Вести
Европското јавно обвинителство спроведува истрага за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад

Европското јавно обвинителство (ЕЈО) за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека води истрага за можна злоупотреба на средствата на Европската Унија (ЕУ) во врска со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
Петнаесет лица загинаа, а двајца беа тешко повредени кога на 1 ноември 2024 година се урна настрешницата на станицата во Нови Сад.
ЕЈО вели дека обвинителството мора да одлучи за вршење на својата надлежност кога е извршена измама во однос на средствата на ЕУ доделени на земји кои не се членки на ЕУ.
Меѓу овие земји е и Србија, која е кандидат за членство во Унијата.
„Со оглед на тоа што штетата на финансиските интереси на Унијата е составен дел на кривичното дело измама, кога таа штета се случува во Белгија или Луксембург (бидејќи средствата се плаќаат таму, каде што се наоѓаат институциите на ЕУ), има јурисдикција на тие земји-членки, а со тоа надлежност има и Европското јавно обвинителство, без оглед на каде се случило тоа, на пример во некоја трета земја.
д Европското јавно обвинителство наведува дека не смеат да се објавуваат други детали од истрагата, за да не се загрози исходот од неа.
Трагедијата во Нови Сад се случи четири месеци по свеченото отворање на реконструираната зграда на Железничката станица.
Реконструкцијата беше дел од проектот за реконструкција и модернизација на Нови Сад- Суботица - државната граница со унгарската железница.
Извршувањето на работите било доверено на кинескиот конзорциум CRIC&CCCC, кој го сочинуваат компаниите China Railway International Co. Ltd и China Communications Construction Company Ltd.
Договорот потпишан од српските власти со кинеските партнери за ова, не е јавно достапен.
Во тек се повеќе постапки поради уривање на настрешницата. На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, поради сомнение за невнимание при реконструкцијата на настрешницата.
Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура Железнице Србије“ Јелена Танасковиќ.
Јавното обвинителство за организиран криминал во Белград води предистражна постапка во врска со финансирањето на проектот за реновирање на железничката станица во Нови Сад.
По трагедијата, низ Србија беа организирани масовни протести, а дел од студентите ја блокираа работата на десетици факултети низ земјата. Бараат, меѓу другото, објавување на сите документи поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
Додека владините претставници тврдат дека ова барање е исполнето, претставниците на експертските групи од белградскиот универзитет тоа го негираат, а студентите продолжуваат да протестираат.
ЕУ постигна договор за продолжување на санкциите кон Русија

Постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ во Брисел претпладнево (14 март) донесоа едногласна одлука за ново шестмесечно продолжување на санкциите кон Русија до 15 септември 2025 година.
„Денеска имаме едногласна одлука за продолжување на постоечките санкции за одговорните за загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина за уште шест месеци“, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Таа додаде дека со ова ЕУ го покажала своето единство кога станува збор за санкциите, како и дека по досега усвоените 16 пакети санкции, сега работи на подготовка и на 17-ти пакет.
„Многу добро знаеме дека нашите санкции функционираат. Тие ја нагризуваат и осакатуваат руската економија и токму тоа е планираниот ефект, бидејќи она што сакаме да го постигнеме е да се осигураме дека Украина е силна, а Русија нема пари и средства за својата воена машинерија“, истакна Хипер.
Преговорите за продолжување на санкциите, кои согласно претходната одлука истекуваа утре вечер на полноќ, беа заглавени поради, како што тврдеа дипломатски извори, противење на Унгарија.
Европски дипломати за Радио Слободна Европа рекоа дека Унгарија ја условувала поддршката за ново продолжување на санкциите со отстранување на осум лица од листата на санкционирани, меѓу кои и руските олигарси Михаил Фридман, Алишер Усманов и Пјотр Авен.
Според дипломатски извори, консензусот околу продолжување на санкциите бил постигнат откако од листата на санкционира биле отстранети четири лица, како и уште тројца поединци кои во меѓу време починале. Истите извори посочуваат дека од листата биле отстранети бизнисмените Моше Кантор и Владимир Рашевски, рускиот министер за спорт Михаил Дегтјаров и сестрата на Усманов, Гулбахор Имаилова.
Хипер одби да ги коментира ваквите наводи, нагласувајќи дека станува збор за доверливи договори меѓу земјите членки.
„Она што е важно е дека имаме речиси 2400 поединци кон кои се насочени санкциите, така што ова е многу добра и голема бројка“, рече Хипер, додавајќи дека ЕУ се обидува да се осигура дека санкциите ја постигнуваат целта за поткопување на способноста на Русија да ја финансира и продолжи агресијата врз Украина.
Шест спорни прашања имаат уставните судии за Законот за јазиците

Со пренос во живо на неколку платформи, уставните судии ќе бараат одговори од своите странски колеги за шест спорни правни прашања кои им се наметнале по иницијативите за Законот за употребата на јазиците. Кои се клучните спорни прашања што ги имаат уставните судии јавноста ќе ги дознае на подготвителната седница која ќе се оддржи на 20 март годинава.
На прашањата на уставните судии ќе одговараат странски и македонски уставни судии, професори по уставни право, а поканети се и потписниците на Охидскиот рамковен договор и изготвувачи на Уставот.
Подготвителната седница следува откако во декември минатата година, Уставниот суд одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а дури потоа да одлучува.
По подготвителната седница Уставниот суд може да ги отфрли иницијативите, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.
Одлуките за уставноста на законот претседателот на Уставниот суд очекува да бидат донесени во текот на мај или најдоцна јуни, каде на седница ќе се разгледуваат два реферата, првиот од подготвителната седница на 20 март за суштината на законските решенија, а вториот од подготвителната седница одржана на 18 март 2021 година за начинот на кој е донесен законот, кога тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов не го потпиша указот за законот.
За овој закон, до Уставниот суд во 2019 година кога стапи во сила, пристигнаа 12 иницијативи со кои се оспоруваат делови од него, но и целиот закон. Законот беше оспорен од граѓани, адвокати, универзитетски професори, но и две политички партии - владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската Левица. Сите иницијативи Уставен ги спои во еден предмет.
Мислења и од членови на Венецијанската комисија и Судот во Стразбур
Меѓу странските експерти кои до сега го потврдиле своето присуство е потпретседателот на Венецијанската комисијаМартин Куљер кој ќе има задача да го образложи ставот на Комисијата по пријателскиот совет кој го побара Уставниот суд од нив.
На слични прашања ќе одговора и неговиот колега од Судот за човекови права во Стразбур Артур Кучс, кој како искусен експерт за малцински прашања и употреба на јазици ќе одговара на прашањата за праксата на Судот во слични случаи и ќе ги презентира европските стандарди за употребата на јазиците.
Од домашните експерти и професори кои до сега го потврдиле своето присуство се поранешната судијка во Судот за човекови права Маргарита Цаца Николовска, како и професорката по уставно право и член на Венецијанската комисија Рената Дескоска и нејзиниот заменик член, професорот по уставно право Јетон Шасивари. Меѓу останатите се професори од сите факултети во земјава кои се занимаваат со уставно и административно право и претседателот на Основниот Скопје 1, Иван Џолев, претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини и претседателката на Апелациониот суд во Битола, Жаклина Доведен.
Дел од подносителите на иницијативата како Тодор Петров и професорката Татјана Каракамишева го потврдиле своето присустви на подготвителната седница.
Минатата седница во декември лани помина со бојкот на тројца судии, а пред Уставниот суд беа поставени шатори од таканаречените „чувари на законот за употреба на јазиците “ предводени од лидерот на ДУИ Али Ахмети, и лидерите на опозициската коалиција “Европски фронт“ како и од симпатизери на партиите.
Од Уставнниот суд велат дека до Министерството за внатрешни работи испратиле допис со најава за седницата, затоа што како што велат, ќе има и странски гости и учесници во неа. Од коалицијата „Европски фронт “ при последната седница најавија дека ќе одржат собир пред Уставниот суд секој пат кога ќе се дискутира за уставноста на Законот за употреба на јазиците.
Во последното соопштение од ДУИ ( на 14 март) кусо најави дека „ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад“, без да открие повеќе детали. До објавувањето на овој текст од ДУИ не одговорија на прашањата на РСЕ, какви планови има за 20 март.
ДУИ: Се будат анти-Охридски духови
Во соопштението е наведено дека четири години од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците, со како што велат, моментот кога беше заокружен легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, се будат анти-Охридските духови .
„Секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на Северна Македонија“, се вели во нивното соопштение.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на брифинг со новинарите посочи дека со индигнација ги отфрла сите лаги и опасни манипулации.
„Контрастот на тоа прашање би било зошто постои уставниот суд, да ја скинеме или да ја чуваме до 2030 или 2050. Ние имаме должности, да се употребат такви тешки зборови и да се манипулира е политичко дивјаштво, од каде знаат каква ќе биде одлуката на судот, уште од сега знаат каква е одлуката на судот. Што ако судот рече дека нема проблем, дали ќе се извинат тогаш?“, вели Костадиновски.
Во последното интервју за РСЕ, пратеникот на ДУИ Блерим Беџети изјави дека можно е да не учествуваат на локалните избори во октомври доколку „се чепне “ во законот за употребата на јазиците.
„Значи ни во овој период ни за кандидат не е одлучено, ни со коалиционите партнери не е дефинирано, бидејќи сметаме дека има време. Периодот пред нас за жал и во овој месец, еден параполитички орган како што е Уставниот суд ќе експериментира „во начело на правото“ со законот за употребата за албанскиот јазик“, изјави Беџети.
Костадиновски - Не правам компромиси со владеење на правото
За претседателот на Уставниот суд Костадиновски „злоупотребата на сензитивни прашања е на примитивно политичко ниво.
„Не правам компромиси со владењето на правото . Зошто е толку голема недовербата на граѓаните во целокупниот систем? Тоа е поради невладеењето на правото. Како владеењето на правото е прекршување на нивното право? Не е мојата цел да ги разубедувам политичарите, нема да престанат, нивните манипулации ќе продолжат. Ако успееме ние како судот да ги убедиме граѓаните да не бидат манипулирани, тоа е успех“,, вели Костадиновски.
На претходната седница во декември минатата година против одржување на подготвителна седница се изјасни уставната судијка и поранешна претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која рече дека е несериозно по пет години да се држи подготвителна седница.
Наспроти информацијата на судијката известител Елизабета Дуковска, која кажа дека побарала и „пријателски совет“ од Венецијанската комисија, Кацарска потенцираше дека ова советодавно тело на Советот на Европа веќе дало свое мислење во дури 98 точки. Таа посочи и дека за предметот веќе има готов реферат во кој се одговара на сите спорни прашања што се покренуваат во поднесените иницијативи.
Уставниот суд се состои од девет судии. Шестмината кој присуствуваа на минатата дискусија за Законот за употреба на јазиците се од македонска националност. Двајцата судии Албанци во актуелниот состав на Уставен, Осман Кадриу и Насер Ајдари, како што беше најавено, воопшто не присуствуваа на седницата.
Судијата Фатмир Скендер, кој е од турска националност, пак, ја напушти дебата за оваа точка откако не му беше прифатен предлогот таа да се тргне од дневниот ред на седницата.
Хамас e подготвен да ослободи уште еден израелско-американски заложник

Палестинската група Хамас соопшти дека е подготвен да ослободи израелско-американски заложник и останките на четири други лица со двојно државјанство, откако палестинските милитанти и Израел се собраа на индиректни разговори за прекин на огнот во Газа.
Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
Првата фаза од примирјето меѓу Хамас и Израел во Појасот Газа заврши на 1 март, без договор за следните фази.
Висок функционер на Хамас деновиве рече дека новата рунда разговори започнала во главниот град на Катар, Доха.
Израел, исто така, испрати тим од преговарачи.
„Вчера лидерска делегација на Хамас доби предлог од браќата посредници за продолжување на преговорите“, се вели во соопштението на Хамас.
Се додава дека нејзиниот одговор „вклучува договор за ослободување на израелскиот војник Едан Александар, кој има американско државјанство, заедно со останките на четворица други кои имаат двојно државјанство“.
За време на почетната шестнеделна фаза од прекинот на огнот, милитантите ослободија 33 заложници, вклучително и осуммина починати, во замена за околу 1800 палестински затвореници кои се држат во израелските затвори.
Украина соопшти дека гаѓала воена и енергетска инфраструктура во Русија

Украина соопшти дека во текот на ноќта (13 март) гаѓала складиште за ракети и две станици за компресија на гас во Русија, неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин изрази „внимателен оптимизам“ за американскиот предлог за прекин на огнот во Украина, кој Киев го прифати.
Украинската специјална служба (СБУ) објави дека нивните беспилотни летала погодиле „складиште на ракети за системите С-300/С-400“ во руската област Белгород, која граничи со Украина, кога била предизвикана експлозија.
СБУ, исто така, објави дека погодиле две станици за компресија на гас во руските региони Тамбов и Саратов, што се на стотици километри од линијата на фронтот, но се во дометот на беспилотните летала произведени од Киев како одговор на руските напади.
Оваа специјална операција на СБУ „го намалува финансискиот капацитет на војната против Украина и воениот потенцијал на руската армија“, се наведува во соопштението.
Вториот напад на Украина со беспилотни летала предизвика пожар во складиште за нафта во Туапсе, во југозападниот руски Краснодарски регион, изјави гувернерот Венјамин Кондратиев.
Во ова црноморско пристаниште е запалена цистерна со гориво, изјави гувернерот на каналот Телеграм и додаде дека пожарот зафатил површина од околу илјада квадратни метри и дека околу 100 пожарникари се испратени да го изгаснат.
Од друга страна, украинските воздухопловни сили соопштија дека Украина синоќа (13 март) била цел на 27 руски експлозивни беспилотни летала, од кои повеќето наводно биле пресретнати. Но, погодени биле и областите на Доњецк и Харкив, низ кои минува фронтот.
Гувернерот на Харкивскиот регион, Олег Синегубов, изјави дека во нападот е повредено едно лице.
Руската војска соопшти дека во текот на ноќта пресретнала 28 украински беспилотни летала, од кои четири над московскиот регион и дека нема жртви или значителна штета.
Кремљ гледа „со внимателен оптимизам“ на планот на Трамп, Зеленски е скептичен за намерите на Путин

Кремљ соопшти дека има основа за „внимателен оптимизам“ за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за 30-дневен прекин на огнот, бидејќи Украина ја доведува во прашање искреноста на Москва по завршувањето на војната, која сега е во нејзината четврта година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 14 март им изјави на новинарите дека Путин му испратил порака на Трамп за неговиот предлог за прекин на огнот во Украина, откако тој доцна во ноќта одржа разговори со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во руската престолнина.
„Кога г-дин Виткоф ќе му ги донесе сите информации на претседателот Трамп, ние ќе го одредиме времето на разговор (меѓу Трамп и Путин). Постојат причини да бидеме „внимателно оптимистични“, рече Песков.
Путин ден претходно рече дека начелно се согласува со предлогот на САД за привремен прекин на огнот со Украина, но додаде дека „постојат одредени нијанси“, како што е испораката на оружје од Запад во Киев.
Рускиот лидер, исто така, рече дека секој договор треба да доведе до долгорочен мир и да ги елиминира причините за војната.
Во видеото објавено доцна на 13 март, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги доведува во прашање мотивите на Путин, велејќи дека рускиот лидер се подготвува да го одбие предлогот, но се плаши да му каже на Трамп.
„Затоа во Москва ги наметнуваат овие услови на идејата за прекин на огнот - за ништо да не се случи воопшто или да не може да се случи што е можно подолго“, рече Зеленски.
Путин се соочува со дилема откако делегациите од Киев и Вашингтон претходно оваа недела на состанокот во Саудиска Арабија се согласија за 30-дневен прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, ставајќи ја одговорноста за мирот во рацете на Москва.
Трамп ја нарече првичната реакција на Путин на развојот на мировните преговори „ветувачка“, но нецелосна, иако додаде дека се надева оти Русија „ќе ја направи вистинската работа“ и ќе се согласи со договорот.
„Мислам дека Русите сакаат да не се гледаат како непопустлива страна, бидејќи тоа може да доведе до последици од Трамп, како што се санкции“, изјави за РСЕ Џон Харди, заменик-директор на Програмата за Русија во Фондацијата за одбрана на демократиите, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.
Ставањето крај на повеќе од тригодишната целосна инвазија на Русија на Украина, Трамп го постави како главен приоритет, откако ја презеде функцијата за втор мандат пред помалку од два месеци. Тој ја користи американската моќ за да ги седне Киев и Москва на маса.
На 13 март, американската администрација го засили притисокот врз Русија со зголемување на ограничувањата на нафтата, гасот и на банкарскиот сектор во земјата.
Голем број трактори паркирани во центарот на Белград

Голем број трактори се паркирани околу Пионерскиот парк во центарот на Белград, каде членовите на здружението „Студенти 2.0“ кампуваат од 6 март, барајќи да престане прекинот на студентските блокади на факултетите.
Неколку десетици трактори беа паркирани ноќта меѓу 13 и 14 март. Некои се паркирани на тротоар, а некои на улица. Некои од тракторите се со регистарски таблички на Кикинда.
Неколку дена претходно на социјалните мрежи беа споделени видеа и фотографии од камиони кои превезуваат трактори од различни делови на Србија. На видеото од Крагуевац се гледа камион со грбот на градот Белград на вратата и без регистарски таблички кој превезува неколку трактори.
Студентите кои три и пол месеци ги блокираат факултетите, во пресрет на протестот закажан за 15 март, апелираа до Министерството за внатрешни работи до 14 март да ја отстрани „шаторската населба“ од Пионерскиот парк и да спречи нејзино повторно формирање до 16 март.
Тие побараа од МВР, доколку не се помести „шаторската населба“, да обезбеди највисоко ниво на безбедност во вид на полициски кордон меѓу „шаторската населба“ и учесниците на протестот на 15 март.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 13 март ги замоли учениците во Пионерскиот парк да си одат дома во сабота и да се вратат следниот ден.
Студентите во блокадата, меѓу другото, бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Нив ги поддржаа дел од просветните работници кои ја прекинаа наставата, адвокатите и дел од земјоделците и културните работници.
Масовни протести и блокади досега се одржаа во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.
Во меѓувреме, се појави група која себеси се нарекува „Студенти 2.0“ и тие се кампуваат во Пионерксиот парк од 6-ти март. Тие се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“ и бараат прекин на блокадите.
Тие досега беа поддржани од ветераните на контроверзната Единица за специјални операции, осудениот воен злосторник Владимир Лазаревиќ, а поранешниот командант на жандармеријата Горан Радосављевиќ беше поврзан со убиството на браќата Битиќи, за што Стејт департментот му забрани влез во САД.
Студентите кои се противат на блокадите беа поддржани и од Павле Бихали, лидер на екстремно десничарското движење „Левијатан“ и Миша Вачиќ од ултрадесничарската српска десница. Дел од јавноста ја обвини Српската напредна партија дека стои зад организацијата на протестот, што дел од насобраните во паркот го демантираа.
Кина, Иран и Русија повикаа на укинување на американските санкции против Иран

Претставниците на Кина, Русија и Иран по разговорите во Пекинг, повикаа на укинување на санкциите на САД против Иран воведени поради неговата нуклеарна програма што брзо се развива и за продолжување на мултилатералните разговори за ова прашање.
Разговорите се последниот обид да се покрене ова прашање и доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп испрати писмо до иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во обид да ги започне преговорите.
Писмото, чија содржина не беше објавена, беше испратено откако Трамп воведе нови санкции кон Иран како дел од кампањата за „максимален притисок“ во која тој ја задржува опцијата за воена акција, нагласувајќи дека сè уште верува дека може да се постигне нов договор.
„Трите земји кои се состанаа утринава „ја истакнаа потребата да се прекинат сите незаконски еднострани санкции“, рече кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ма Жаосу, на кој му се придружија рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков и иранскиот заменик министер за надворешни работи Казем Гарибабади.
„Трите страни потврдија дека политичкиот и дипломатскиот ангажман и дијалогот заснован на принципот на взаемно почитување остануваат единствената остварлива и практична опција во овој поглед“, додаде Ма, кој ја читаше заедничката изјава на учесниците на состанокот.
Во текот на денешниот ден (14 март) се очекува и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји да се сретне со претставниците на земјата.
Кина и Русија имаат особено блиски односи со Иран.
Соединетите Држави се повлекоа од нуклеарниот договор во 2015 година, кој наметна ограничувања на нуклеарниот развој на Техеран во замена за олеснување на санкциите. Тоа се случи за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
Украина и европската одбрана главни теми на мартовскиот Самит на ЕУ

Централната тема на агендата на мартовскиот Европски совет ќе биде конкурентноста, но ќе продолжиме и со адресирање на неодамнешните случувања во врска со Украина и следните чекори за одбраната по презентацијата на „Белата книга“ за иднината на европската одбрана, наведува претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во поканата упатена до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за учество на Самитот на ЕУ закажан за 20 и 21 март во Брисел.
„Нашата континуирана поддршка за Украина, потребата да се инвестира во нашата одбрана и нашата конкурентност се тесно поврзани. Поконкурентна Унија ќе значи посилна Унија, која ќе биде поспособна да ги заштити своите граѓани, своите интереси и своите вредности на глобалната сцена“, посочува Кошта во поканата.
Во однос на конкурентноста, тој како приоритетни области за нејзино зајакнување ги наведува решителното напредување во поедноставување на процедурите, обезбедувањето енергетска сигурност и создавањето на Унија за штедење и инвестиции.
Покрај овие теми, предвидено е лидерите да расправаат и за подготовката на новата Повеќегодишна финансиска рамка ЕУ за периодот по 2027 година, за миграцијата, пред се за предлозите за поедноставување на постапките за депортација на мигрантите, како и за најновите случувања на Блискиот Исток.
Кошта во поканата најавува дека лидерите в четврток ќе имаат и работен ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со кога ќе разговараат за мултилатерализмот и други глобални прашања, особено за подготовките на Третата конференција на ОН за океаните и Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот.
Финскиот суд осуди Русин за воени злосторства во Украина

Судот во Финска осуди Русин за воени злосторства извршени во источна Украина во 2014 и 2015 година. Рускиот ултранационалист Јан Петровски, познат и како Воислав Торден, е осуден на доживотен затвор.
Финските обвинители го обвинија Торден, поранешниот командант на диверзантската група Русич, за воени злосторства извршени во Украина во 2014 година. Тој е поврзан со смртта на 22 украински војници и со ранувањето на уште четворица.
Групата Русич се бореше против украинските сили во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина.
Роден Јан Петровски во 1987 година во Санкт Петербург, Торден се преселил во Осло во 2004 година со неговата мајка. Потоа редовно ја посетувал Русија, каде се сретнал со поранешниот падобранец и националист Александар Милчаков.
Во 2014 година, тие отпатуваа во украинскиот регион Донбас за да ги поддржат сепаратистите поддржани од Русија во нивната борба против украинските сили.
Торден беше депортиран од Норвешка во Русија во 2016 година, каде што наместо Јан Петровски го зеде името Воислав Торден.
Тој влегол во Финска во 2023 година како член на семејството на неговата сопруга, која добила дозвола за студирање. Торден беше приведен на аеродромот во Хелсинки на 20 јули 2023 година, кога се обидел да се качи на лет за Франција.
По неговото апсење, украинските власти побараа негова екстрадиција, но Врховниот суд на Финска го одби барањето, наведувајќи ја загриженоста за условите во украинските затвори и можноста Торден да се соочи со понижување во притвор.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете