Викторија сикрет, боксерки, килоти или ѕиври? Прашањето од какви гаќи ќе биде истресено судството се наметнува по заканата на обвинителката Вилма Русковска до судиите дека „ќе ги истресе од гаќи“ со финансиски истраги по пуштањето на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева од Шутка во домашен притвор.
По заканите од Русковска, судиите го стегнаа учкурот и се пожалија дека ова претставува „директен притисок врз независноста и самостојноста при одлучувањето и правораздавањето“.
Граѓаните на социјалните мрежи прашуваат дали при тресењето може да испадне Сваровски накитот. Во таков случај, сигурно нема да биде тресење од танга, туку од домаќински синдикални гаќи. Судството го доби прекарот Сваровски, по бомбите што ги објавуваше премиерот Зоран Заев во 2015 година, тогаш како лидер на опозицијата, каде што се слушаше како наводно се избираат подобни судии.
Оние, пак, што се изгореa на СЈО сега дуваат и на Вилма.
Дел од луѓето коментираат дека, ако почне, ќе има многу за тресење. Други, пак, се згрозени од речникот на обвинителката.
Трети, пак, зајадливо прашуваат од каде знае обвинителката дали судиите носат гаќи.
Многу реакции на социјалните мрежи предизвика и средбата меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тие се сретнаа во Загреб, каде што се одржа Конгрес на Европската народна партија.
Најголем дел од коментарите се дека Борисов го „истресол од гаќи“ Мицкоски.