Достапни линкови

(Не)зависноста на судството - европска ревизија


Сашо Мијалков, Зоран Заев, Вилма Русковска и Оливер Спасовски
Сашо Мијалков, Зоран Заев, Вилма Русковска и Оливер Спасовски

Судството во земјава како и во регионот се уште е нереформирано и покрај поддршката од ЕУ, заклучија европските ревизори. Неказнивоста на „моќниците “ и долгите судски постапки со кои им се овозможува слобода се дел од неефикасноста на судството и обвинителство, вели поранешниот судија Дане Илиев.

(Не)Зависноста на судството, концетрацијата на моќ, политичкото мешање и корупција се клучните проблеми кои никако да се надминат во изминативе 8 години покажува извештајот на Европскиот ревизорски суд за тоа колкаво влијание има европската финансиска и политичка поддршка во спроведувањето на основните реформи за владеење на правото во Западен Балкан. Македонија делумно ја дели одговорноста со петте земји од регионот каде што корупцијата и натаму останува причина за загриженост на европските власти. Последниот извештај на Транспаренси интернешнл покажува дека правосудниот систем често не успева да ги истражи до крај и гони кривично сторителите, но и дека честопати тие добиваат несразмерно лесни казни.

Во извештајот на Европските ревозири е посочено дека владите во регионот донесоа многу закони кои го фаворизираат кронизмот, со влијанија вклучувајќи го и доделувањето на привилегирани договори, монополи во индустријата и вработување на слабо квалификувани јавни службеници кои ќе овозможат корупција.

Поранешниот судија Дане Илиев вели дека најголем проблем во изминатата година е недостигот на вистински реформи во судството, но и во обвинителство кои требаше да донесат коренита промена на системот кој досега продуцираше политичка зависност на судовите и обвинителствата.

„ Таква промена единствено е можна со промена на начинот на избор на судии и она обвинители. Ова што сега функционира очигледно е партиско диригирано до крај. Затоа во делот на ускладување со европските принципи ние и натаму касакаме“ вели Илиев.

Според него, речиси сите судско-обвинителски одлуки кои изминатата година беа донесени покажуваат неефикасност на судството. Особено последните одлуки со укинување на мерки притвор со големи гаранции во недвижен имот и пари , резултира со неефикасно завршување на предметите.

„Не може предметите да се водат со години и да во тоа се тактизира со одлуки кои се од процедурален карактер, со обезбедување на обвинети, страв од бегство и слично. Сето тоа спаѓа во неефикасност на судоството и обвинителсто,“ вели Илиев.

Апелација речиси една година ги „чува“ во фиока жалбите за пресудите за Мијалков

Тој потсетува на предметите по кои Апелација донесе одлука со која со речиси 22 милиони евра понудена гаранција Апелација им овозможи од слобода да се бранат обвинетите Орце Камчев и Сашо Мијалков. Првиот бизнисмен обвинет за перење пари, вториот осуден за незаконското прислушување како директор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање и обвинет за перење пари и обвинет во неколку големи судски предмети. По одлуката на Апелацискиот суд двајцата обвинети во предметот „Плацеви на Водно“ божиќните празници ги минаа со своите најблиски.

Мијалков правосилноста на двете пресуди ќе ги чека на слобода
Во изминативе неколку години откако е обвинет Мијалков во неколку предмети на поранешното Специјално обвинителство кои произлегоа од аферата со нелегалното прислушување е осуден за три предмети. Во првиот предмет за кој беше осуден Титаник 2 на три години затвор, предмет кој се однесува на Мијалков противзаконито влијание врз моќници да сторат кривично дело Апелација го врати предметот на повторно судење. Втората пресуда е за предметот Трезор кој се однесува на злоупотреба на службена должност каде лани доби 8 годишна казна затвор. Третата пресуда е за клучниот предмет на поранешното СЈО Таргет Тврдина во кој како првообвинет за масовното незаконско прислушување 2008 – 2015, беше прогласен за виновен и осуден на 12 години затвор.

Овие две пресуди се неправосилни и речиси една година се наоѓат во жалбена постапка пред Апелацискиот суд Скопје.

„Тоа што Апелација ги држи предметите по жалба нерешени е вториот дел на неефикасноста на судството и непостапување според важечкиот закон. Во тоа голема улога има и важечкиот нов закон за кривична постапка кој и те како спречува ефикансост на судовите и обвинителите. На пример на обвинителите им е дадено да водат предистрага а не може да го прави тоа затоа што нема доволно истражители и обвинители. Сето тоа е смислено за да се има простор политички да се влијае врз обвинителите а потоа и врз судовите. Незамисливо е Апелација да држи предмети по жалба една година. Тоа не се предмети кои не може Апелација да ги реши, тоа е се во игра на политичка одлука и политичко влијание “ вели Илиев.

Што донесе и што однесе СЈО

Лани Мијалков доби една ослободителна пресуда. Таа се однесува на предметот „Тортура“ каде што Мијалков заедно со неколкумина „Алфи“ беа обвинети за начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори. Судот тогаш утврди дека обвинителот Љубомир Лапе не докажал надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

Притворите на „моќниците“ тема за медиумите

Притворот на Мијалков и Камчев лани често го привлекуваше вниманието на јавноста, особено што во неколку наврати и двајцата нудеа милионски гаранции, кои беа прифаќани, па одбивани за на крај пред новогодишните празници Апелација да им дозволи да се бранат од слобода.

Нивното излегување од притвор предизвика силни реакции во јавноста зголемувајќи ја недовербата во судството. Особено внимание привлече тајмингот кога тие излегоа во притвор. Владата беше во оставка, односно Собранието ја констатираше оставката на досегашниот премиер Зоран Заев, а новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски доби мандат од претседателот Стево Пендаровски да состави нова влада.

Но, Камчев и Мијалков не се единствени. Новогодишните празници во својот дом наместо во затвор ги мина и осудената поранешна шефица на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева, која одлежа една третина од казната во затвор. Таа беше осудена за примање награда за противзаконито влијание во предметот „Рекет“ заедно со сопственикот на 1ТВ Бојан Јовановски - познат како Боки 13.

Од каде се и каде се парите од „Рекет“ ?

За предметот „Рекет“ Апелација лани ја потврди одлуката на Кривичниот суд, но и натаму останаа да „висат“ неодговорени прашања .

„За Камчев и Боки 13 во предметот Рекет се уште таму никој не се прашува каде се парите, од каде парите, кој ги извадил, каде завршиле, никој во обвинителството не ги третира таквите прашања, а тоа ќе се одрази во долготраење на постаките и малтретирање на странките во неа“ тврди поранешниот судија Илиев.

Камчев беше сведок во предметот Рекет каде што тврдеше дека како бизнисмен му биле барани пари од Боки 13 во име на Јанева за да се укине предметот „Империја“ во кој поранешната обвинителка од СЈО Лиле Стефанова го гонеше за перење пари. Извесно време помина и во притвор за овој предмет кој до сега не стигна како обвинителен акт во Судот.

Но, од него произлезе како засебен предмет „Плацевите на Водно“ за кој, Камчев во март годинава беше притворен. Во овој предмет обвинението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се однесува на купувањето и прекривањето на вистинскиот сопственик на трите парцели на Водно преку фирма од Белизе, како и уште еден плац во центарот на Скопје, два стана во главниот град и две парцели во Крушево.

Во Обвинението поранешниот премиер Никола Груевски, се посочува како краен сопственик, а е обвинет за делата перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и неговата мајка, Ратка Куновска Камчева се товарат за перење пари, а братучедот на Груевски, Мијалков, е обвинет за помагање за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело.

Тогаш обвинителството со разузнавачка белешка побара притвор за него под сомнение дека се подготува за бегство. Неговата одбрана тврдеше дека сомневања за бегство се неосновани од причина што на нивниот клиент претходно му биле одземени патните исправи и како гаранција дека нема да се даде во бегство имал дадено имот.

Јовески со најави за нови обвиненија по пријавите на Боки 13

Кавгата меѓу шефот на Обвинителство Љубомир Јовески и Комерцијална банка за хипотеката околу имотот кој е понуден како гаранција за Мијалков го отвори прашањето дали обвинителството утврдило како е стекнат тој имот.
Во меѓувреме Јовески најави дека наскоро ќе биде донесена обвинителска одлука кривичните пријави на Бојан Јовановски, кој е обвинет за случајот „Меѓународен сојуз“,а осуден на деветгодишна затворска казна во „Рекет“.
До оваа изјава доаѓа откако Боки 13 во отворено писмо од притвор обвини неколку јавни функционери за злоупотреба на службена должност и криминално дејствување.

Јовески во однос на писмото од Боки -13 вели дека тој имал повеќе можности да ги изнесе обвинувањата за повеќе лица, и да поднесе пријави, првично во текот на истрагата што се водеше против него, а потоа и на судските рочишта.
„Јас определив и јавен обвинител во ОЈОГОК, кој врз основа на дадена согласност од судијата на претходна постапка го посети во притвор со намера на записник да му земе наводи за кривична пријава. Бојан Јовановски ја одби таа соработка и после извесно време во неклку наврати, мислам дека во три му е овозможено на записник во ОЈО Скопје да ги изложи , да поднесе кривични пријави, “изјави Јовески во видео интервју за МИА.

Таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски јавно потврди пак дека сите изрекетирани пари завршиле кај Зоран и Вице Заеви, а Русковска обвинителството продожува да молчи, се вели во едно од неколкуте соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ на темата корупција. Јовановски во предновогодишното интревју за А1 он порталот изјави дека е убеден оти поранешниот премиер Зоран Заев го контролирал судството и обвинителството и дека тој стои зад случајот „Рекет“.

„До кога обвинителството ќе ги крие вистинските рекетари и криминалци во Македонија? До кога главата на октоподот во Македонија и мафијата на власт ќе бидат заштитувани од страна на обвинителството и судството?“ обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Боки 13 во Јавното обвинителство поднесе преку 30 кривични пријави за повеќе носители на јавни функции и бизнисмени, кои како што посочи неговиот адвокат се однесуваат за злоупотреба на службената положба, изнуда, измама , давање лажен исказ, несовесно лекување и тортура.

Од досегашните функционира во домашен и затворски притвор по неколку месеци поминаа и поранешниот генерален секретар Драги Рашковски и директорката на Националната агенција за европски образовни програми Лидија Димовска.

Обвинителството за организиран криминал по неколкумесечна истрага до Кривичниот суд во Скопје поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест лица поради злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари. Судот го одобри обвинието против Рашковски на 29 декември и се очекува наскоро да биде закажано и првото судско рочиште.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG