегнал и криејќи се во тоалетот во блиска болница се обидел да се самоубие со ножот, нанесувајќи си неколку убодни рани во вратот. Полицијата го спречила и тој сега е под полициски надзор во болницата, јавува Хрватската радио телевизија.
„Се утврдуваат околностите и динамиката на овој настан“, рече Божиновиќ, додавајќи дека истрагата и другите дејствија што ги спроведува полицијата, како информативни разговори и одземање на снимките од надзорните камери, се во тек.
Полска револтирана од унгарската одлуката за азил за политичар обвинет за корупција
Полска го повика унгарскиот амбасадор поради одлуката на Будимпешта да му даде политички азил на полски опозициски политичар кој се бара поради наводна корупција за време на неговиот мандат во претходната полска влада.
Варшава беше огорчена од одлуката на Унгарија да му даде политички азил на опозиционерот Марчин Романовски. Одлуката, објавена од кабинетот на унгарскиот премиер на 19 декември, ја обвини полската влада за прогон на нејзините политички противници.
Полска го нарече потегот „непријателски чин“ што се коси со принципот на лојална соработка меѓу членките на Европската унија.
„Како одговор на оваа акција, унгарскиот амбасадор во Полска денеска ќе биде повикан во Министерството за надворешни работи, каде што ќе добие официјална протестна нота“, соопшти Министерството на 20 декември.
Министерството, исто така, соопшти дека доколку Унгарија не ги почитува со своите обврски од ЕУ, Полска ќе побара од Европската комисија да одговори.
Владата на полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека ја отвори вратата за обвинителите да ги истражат сомнителните неправилности извршени за време на мандатот на националистичката партија Право и правда, која владееше со земјата осум години до 2023 година и кои беа прикриени.
Туск рече дека е вознемирен од одлуката на Унгарија да засолни човек кој се бара поради сомневање дека ја измамил државата.
„Не очекував дека корумпираните политичари кои бегаат од правдата ќе можат да изберат меѓу [белорускиот авторитарен лидер Алаксандар] Лукашенко и [унгарскиот премиер Виктор] Орбан“, рече Туск на 20 декември.
Неговото повикување на Лукашенко очигледно беше поврзано со случајот за полскиот судија кој побегна во Белорусија.
Романовски беше приведен за време на истрагата, но ослободен во јули. Тој ги негира обвиненијата против него. Преку неговиот адвокат, тој тврдеше дека е жртва на политичка одмазда од владата на Туск.
Шефот на канцеларијата на Орбан, Гергели Гуљас, рече дека одлуката на унгарските власти е во согласност и со домашното и со законодавството на Европската унија.
Тој рече дека апсењето на Романовски покрена сериозна загриженост за фер третман и политичка пристрасност во судски постапки во Полска.
Полските опозициски пратеници, вклучително и Романовски, ја обвинија владата на Туск дека спроведува политички мотивиран лов на вештерки против нив.
Романовски изјави за полската телевизија ТВ Република дека мисли дека фактот што Унгарија му дала азил потврдува дека „ние се занимаваме со политички прогон во Полска“.
Портпаролот на Европската комисија одби да коментира за конкретниот случај, но нагласи дека земјите-членки на ЕУ се обврзани да ги спроведуваат европските налози за апсење.
Вучевиќ: Студентите што не протестираат имаат право да полагаат испити
Српскиот премиер Милош Вучевиќ на 20 декември изјави дека студентите кои не протестираат на факултетите имаат право да полагаат испити и дека очекува деканите и професорите да ги разберат овие студенти.
Вучевиќ се сретнал со, како што се вели во владиното соопштение, „легитимно и легално избраните студентски претставници на сите универзитети во Србија“. По средбата изјавил дека дека заклучил оти студентите се многу загрижени дали и како ќе заврши семестарот и како ќе биде организиран јануарскиот испитен рок.
„Студенти на премиерот му поставиле „бројни прашања на кои очекуваат одговор, но и помош од државата“, е наведено во владиното соопштение.
„Ги интересира дали ќе се намалат школарините бидејќи немале настава поради блокадите на факултетите, што ќе биде со оние кои требаше да завршат во овој период, а беа спречени да го сторат тоа, а чекаа вработување. и многу други работи поврзани со нивиот стандард“, изјави Вучевиќ.
Тој оцени дека „недозволиво е професорите да ги делат студентите на оние кои протестираат и оние кои сакаат да одат на часови“ и додаде дека „последниве се најмногу дискриминирани“.
„Очекувам деканите и професорите да ги разберат и двете, бидејќи мнозинството студенти не учествуваат во блокадите“, рече премиерот.
Според Вучевиќ српската владата ги исполнила сите барања на студентите- демонстранти и се друго што се случува е чиста политизација“.
Студентите кои ги блокираат факултетите ги отфрлаат овие наводи.
Во Србија блокирани се повеќе од 50 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.
Студентите на блокадите бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, објавување на сите документи поврзани со реконструкцијата на станицата и зголемување на буџетот на факултетот.
Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, меѓу другото, како што велат, објавена е и документацијата за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад.
Групата студенти на блокадата соопшти дека со објавувањето на документацијата не се дава одговор на прашањето кој е одговорен и што се случило.
Бетонската настрешница на зградата на станицата во Нови Сад се урна само неколку месеци по свеченото отворање на станицата по тригодишна реконструкција и тврдењето на надлежните дека е изградена по највисоки европски стандарди.
13 лица се уапсени под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата.
Меѓу нив беше и до неодамна министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ, кој по неколку дена беше пуштен од притвор.
Владата го повлече од Собрание предлог-законот за средно образование
Законот за средно обеазование е повлечен од Владата, откако повеќе партии поднесоа десетици амандмани. На голем дел од законските одредби реагираа опозициските партии, но клучната причина поради која беше повлечен законот е ставот на владиниот коалициски партнер Вреди (Влен) кои бараат да се избрише членот со кој се предвидува интонирање на државната химна на почетокот и крајот на учебната година, како и за одбележување на патронатите на училиштата.
„Уште еднаш се докажа дека клучен фактор кој ги гарантира албанските интереси е Вреди. Постапивме како што ни одговара. Без врева и без бучава. Во првото читање наредбата ја дадовме со тоа што воопшто не гласавме, а по потреба поднесовме амандмани. Како резултат на тоа, Владата го повлече законот. Државната химна нема да се интонира во училиштата“, се наведува во соопштението на Вреди.
Пред почетокот на комисиската расправа на 20 декември за законите од образованието, претседателката на Комисијата Иванка Василевска рече дека Владата го повлекува Предлог-законот за средно образование.
Пратеничките д коалицијата на Европскиот фронт Илире Даути и Арбана Пашоли, изразија задоволство од повлекувањето на Законот, посочувајќи дека не се согласувале со неколку ставови во овој закон, особено со член 54 со кој се предвидуваше интонирање на државната химна.
Амандмани беа поднесени и за водењето на педагошката евиденција на двата јазика, македонскио и албанскиот, како и за полагање испит по македонски јазик на сите директори.
ЕК го осуди рускиот напад врз зградата во Киев, коja e седиште на македонската и пет други амбасади
Европската комисија го осуди руски ракетен напад на 20 декември врз зграда во Киев во која се сместени шест странски дипломатски претставништва, меѓу кои и македонската, црногорската и албанската амбасада во Украина.
„Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на (рускиот претседател Владимир) Путин претставува опасност за Украина, за Европската Унија (ЕУ) и за нашата севкупна безбедност, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Хипер одговарајќи на новинрското прашање дали Европската Комисија има намера да вложи дипломатски протест до Русија, затоа што меѓу тие шест земјие, една е членка на ЕУ, кусо одговори дека Комисијата „ќе ја процени ситуацијата и ќе реагира“.
Од црногорското Министерство за надворешни работи за Радио Слободна Европа велат дека прозорците на просториите на Амбасадата се оштетени како последица на експлозија што се случила во нејзина близина.
Во моментот на експлозијата, амбасадорот и персоналот на Амбасадата не беа во објектот. Нема повредени“, соопшти црногорското Министерство, додавајќи дека тие се безбедни и ги следат упатствата на украинските власти.
Претходно, високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас изјави дека ниту една дипломатска мисија никогаш не треба да биде цел.
„Ова е уште еден варварски напад на Русија врз цивилни цели, што покажува дека нема волја за мир“, напиша таа на социјалната мрежа Х.
Претходно, македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, откако го осуди нападот информираше дека при нападот нема повредени меѓу нашиот дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.
„Од страна на надлежните служби е извршен првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање“, соопшти Министерството.
Руската инвазија на Украина започна во февруари 2022 година.
Обвинителството ги презентираше материјалните докази за убиствата на Ѓорчевска и Жежовски
Над 200 материјалните докази за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски презентираше обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска на рочиштето во Кривичниот суд на 20 декември. Дел од доказите биле траги од ДНК кои го поврзуваат еден од обвинетите со киднапирањето на девојчето.
Обвинети за двете убиства се Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Влатко Кешишов, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој се товари за помагање. Тие на првото судско рочиште се изјаснија за невини.
Според податоците од обдукцијата, убиствата биле извршени од непосредна близина со пиштол кој имал калибар од 9 милиметри. Обвинителката Крстевска Јосифовска кажа дека психијатриското вештачење на обвинетите потврдиле дека биле пресметливи.
Откако ќе заврши презентирањето на материјалните докази на Обвинителство, следува сослушување на сведоци на одбраната.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Палевски, како првоосомничен беше уапсен во Турција на 5 декември лани, а турските власти и го екстрадираа на Северна Македонија на 15 мај годинава.
Обвинителството во БиХ истражува неколку луѓе од американската „црна листа“
Обвинителството на Босна и Херцеговина истражува повеќе лица од американската црна листа, потврдија за Радио Слободна Европа од оваа судска институција на 20 декември. Тоа се случаите кои се формирани по ставањето на црната листа на одредени лица и функционери од страна на Владата на Соединетите Американски Држави.
„Обвинителството во работењето на предметите соработува со партнерски институции во БиХ и во странство, а во предметите има повеќе лица кои се на списокот на ОФАЦ“, наведуваат во одговорот за Радио Слободна Европа од Обвинителството на БиХ.
Од Обвинителството не соопштуваат конкретни детали за лицата за кои станува збор, ниту што е предмет на истрагата.
Инаку, РСЕ доби сличен одговор од Обвинителството на БиХ во јуни, откако беа санкционирани голем број компании поврзани со Игор Додик, синот на прорускиот претседател Република Српска, Милорад Додик.
Милорад Додик долго време е под санкции на САД, како и неговите деца Игор и Горица.
Последното проширување на листата на санкции беше во средата, на 18 декември, кога на листата на санкции меѓу другото беше додадена и Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина.
Кошарац беше додаден на листата заедно со уште три лица и четири компании. ВО соопштението на ОФАК се наведува дека тој често добиваЛ задача од Додик да ја „злоупотреби својата службена положба во корист на Додик“.
Тие наведуваат дека Кошарац, како државен министер и заменик-претседател на Советот на министри на БиХ, имал овластување да влијае на политичките и буџетските процеси.
Освен Кошарац, на списокот тогаш беа додадени и Александар Добриќ и неговиот татко Мирко Добриќ, како и Влатко Вукотиќ, како и Влатко Вукотиќ, за кого ОФАЦ тврди дека соработувал со децата на Милорад Додик. Санкционирани се и фирмите во нивна сопственост „Бест сервис“, „Фрут еко“ и „Ворто“.
Санкционирана е и „Нимбус иновации“, компанија создадена врз основа на претходно санкционираниот „Сириус“.
Според извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден од 2021 година, за санкции против луѓето од Западен Балкан, досега во Босна и Херцеговина се санкционирани околу 40 лица.
Станува збор за лица кои, како што е наведено во указот, се вмешани во загрозување на мирот и стабилноста на Западен Балкан, попречување на спроведувањето на мировните договори или коруптивни активности.
Воведените санкции значат, меѓу другото, замрзнување на имотот во САД и забрана на американските граѓани и компании да работат со нив, а цел на санкции можат да бидат и банките доколку соработуваат со нив.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете