Јовески - Обвинителството не е селективно, гони и актуелни функционери

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јовески - Пожарот во Тетово почнал при реанимација на пациент

За разлика од поранешниот период сега во Јавното обвинителство ние имаме отворени предмети за носители на актуелната власт, за висок функционер во Владата, за државен секретар во едно од министерствата, потоа има за обвинители, судии и според тоа моја оценка е дека Обвинителството не постапува селективно, туку се држи до рамките на законот и неселективната правда, вели во интерју за РСЕ, јавниот обвинител Љубомир Јовески. Тој зборува и за истрагите за Беса транс и модуларната болница во Тетово, за пуштањето од притвор на Мијалков и Камчев, за борбата против корупцијата.

Обвинителе Јовески бугарската национална истражна служба утврди дека за автобуската несреќа во Бугарија, одговорен е возачот на „Беса Транс“ и големата брзина која не била над дозволениот лимит. Возачот загина во несреќата. Дали тоа значи дека никој друг нема кривично да одговара?

Обвинителството на Република Бугарија изјави дека ја запира истрагата, предистражната постапка во овој предмет, затоа што, како што спомнавте, утврдило дека брзината со која бил управуван автобусот не била сообразена на конкретните сообраќајни услови. Според тоа има неколку можности семејствата на сега загинатите патници да можат врз основа на оваа одлука да поднесат жалба до Обвинителството на Република Бугарија. Имаат право да ги разгледаат списите во конкретниот предмет. Исто така им стои на располагање и можност пред надлежните органи на Република Бугарија да поднесат граѓанска тужба за надоместување на штета. Ние се уште ја немаме добиено замолницата од надлежните органи на Република Бугарија, но усмено сум известен дека имаат упатено замолница до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да ги сослуша застапниците на сега покојните патници дали сакаат да извршат увид во конкретниот предмет и дали евентуално сакаат да поднесат жалби на одлуката на Обвинителството во Бугарија.

До каде е истрагата во нашето обвинителство околу работењето на „Беса транс“, како и постапувањето на други надлежни органи?

Веќе Обвинителството неколку пати истакнуваше дека паралелно со овој предмет во Република Бугарија, отвори паралелна постапка и тука во Република Македонија. Во оваа постапка издадени се повеќе наредби од страна на јавниот обвинител кој постапува по предметот и тоа до Министерството за внатрешни работи, до Царинската управа, потоа до Управата за јавни приходи, до Централниот регистер, Бирото за вработување, со намера целосно да го согледа работењето на фирмата којашто го организирала оваа патување и го вршела превозот, а особено во делот како автобусот ги поминувал границите на Република Македонија и границите на соседните земји во делот на техничката исправност на овој автобус и неговата регистрација и лиценци и други околности кои се од значење за донесување на јавно-обвинителска одлука.

Каде е сопственикот на Беса Транс, Беким Хаџиу. Достапен ли е за Обвинителството?

Од сознанијата што јас ги имам тој е достапен на Обвинителството и од страна на неговиот адвокат и од страна на обвинетиот изјавена е согласност дека тој сака да соработува со надлежните органи во делот на утврдување на причините и околностите кои доведоа до оваа сообраќајна несреќа.

Видете и ова: Сопственикот на „Беса транс“ е достапен на обвинителството


Бевте против прифаќање на гаранцијата од 11 милиони евра на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, а по него на истиот начин и бизнисменот Орце Камчев излезе од притвор. Во јавноста има впечаток дека со ваквите одлуки на судовите моќниците се недопирливи?

Јас не сакам да ги коментирам судиските одлуки со оглед на тоа што тие имаат неприкосновено дејство и како другите субјекти Обвинителството е должно да ги почитува, меѓутоа може во оваа прилика да истакнам дека обвинителите кои постапуваа по овие предмети беа против прифаќањето на гаранцијата и тоа од неколку причини. Прво затоа што гаранцијата се состоеше во недвижен имот, а согласно законот гаранцијата се дава првенствено во парични средства, во готови пари, а по исклучок во имот. Како што е познато имотот тешко се претвора во пари доколку дојде до пропаѓање на гаранцијата. Обвинителите исто така ги имаа предвид и семејната и имотната состојба на лицата спрема кои се води постапка и според тоа тие сметаа дека не треба да се прифати гаранцијата, но очигледно Судот одлучи поинаку и, како што кажав, Обвинителството ќе ја почитува оваа одлука.

Зошто не ги објавивте наводите од извештајот за недостапноста на Мијалков на органите за прогон за врачување на решението за притвор?

Обвинителството секогаш се раководи од принципот на законитост, дел од овие постапки во определен момент се и тајна и Обвинителството строго ги почитува законите и во оној дел кога ќе процени дека определен податок или определен доказ нема да и наштети на претходната постапка или на истрагата тие ги приопштуваат до јавноста. Според тоа секогаш Обвинителството се води од целите на постапката која се води, со намера како што е законската одредба да не ја загрози постапката во конкретниот предмет.

Беа ли утврдени некакви пропусти на надлежните органи?

Па во тој дел Обвинителството доби соодветни информации и постапки согласно овие информации. Обвинителството во овој предмет не ги тангира пропустите на органите, тоа е надлежност на други субјекти.

Видете и ова: (Не)зависноста на судството - европска ревизија

Обвинителе Јовески по забелешките на Стејт департментот дека не се запазуваат роковите за истраги, најавивте дека ќе ја проверувате ефикасноста на обвинителите. До какви сознанија дојдовте?

Во овој дел мислам дека е потребно да се истакне дека пробивањето на роковите во поголем дел се должи на објективни околности, со оглед на тоа што на пример потребно е повеќе време за да се изврши определено вештачење и да се прибави определен доказ, посебно тоа е изразено за доказите коишто треба да се обезбедат со меѓународна правна помош каде што постапката трае со неколку месеци. Но мора да признеме дека има и субјективни слабости. Овие субјективни слабости доколку се утврдат во постапувањето на јавниот обвинител, се договоривме дека тој се поднесе соодветна одговорност.

Сте поднеле ли предлог за поведување на дисциплинска постапка за нестручно и несовесно работење на некој јавен обвинител?

Да има, има и сега во моментот во постапки, но со оглед на тоа дека оваа постапка е тајна, додека не станат правосилни тие одлуки, јас не би сакал да соопштувам детали околу постапките кои се водат.

Македонија за една година скокна за 24 места на индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнел. Колку навистина има напредок во борбата против корупцијата?

Не е занемарлив податокот за скокот од 24 места во однос на индексот за перцепција на корупцијата. Тука само да дополнам дека и во извештајот на Стејт департментот на САД се нотира зголемената борба против организираниот криминал и корупцијата, а исто така тоа е заклучокот и во извештајот на Европската унија. Ако се имаат предвид овие податоци, овие оценки во овие извештаи, ќе се види дека има напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал во Република Северна Македонија, но мора да се биде искрен и да се признае дека во овие извештаи се нотираат и определени дејствија или активности што треба да ги преземе државата и особено кога зборуваме за надлежноста на Јавното обвинителство. Јас повеќепати истакнувам дека за разлика од поранешниот период сега во Јавното обвинителство ние имаме отворени предмети за носители на актуелната власт. Тука би спомнал дека Обвинителството има отворено предмет за висок функционер во Владата на Република Македонија, има за државен секретар во едно од министерствата, потоа има за обвинители, судии и според тоа моја оценка е дека Обвинителството не постапува селективно, туку се држи до рамките на законот и неселективната правда. Од друга страна исто така сакам да истакнам дека Обвинителството има отворено повеќе предмети по службена должност, или како што вели јавноста по допрен глас.