„Џифони“- Со дискусија до развивање на критичка мисла кај младите

Илустрација - Дел од членовите на македонското жири во онлајн дискусија

Актуелното издание на меѓународниот филмски фестивал за млади „Џифони“ им даде шанса на 15 млади од Македонија да го кажат своето мислење за она што е на програмата оваа година.

Пандемијата спречи голема прослава на педесеттото издание на интернационалниот филмски фестивал за млади „Џифони“ минатата година, па нашите претставници не отпатуваа за Италија и го следеа јубилејното издание од дома. И осмото издание на Џифони Македонија се одвиваше речиси целосно онлајн, со виртуелна дружба на околу 250 млади од Македонија и 12 други земји.

Ова сè уште пандемиско лето, патувањата остануваат ограничени, па италијанското издание, 51. по ред, повторно се следи од наш терен. А тука, младите виртуелно се поврзуваат со своите врсници од целиот свет за да дискутираат за филмот.

„Се разбира дека сите ќе бевме посреќни да можеа да отпатуваат и да бидат таму, во Џифони, заедно со своите врсници од Италија и од 50 други земји. Сепак и на онлајн учеството ентузијазмот е голем: филмовите ги гледаат со голем интерес, учествуваат во дискусиите и се истакнуваат, како секогаш, како најактивна странска делегација“, изјави за РСЕ, Деа Крстевска, програмска директорка на „Џифони Македонија“.

Видете и ова: До последниот бран во Кинотека

Петнаесет македонски основци, средношколци и студенти се дел од меѓународното жири на фестивалот кој се одржува под мотото „Восклик на радоста“. Младите гледаат филмови, анализираат, дискутираат и гласаат за фаворитите. А групата 16+, подготвува и краток играно-анимиран филм во кој ќе биде илустрирано нивното искуство на „Џифони“.

„Овие неколку дена добив нова перспектива за филмскиот свет и нов начин на размислување. Сметам дека е фасцинантно што млади луѓе од целиот свет, со различни интереси и култури се собираат заедно десет дена за да ја слават светската кинематографија“, вели за РСЕ, 15 годишната Корнелија Јосифова, ученичка во втора година во гимназијата „Георги Димитров“.

Илустрација - Како се следи вклучувањето на македонското жири, во салата во Џифони, Италија

Освен шанса да го дадат својот глас, преку Џифони, младите имаат можност и да разговараат со продуцентите и режисерите на филмовите.

„Филмовите ми се најголемата љубов, а фестивалот Џифони Македонија го следам од кога бев мал и со него растам и се развивам. Знаев дека ќе имам можност да им поставам прашања на гостите кои се успешни професионалци во полето во кое би сакал да изградам кариера во иднина“, изјави за РСЕ, Лазар Нелковски, кој од септември ќе биде прва година во гимназијата „Орце Николов“.

Секој од членовите во македонската онлајн делегација си има своја проекција за евентуална кариера пред или зад камера.

„Кога би била на телевизија, би сакала тоа да е затоа што сум достигнала некоја важна политичка или хуманитарна цел, па оттука дефинитивно пред камерата. Но, кога би се работело за филм, би била зад камерата, како сценарист или режисер, за да ги прикажам на мој начин приказните и идеите што ги имам смислено“, вели за РСЕ, 16 годишната Бисера Ѓуровска, ученичка во гимназијата „Орце Николов“.

„Меѓународниот елемент отвора нови хоризонти“

Младите велат дека Џифони ги мотивира и охрабрува во повеќе различни насоки.

„Ова искуство ми донесе нова гледна точка кон филмот како поим и кон многу нешта кои ги среќаваме во животот, и ме охрабри полесно и подобро да се изразам и да ги искажам моите мислења и ставови“, истакна за РСЕ, 13 годишниот основец во ООУ „Димо Хаџи Димов“, Теодор Митиќ.

За 16 годишниот Емрах Јусуфовски, ученик во гимназијата „Орце Николов“, ваквите активности се навистина посебни, различни и подобри од училишните проекти.

„Тука навистина сите заедно работиме, секој е добредојден, сите сме подеднакво третирани и подеднакво вредни. Џифони се одвојува од сите останати проекти од нашата држава и ги надмина моите очекувања. Поудобно и попријатно до сега во ваков проект никогаш се немам почувствувано“, вели гимназијалецот за РСЕ.

Видете и ова: Уметничка слобода наместо политички пароли

Организаторите ја потенцираат потребата од развивање на критичка мисла кај младите, преку вакви искуства.

„Преку гледањето на филмовите и дискутирањето за нив како и за други деликатни теми кои директно ги засегаат, младите развиваат критичка мисла и стекнуваат поголема самодоверба и интерес за подиректно учество во општествениот живот. Меѓународниот елемент им отвора нови хоризонти, а на Џифони се раѓаат пријателства кои траат вечно“, вели за РСЕ, Дарко Башески, извршен директор на „Џифони Македонија“.

Во македонската група има млади од три старосни категории: 13+, 16+ и 18+.
По пет претставници во секоја од нив ја следат програмата од просториите на „Џифони Македонија“. На столчињата резервирани за членовите на жирито, ќе седат до 31. јули, кога завршува актуелното издание на фестивалот кој годинава се одржува под името „Џифони 50 плус“.