Вести
Српскиот министер за градежништво во оставка, Горан Весиќ префрлен во болница
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија во оставка, Горан Весиќ, со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Управата за извршување на кривични санкции.
Весиќ е префрлен во Заводот врз основа на решение на Здравствената служба на установата, а поради влошување на неговата здравствена состојба.
„Сите притворени и осудени лица од Окружниот затвор во Нови Сад вообичаено се испраќаат на дијагностика во Заводот во Сремска Каменица секогаш кога за тоа постојат медицински причини“, велат од Управата за извршување на кривични санкции за РСЕ.
Весиќ во болницата го обезбедуваат припадници на Службата за безбедност, што е дел од редовната процедура при лекување на приведено лице во цивилна болница.
На 23 ноември му беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена, по што тој започна штрајк со глад.
Весиќ беше уапсен на 21 ноември поради пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Тринаесет лица се во притвор во рамки на истрагата за уривањето на настрешницата на 1 ноември.
Дојава за бомба во судот во Сараево, прекинати сите рочишта
Во зградата каде што се наоѓаат Кантоналниот суд во Сараево и Општинскиот суд Сараево, утрината е пријавено дека е поставена бомба.
Според информациите, припадниците на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон се на терен и вршат детален преглед, а во тек е евакуација на зградата.
Поради дојавата за бомба, одложени се сите рочишта во кантоналниот и општинскиот суд.
Меѓу поважните рочишта што требаше да се одржат денеска (26 ноември) се завршните зборови на Обвинителството на БиХ во врска со убиството на сараевските полицајци, како и случајот против поранешниот градоначалник на Сараево Ибрахим Хаџибајриќ.
Хаџибајриќ беше уапсен во мај минатата година. Оттогаш е во притвор. Покрај него, уапсени се уште шест лица. Обвинителството на кантонот Сараево тогаш објави дека Хаџибајриќ е осомничен за организиран криминал, злоупотреба на власта и перење пари.
Дојавите за поставени бомби во зградата каде што се сместени двата суда зачестија во последните месеци, но засега сите беа лажни.
Кина по заканите на Трамп за воведување царини: Никој нема да победи во трговската војна
Кинеската амбасада во Вашингтон соопшти дека „ниту САД, ниту Кина нема да ја добијат трговската војна“.
Ова е реакцијата на Пекинг на заканата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да воведе дополнителни царини од 10 отсто за целиот кинески увоз кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, пишува Ројтерс.
„Во врска со американските царини за Кина, Кина верува дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна. Никој нема да победи во трговска или тарифна војна“, рече портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју.
Трамп рече дека ќе воведе царини додека Кина не го запре протокот на нелегални дроги, особено фентанил, во Соединетите Држави.
Тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го запре протокот на илегална дрога што влегува во САД од Мексико.
„Додека ова не биде прекинато, ние ќе и наплаќаме на Кина дополнителни десет отсто царини, покрај сите дополнителни царини, за сите нивни производи кои доаѓаат во Соединетите Држави“, рече Трамп.
По наводите на Трамп за зголемување на царините, на азиските берзи се тргуваше претпазливо во вторник (26 ноември).
Трамп веќе вети дека ќе го укине трговскиот статус на Кина на најомилена нација и ќе воведе царини за кинескиот увоз од повеќе од 60 отсто, што е многу повисоки од оние воведени за време на неговиот прв мандат, потсетува Ројтерс.
Лиу во изјавата рече дека Кина презела чекори за борба против шверцот со дрога по постигнатиот договор меѓу американскиот претседател во заминување Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата година.
„Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот постигнат во американските операции против наркотици. Сето ова докажува дека идејата дека Кина свесно дозволила прекурсорите на фентанил (хемиското соединение потребно за производство на лекот) да влезат во САД е целосно спротивна на фактите и реалноста“, рече Лиу.
Главниот кинески обвинител во јуни ги повика своите службеници за спроведување на законот да се фокусираат на борбата против шверцот со дрога, додека Пекинг и Вашингтон открија ретка заедничка истрага за дрога.
Набргу по состанокот на заедничката работна група за борба против наркотици во август, Кина објави дека ќе ги заостри контролите на три хемикалии потребни за производство на фентанил.
Освен Кина, цел на царините се Мексико и Канада, објави Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social.
Студенти го блокираа Факултетот за драмски уметности во Белград
Во тек е блокада на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ). Студентите кои го блокираа факултетот на 25 ноември, во вторник (26 ноември) во 15 часот ќе ги изнесат своите причини зошто го сториле тоа.
Студентите на ФДУ на 22 ноември се вклучија во акцијата „Застани Србијо!“, кога на Булеварот на уметностите во близина на факултетот се случи инцидент.
Неколку возачи, чии автомобили беа запрени со оваа акција, излегоа и се судрија со толпата.
Здружението на драмски уметници на Србија (УДУС) ги осуди нападите врз студенти и напиша дека на 22 ноември еден студент завршил со повреди во Ургентниот центар.
„Бараме од надлежните органи секогаш кога е загрозено правото на безбедност на нашите граѓани, да ги пронајдат и гонат одговорните лица“, се додава во соопштението.
Со акцијата „Застани Србијо“!, граѓаните во повеќе градови низ Србија со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Петнаесет минути претставува минута молчење за секој од 15-те луѓе кои загинаа при падот на настрешницата. Акцијата беше синхронизирана во 11:52 часот, симболично во моментот кога се урна бетонската конструкција на настрешницата.
Животот на двајца тешко повредени се уште е во животна опасност, а лекарите се борат за нивниот живот.
Претставниците на власта ја осудија акцијата „Застани Србијо!“, со оценка дека таа е „малтретирање на граѓаните“.
Тринаесет лица се уапсени поради основано сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад.
Меѓу уапсените се и четворица владини функционери - министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ и членката на неговиот кабинет задолжена за железници Анита Димоски.
Покрај нив, уапсени се и Јелена Танасковиќ, поранешната директорка на „Српска железничка инфраструктура“ и нејзиниот претходник на чело на тоа јавно претпријатие Небојша Шурлан.
Британските пратеници гласаат за закон за забрана за продажба на електронски цигари кои таргетираат млади
Членовите на парламентот на Обединетото Кралство треба да гласаат за законот за пушење тутун и електронски цигари (вејп), кој на децата и младите ќе им ја даде потребната заштита за да „избегнат доживотен затвор поради зависноста“, рече министерот за здравство на Велика Бријатнија, Вес Стритинг. Тој предупреди дека бројот на деца кои пушат електронски цигари со различни вкусови „расте со алармантна брзина“ и дека е „неприфатливо“ вајповите да се таргетираат кон деца нудејќи им вкусови како „гумено мече и виножитото."
Предлог-законот ги спречува сите деца родени по 1 јануари 2009 година да пушат до возраста на која може да се купи тутун.
Законодавството вклучува целосна забрана за рекламирање и спонзорство, вклучувајќи места кои ги гледаат деца и млади луѓе, како што се реклами во автобуси, кина и во продавници усогласувајќи ги со сегашните ограничувања за тутунот.
Вејповите за еднократна употреба ќе бидат забранети од јуни 2025 година според посебно законодавство за заштита на животната средина, додека продажбата на вејпови во автоматите и нивната бесплатна дистрибуција ќе биде стопирана.
„Бројот на деца што пушат вакви цигари расте со алармантна брзина и, без итна интервенција, ќе имаме генерација на деца со долготрајна зависност. Неприфатливо е овие штетните производи намерно да се насочени кон деца со пакување во светли бои и со вкусови како што се „гуменото мече“ и „распрснување на виножитото. Затоа е неверојатно важно да се гласа“, рече Стритинг.
Како дел од мерките насочени кон продолжување на поддршката на пушачите да се откажат од пушењето, Владата на ОК ќе обезбеди 70 милиони фунти (87,7 милиони американски долари) за услуги за откажување од пушење, соопшти Министерството за здравство.
Трамп најави воведување царини за производи од Кина, Канада и Мексико
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе огромни нови царини за производи од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.
Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.
Тој додаде дека новите царини ќе останат во сила „додека не се искорени дрогата, особено фентанилот“, како и илегалните имигранти.
Инаку американскиот претседател Џо Бајден се состана со кинескиот претседател Си Џинпинг на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во Перу пред нешто повеќе од една недела. Таму, Си го уверил Бајден дека Пекинг е подготвен да работи со новата американска администрација под Трамп.
За време на неговиот прв мандат на функцијата помеѓу 2017 и 2021 година, Трамп зазеде тврд став кон Кина, наметнувајќи давачки за кинескиот увоз како дел од неговата политика „Америка на прво место“. Кина одговори со некои контрамерки, како што е контролата на извозот на клучните суровини, но набљудувачите велат дека сега е подобро подготвена доколку Трамп го исполни своето предизборно ветување дека ќе воведе далекусежни нови царини за стоки од Кина.
Бајден, кој го наследи Трамп во Белата куќа, исто така, го прифати протекционизмот.
НАТО и Украина ќе разговараат по нападот со новата руска ракета
Амбасадорите на Украина и 32-те членки на НАТО денеска во Брисел ќе имаат состанок по руското истрелување минатата недела на експериментална хиперсонична ракета со среден дострел.
Русија во четвртокот изврши напад врз украинскиот град Днепар за кој претседателот Владимир Путин рече дека е тест на нивната нова ракета „Орешник“.
Путин рече дека ракетниот напад е одговор на тоа што Украина испука оружје доставено од САД и Велика Британија во Русија.
Состанокот „дава можност да се разговара за актуелната безбедносна ситуација во Украина и ќе вклучи брифинзи од украинските власти преку видео врска“, изјави претставник на НАТО.
Ескалацијата на тензиите околу Украина доаѓа кога се поставуваат прашања за иднината на поддршката на Западот по реизборот на Доналд Трамп во главната сила на НАТО, САД. Трамп фрли сомнеж во одржувањето на огромната воена помош на Вашингтон за Киев и вети брз договор за ставање крај на војната.
Русин претепан во притвор од синот на Кадиров доби 13 и пол години затвор
Никита Журавел, руски политички затвореник кој беше претепан од синот тинејџер на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров додека беше во притвор, е осуден на 13 и пол години затвор за велепредавство.
Регионалниот суд во Волгоград на 25 ноември го осуди 20-годишниот Журавел откако го прогласи за виновен за испраќање видео на претставник на Украинската служба за безбедност (СБУ), во кое наводно имало снимки од воена опрема што се транспортира со воз, слики од воени авиони и детали за движењето на сервисното возило.
Журавел веќе отслужува затворска казна од 3 и пол години, изречена од судот во Чеченија во февруари, откако беше осуден за хулиганство за јавно палење на Куранот во неговиот роден град Волгоград.
Тој е осуден и на 300 часа општествено корисна работа поради навреда на верските верници.
Веднаш не беше јасно дали казните ќе се служат истовремено или последователно.
За време на судењето, Журавел ѝ се извини на муслиманската заедница, признавајќи ги своите постапки, но тврдеше дека немал намера да некого да навреди.
Случајот привлече големо внимание кога беше откриено дека додека Журавел бил во притвор во Чеченија, бил нападнат од Адам Кадиров, тогаш 15-годишниот син на Рамзан Кадиров.
Снимката од нападот во затвор беше споделена на социјалните мрежи од постариот Кадиров, што предизвика гнев во јавноста.
И покрај тоа органите на редот во Чеченија одбија да продолжат со кривична истрага, наведувајќи како причина недостаток на докази.
Кадиров ги бранеше постапките на неговиот син, јавно изјавувајќи дека ќе беше подобро ако неговиот син го убил Журавел.
На Адам Кадиров подоцна му беше доделена титулата „Херој на Република Чеченија“, највисоката чест во регионот и доби дополнителни признанија од неколку руски региони.
Групата за човекови права Меморијал го призна Журавел како политички затвореник.
Организацијата, исто така, го осуди насилството кое Журавел го претрпе во притвор како сериозно законско прекршување.
Закажана седница за разрешување на градоначалникот на Нови Сад
На трети декември е закажана седница на градското собрание на Нови Сад на која ќе се расправа за разрешувањето на градоначалникот Милан Ѓуриќ, поради падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноемврии при што загинаа 15 лица, а уште две лица се тешко повредени.
Опозицијата, активисти и граѓани на протести бараат оставка од Ѓуриќ.
Опозицијата во градското собрание на Нови Сад смета дека Ѓуриќ има политичка одговорност за трагедијата на Железничката станица.
Во рамки на истрагата за уривањето на настрешницата, тринаесет лица се во притвор. Меѓу нив се министерот за градежништво во оставка, Горан Весиќ, поранешниот директор на српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан и актуелната директорка во оставка, Јелена Танасковиќ.
На 25 ноември се случија и турканици и тепачки меѓу пратениците на власта и опозицијата и во српското Собрание. Пратениците од опозицијата претходно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието бидејќи претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, го одби нивното барање да се закаже седница на која ќе се расправа за гласање недоверба на Владата, по несреќата на железничката станица во Нови Сад.
Опозицијата бара разрешување на премиерот Милош Вучевиќ, како и утврдување политичка и кривична одговорност за несреќата.
Во меѓувреме, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести под паролите „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, од кои најголемиот беше одржан во Нови Сад на 5 ноември, кога по уривањето пред Градското собрание неколку активисти беа уапсени, од кои некои се уште се во притвор.
Опозициските политичари и активисти бараат ослободување на уапсените, обвинувајќи дека зад демолирањето стоеле „упаднатите елементи“, а бараат и апсење на сите одговорни за несреќата и откривање на сите тајни договори за реконструкција на Железничката станица.
Новинарот на РСЕ Андреј Кузнечик веќе три години е во белоруски затвор
Новинарот на РСЕ, Андреј Кузнечик, на 25 ноември ја одбележа третата година во затвор под обвинение што тој, неговиот работодавач и организациите за човекови права ги нарекуваат политички мотивирани.
Кузнечик, татко на две деца, беше уапсен на 25 ноември 2021 година и првично беше осуден на 10 дена затвор поради обвиненијата за хулиганство, што тој ги отфрли.
По издржувањето на казната, Кузнечик не беше ослободен, туку беше обвинет за создавање екстремистичка група, потег што властите со месеци не им го открија на роднините и колегите на Кузнечик.
На 8 јуни 2022 година, регионалниот суд во Махиљу на истокот на земјата го прогласи Кузнечик за виновен и го осуди на шест години затвор. Судењето траеше само еден ден.
Групите за човекови права во Белорусија го сметаат Кузнечик, кој работи за Белоруската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ), локално познато како Радио Свабода, за политички затвореник.
Кузнечик и околу 150 други белоруски политички затвореници, вклучително и друг новинар на РСЕ, Ихар Лосик, и поранешниот потенцијален претседателски кандидат Виктар Бабарика, отслужуваат казни во истиот затвор во северниот град Наваполатск.
Објектот е познат како еден од најрестриктивните казнено-поправни установи во Белорусија.
Белоруските власти почнаа да испраќаат политички затвореници во овој затвор во 2010 година.
Откако спорните претседателски избори во август 2020 година предизвикаа масовни протести поради победата на авторитарниот владетел Александар Лукашенко, десетици илјади Белоруси беа уапсени поради изразување какво било несогласување против режимот.
Многу западни влади одбија да ги признаат резултатите од изборите и не го сметаат Лукашенко за легитимен лидер на земјата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете