Достапни линкови

Вести

Лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан на самит во Брисел

Групна фотографија на учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024
Групна фотографија на учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024

Регионалните и билатералните спорови вкоренети во минатото предолго го спречуваа фокусот на иднината. Спроведувањето на билатералните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и преспанскиот Договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, останува клучно.

Ова е наведено во нацрт-декларацијата која ќе биде усвоена на крајот од Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, кој денеска (18 декември) се одржува во Брисел.

Овој самит е прв на кој учествува новиот состав на Европската комисија.

Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта рече дека ова е важен собир, бидејќи ЕУ и Западен Балкан припаѓаат на исто европско семејство.

„Не само што делиме ист континент, туку поважно е да споделуваме заеднички вредности“, рече Коста.

Претседателот на Европскиот совет уште еднаш потврди дека проширувањето е приоритет на новите структури во ЕУ.

Шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, пред почетокот на самитот изјави дека регионот на Западен Балкан е многу важен за ЕУ.

„Јасно е дека Европската комисија заедно со мене навистина сака да види напредок во процесот на проширување во следните пет години од мандатот и ние сме подготвени да работиме на тоа“, рече Калас.

Тркалезна маса на Самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024
Тркалезна маса на Самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, истакна дека во последната деценија повеќе земји ја напуштиле Европската унија отколку што влегле во неа, додавајќи дека „време е да се смени тој тренд“.

„Проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на ЕУ и колку е поголема Унијата, толку е помоќна“, рече Мецола и предупреди дека ако ЕУ не работи на тоа да ги вклучи земјите од Западен Балкан, тогаш тоа ќе го искористи некој друг.

Германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека ова е важен самит со земјите на кои пред две децении им беше ветено членство во ЕУ.

„И сега мораме да го завршиме овој процес со сосема ново темпо, така што изгледите за пристапување ќе се трансформираат во вистински пристап“, рече германскиот канцелар.

Шолц додаде дека земјите од Западен Балкан мора да ги спроведат неопходните реформи, но посебен акцент стави на решавање на билатералните прашања, како меѓу земјите од регионот, така и со членките на ЕУ.

Меѓу лидерите од регионот, учествуваат македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, премиерот на Албанија, Еди Рама и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.

Mакедонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите, порача македонскиот премиер од Брисел.

Самитот се одржува веднаш по важните одлуки на Брисел поврзани со процесот на проширување. Црна Гора затвори три поглавја во пристапните преговори, а Албанија отвори еден кластер.

Србија се надеваше дека ќе го отвори кластерот 3 во декември, меѓутоа, во отсуство на едногласност меѓу членките, ЕУ го покани Белград да развие преговарачка позиција, а Брисел ќе се занимава со ова прашање по значителниот напредок на Белград за владеењето на правото и дијалогот со Косово.

„Геостратешко вложување“

Шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја усвојат декларација на крајот на самитот, а од регионалните лидери се очекува да се усогласат со неа.

Меѓу другото, во неа ќе се наведе дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.

„Има нова динамика во процесот на проширување. Забрзувањето на процесот на пристапување, врз основа на правична и ригорозна условеност и принципот на сопствените заслуги, е во наш заеднички интерес“, се вели меѓу другото во нацртот на завршната декларација.

Ќе биде поздравена решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното право и обновената посветеност на приматот на демократијата.

Преку документот ќе се порача дека владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми и силната улога на граѓанското општество, се клучни за обезбедување на функционална демократија.

Нацрт-текстот на завршната декларација ќе се однесува и на геополитичкиот контекст. Во овој поглед, ќе се порача дека поддршката за Украина останува јасен знак за стратешка ориентација.

Сите земји од Западен Балкан ќе бидат повикани да „остварат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, вклучувајќи санкции, нивно спроведување и спречување на тоа тие да бидат заобиколени. Лидерите на ЕУ ќе ги пофалат оние земји кои веќе го прават тоа.

Регионалната соработка ќе биде важен дел од заедничката декларација, каде што ќе се подвлече дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ, се составен дел од процесот на проширување.

„Отсуството на нормализација на односите меѓу Приштина и Белград ги кочи двата партнера“, се наведува во нацрт-декларацијата.

Специјална покана ќе биде испратена до Србија и Косово без одлагање да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот за нормализација на односите, вклучително и Договорот за патот кон нормализација.

Од 2020 година, самитите ЕУ-Западен Балкан станаа редовни и се одржуваат еднаш годишно.

Санкции од САД за Сташа Кошарац, лица и фирми поврзани со семејството Додик

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ (архивска фотографија)
Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ (архивска фотографија)

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина е ставен на листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД, објави оваа институција денеска (18 декември).

Кошарац е додаден на листата заедно со уште три лица и четири компании. За него, OFAC наведува дека тој често добива задача од Милорад Додик, претседателот на Република Српска и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи кој е под санкции од САД и Велика Британија поради неуставни дејствија, да ја „злоупотреби својата службена положба во корист на Додик“.

„Кошарац ја користел својата позиција за да ја поткопа ефикасноста на државните институции во корист на Додик“, наведува OFAC, додавајќи дека, меѓу другото, во текот на 2024 година го блокирал нормалното функционирање на Советот на министри за да обезбеди номинација на Додик за државна функција.

За останатите на списокот се изречени санкции бидејќи, како што се наведува во соопштението, „се дел од финансиската мрежа на санкционираниот претседател на Република Српска, Милорад Додик и му овозможуваат на семејството Додик да продолжи со обидите да избегне санкции“.

OFAC тврди дека останатите санкционирани лица соработувале со децата на Милорад Додик, а санкционирани се и фирми во нивна сопственост.

Изречените санкции значат, меѓу другото, замрзнување на имотот на тие лица и компании во САД, забрана на американските граѓани и компании да работат со нив, додека банките и другите компании и поединци во регионот и светот можат да бидат цел на санкции доколку соработуваат со нив.

„Додик и неговото семејство продолжуваат да се потпираат на доверливи соработници за да ги прикријат своите врски со нови бизниси, збогатувајќи се себеси и соработниците, а во тој процес се обидуваат да ги заобиколат американските санкции“, вели Бредли Т. Смит, вршител на должноста потсекретар на Министерството за тероризам и Финансиско разузнавање.

Тој додаде дека „САД ќе продолжат да ги разоткриваат овие напори и да бараат одговорност од поединците кои ги овозможуваат овие шеми“.

Милорад Додик е под американски санкции од 2017 година, поради заканите за Дејтонскиот мировен договор, а на листата повторно е ставен во 2022 година, и поради заканите за овој договор, но и поради неговата поврзаност со корупцијата во Западен Балкан.

Неговите деца, Горица и Игор Додик, се под санкции од октомври 2023 година, кога OFAC изјави дека тие „овозможуваат продолжување на коруптивните активности на Додик во босанскиот ентитет Република Српска“.

Нашето место е во ЕУ, порачува Мицкоски од Брисел

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Mакедонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите.

Ова го порача од Брисел премиерот Христијан Мицкоски, кој во престолнината на Европската Унија ја предводи македонската владина делегација на денешниот (18 декември) Самит ЕУ-Западен Балкан.

Мицкоски денеска имал билатерален состанок со заменик претседателката на Европската Комисија и одговорна за надворешна политика и одбранбени прашања Каја Калас.

„Разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени“, истакнал Мицкоски, како што се посочува во соопштението од владината прес служба.

Посетата продолжува со билатерални средби на македонскиот премиер со премиерот на Полска, Доналд Туск кој ќе биде следниот претседавач на Европска Унија. А предвидена е и билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, по што ќе учествува и на официјалниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан.

Инаку, во најавата на Европскиот совет за Самитот ЕУ-Западен Балкан, се посочува дека лидерите на Унијата и на земјите од регионот ќе го искористат состанокот како можност за продолжување на новиот моментум во нивното стратешко партнерство, вклучително и размислувања за тоа како да се продлабочи тоа партнерство со цел европските партнери од регионот да се движат кон заедничка иднина во Европската Унија.

Предвидено е на Самитот, кој почнува доцна попладнево, да стане збор и за унапредување на интеграцијата на Западниот Балкан со ЕУ преку Планот за раст на регионот, продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, изградбата на економска основа за заедничката иднината, ублажување на влијанието на руската агресија врз Украина, справувањето со миграцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Утре (19 декември), премиерот Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.

Германија планира да го зголеми бројот на војници во НАТО

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, Берлин, 3 март 2024 година.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, Берлин, 3 март 2024 година.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска (18 декември) изјави дека земјата може да го зголеми бројот на своите вооружени сили на 203.000, додека НАТО сака да ги зголеми своите сили по руската инвазија на Украина.

Германските вооружени сили моментално имаат околу 180.000 униформирани војници.

„Планираме да го зголемиме бројот на униформирани лица на 203.000, а најверојатно одиме во насока на 230.000 поради целите на НАТО“, рече Писториус во парламентот во Берлин, а пренесува Ројтерс.

НАТО треба да договори нови „посложени цели“ за бројот на сојузничките сили и оружје во 2025 година.

Ројтерс пренесува дека владата на германскиот канцелар Олаф Шолц ги зголемила воените трошоци по руската инвазија на Украина во 2022 година, доведувајќи ги, за прв пат по децении, на ниво кое е во согласност со целите на НАТО.

Според овие изјави, прашање е како да се одржи таквата потрошувачка. Буџетските спорови ја соборија трипартиската коалиција на Шолц, што доведе до предвремени избори во Германија.

На 16 декември, Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот, што создаде услови за одржување на предвремени избори во оваа најнаселена членка на Европската унија (ЕУ).

Германскиот канцелар ја предводеше малцинската влада откако неговата трипартиска коалиција се распадна на 6 ноември, откако го отпушти министерот за финансии, со кој спореше за тоа како да ја ревитализира стагнантната економија на Германија.

Лидерите на неколку големи партии тогаш се договорија парламентарните избори да се одржат на 23 февруари 2025 година, седум месеци порано од планираното.

Починат маж и хоспитализирана жена во пожар во куќа во Скопје

Илустрација - Противпожарна служба
Илустрација - Противпожарна служба

Во пожар во куќа во Скопје што се случил ноќеска починало едно лице, а едно е хоспитализирано со симптоми на гушење.

Според соопштението на Министерството за внтарешни работи (МВР), на 18.12.2024 во 00.51 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Финска“ во Скопје настанал пожар во куќа, сопственост 71-годишник.

Од МВР навдедуваат дека при гаснење на пожарот, од екипа на Бригадата за противпожарна единица Скопје бил пронајден починат сопственикот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Додека, неговата 68-годишна сопруга, со симптоми на гушење била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Пожарот бил изгаснат, а увид извршила екипа на СВР Скопје.

Паолучи: Загадениот воздух убива околу 2.800 македонски граѓани годишно

Илустрација - Поглед на Скопје под магла и загаден воздух
Илустрација - Поглед на Скопје под магла и загаден воздух

Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа. Ова го истакна директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, на конференција во Скопје за квалитетот на воздухот.

Тој посочи и дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 жители во Северна Македонија, како и дека покрај напредокот од 1990-те, загадувањето на воздухот е сѐ уште високо, особено во зимските месеци.

Според првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој се обрати на конференцијата, првиот фактор е тоа што домаќинствата и индустријата сѐ уште користат неквалитетно дрво и други извори за греење, посебно во зимската сезона.

Тој на 16 декември ја претстави новата Планска програма за почист воздух 2024-2030 и рече дека целта на програмата е долгорочно и среднорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Северна Македонија.

Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет-Скопје, појасни дека програмата е направена врз база на долгорочни истражувања и најави строги инспекциски контроли на индустриските капацитети.

„Емисиите ќе бидат јавни и сите ќе бидеме сигурни дека тоа што се емитува е сигурно на европски ранг. Како што во 1963 формиравме силни научни институции, кога имавме проблем со земјотресот, сега сакаме да ги поддржиме научните институции да се бават со истражување за чистење на воздухот или за не загадување на воздухот и таква програма сме предвиделе“, додаде Димитровски.

Министерот Меџити порача дека инспекторите се веќе на терен, но и дека треба да се зголеми нивниот број за да може да се опфати целата држава.

Францускиот суд ја потврди пресудата со која Саркози беше осуден за корупција

Поранешниот француски претседател Никола Саркози
Поранешниот француски претседател Никола Саркози

Највисокиот суд во Франција, Cour de Cassation, денеска (18 декември) ја потврди пресудата со која поранешниот претседател на таа земја, Никола Саркози, беше осуден за корупција и тргување со влијание.

Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, поднесе жалба на пресудата од 2021, во која беше осуден на три години затвор.

Како што пренесува Ројтерс, двегодишните казни биле условни, па Саркози една година ќе носи електронска нараквица за следење.

Тој претходно беше прогласен за виновен од првостепениот суд за обид за поткуп на судија и тргување со влијание во замена за доверливи информации за истрагата за финансиите на неговата кампања во 2007 година.

Саркози ќе ги почитува условите на пресудата, но ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права, изјави неговиот адвокат за Франс прес.

Како што се наведува, одлуката на Судот значи дека Саркози нема да има право да се кандидира за функција во рок од три години.

Ројтерс потсетува дека на Саркози следната година ќе му се суди под обвинение за корупција и незаконско финансирање поврзано со наводите за либиско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година.

Се наведува и дека доколку биде прогласен за виновен „во случајот со Либија“, Саркози би можел да добие и до 10 години затвор.

Саркози ги негираше сите кривични дела.

За Медведев претставници на НАТО се „легитимни цели“, по убиството на генерал Кирилов

Заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност и поранешен руски претседател, Дмитриј Медведев
Заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност и поранешен руски претседател, Дмитриј Медведев

Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, го обвини НАТО и официјални лица од земјите сојузници со Украина во нејзината битка да ги одбие инвазивните руски трупи, дека се учесници во конфликтот, правејќи ги „легитимни воени цели“.

Реагирајќи на лондонскиот весник „Тајмс“ кој вчерашното (17 декември) убиство на висок руски офицер го нарече „легитимен чин на одбрана од загрозена нација“, Медведев, поранешниот претседател кој стана познат по неговата растечка анти-западна реторика, рече дека Москва треба да ја примени истата логика во своја корист.

Во својата статија, „Тајмс“ вели дека атентатот бил „дискриминаторен напад против агресор“ и дека ја нагласува потребата западните влади да и ја дадат на Украина „сета поддршка што и е потребна за да води правична војна за самоодбрана“.

„Сите претставници на земјите на НАТО вклучени во одлуките за воена помош за Украина и оние кои учествуваат во хибридна или конвенционална војна против Русија сега се сметаат за легитимни воени цели за руската држава и сите руски патриоти“, напиша Медведев како одговор.

На прашањето за коментарите на Медведев, прес-службата на НАТО одговори преку е-пошта, велејќи: „Ќе ви се обратиме ако имаме нешто да кажеме“.

Генерал-полковник Игор Кирилов, шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана и неговиот помошник беа убиени од бомба сокриена во скутер пред влезот на зградата во Москва рано на 17 декември.

Кирилов е еден од бројните руски офицери и провоени фигури кои се убиени во Русија и во деловите на Украина окупирани од Русија. Неговата смрт дојде една недела откако висок функционер од руска компанија која развива крстосувачки ракети користени од Москва во војната, наводно, бил застрелан близу главниот град.

Реториката на Медведев, кој инаку има ограничена улога во рускиот политички систем, произлегува од долгорочниот наратив на Кремљ за обвинување на западните „сили“ за антируски акции ширум светот и за акти на саботажа и „тероризам“ на руска територија.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, вчера (17 декември) изјави дека Соединетите Држави ниту биле вмешани во убиството на Кирилов, ниту биле свесни за тоа однапред.

Руските истражители убиството го нарекоа „терористички“ напад и веднаш го препишаа на украинското разузнавање. Денеска (18 декември), руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека привела осомничен, 29-годишен неименуван државјанин на Узбекистан, во врска со случајот.

Медведев, исто така, се закани со одмазда против новинарите на Тајмс, предупредувајќи дека весникот може да биде вклучен во тие „легитимни воени цели“, додавајќи дека „во Лондон се случуваат многу работи... бидете внимателни“.

Тоа предупредување се чини дека е прикриено повикување на труењето со радиоактивен полониум-210 на поранешниот офицер на ФСБ и критичар на Кремљ, Александар Литвиненко во Лондон во 2006 година, и обидот за атентат на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери со смртоносен нервен агенс во 2018 година.

Ковачевски: Секогаш работев во согласност со законите

Димитар Ковачевски, поранешен премиер и актуелен пратеник во македонското собрание
Димитар Ковачевски, поранешен премиер и актуелен пратеник во македонското собрание

Поранешниот премиер, а сега пратеник во Собранието, Димитар Ковачевски изјави дека во целото негово работење и како премиер и како заменик-министер за финансии, се водел согласно законите. Неговата реакција следува откако МВР поднесе кривична пријава против осум лица, вклучително и против него, за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

„Се надевам дека институциите целиот тој процес ќе го водат на непристрасен и на професионален начин така како што треба. Она што можам да го кажам е дека во текот на моето работење и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии сум се водел секогаш од законите, секогаш сум работел во согласност со нив. Ние немаме на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост“, изјави денеска Ковачевски во Собранието.

МВР вчера ги објави деталите од кривичната пријава која ја поднесе против осуммината за случајот „Лотарија“ меѓу кои е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генералниот секретар на владата Методија Димовски.

Министерството за внатрешни работи на 13 декември 2024 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против осум лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“,„примање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ во случајот со Државната лотарија на Република Северна Македонија.

Јавното обвинителство на 16 декември соопшти дека е покрената истрага против шест лица осомничени за проневера во АД „Државна лотарија“, како и за злоупотреба на службената положба.

Соопштението на Обвинителството следуваше откако претходно беше објавено дека полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.

Груби, кој неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.

Алармантен одлив на кадар во правосудството, намален број на решени предмети

илустрација
илустрација

Намален број на решени судски предмети, формална, но не и суштинска транспарентност во работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и значителен одлив на кадар од судството и јавното обвинителство, покажуваат извештаите на Коалиција „Сите за правично судење“ што беа презентирани на годишната конференција за презентација на анализите за 2024 година.

„Главните наоди во однос на судските постапки се во голема мера слични на наодите кои ги имавме минатата година со тоа што имаме одредено подобрување во поглед на јавноста и достапноста на податоци за судењата и комуникацијата на судовите со јавноста, меѓутоа имаме уназадување во други области како што се перформансот и бројот на решени предмети во текот на надгледуваниот период“, рече Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Од друга страна, од Коалицијата забележале подобрувања во делот на транспарентноста на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Меѓутоа мора да се потенцира дека станува збор за формална транспарентност, а не и за суштинска, она кога имате многу поголем број на достапни податоци за работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители јавно објавување на информации и податоци, но оние суштински моменти како на пример кога носат определена одлука повторно отсуствуваат битни образложенија независно за каков тип на одлука станува збор. Последен, најсвеж пример со тоа беше изборот на членовите за Управниот одбор во Академијата што беше практично пропратен со отсуство на суштински образложенија и аргументи зошто е тоа така“, додаде Аврамовски.

Анализата за состојбите со човечките ресурси, покажала дека се соочуваме со одлив на кадар од правосудството.

„Третата анализа откри фрапантни податоци затоа што очекувано беше да видиме дека има некој недостиг на судии и јавни обвинители во државата, меѓутоа она што беше неочекувано е што видовме дека се соочуваме со неверојатен одлив на кадар од судството и јавното обвинителство кој во изминатите пет години не успеваме воопшто да го надокнадиме. Ако продолжи ваквиот тренд, ние практично ќе останеме без судии, јавни обвинители и стручни служби,“ потенцираше тој.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, ја поздрави анализата за човечките ресурси и истакна дека ваквите истражувања се во насока на зацврстување на судската солидарност и унапредување на генералната состојба во судството.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG