Достапни линкови

Кај и да си, за Бадник во Мериот да си


Хотел Мериот во Скопје
Хотел Мериот во Скопје

По драмата што траеше повеќе од една недела, со укинување на притворот, па определување нов, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков синоќа излезе од притвор. Негова домашна адреса е хотелот Мериот во центарот на Скопје. Ослободувањето предизвика бурни реакции во јавноста.

Старите велат кај и да си, за Бадник дома си. Во нашиот случај во Мериот да си, кој се води како домашна адреса на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Апелациониот суд Скопје ја прифати жалбата на Мијалков, кој е сопственик на хотелот Мериот во центарот на Скопје, и го пушти да се брани од слобода во случајот „Плацеви на Водно“ со гаранција од 11 милиони евра дека нема да избега.

Драмата со излегувањето на Мијалков траеше цела недела. Прво, скопска Апелација ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра и му го укина притворот во случајот Трезор, каде што е осуден првостепено на 8 години затвор, за да може да се брани од слобода додека ја чека правосилната пресуда на Апелациониот суд. На одлуката за укинување од притвор реагираше и министерот за правда Бојан Маричиќ, што според многумина се толкуваше како мешање во независноста на судството. Уште неизлезен од Шутка, обвинителката Лиле Стефанова веднаш побарала притвор за Мијалков, поради опасност од бегство во случајот „Плацеви на Водно“, каде што тој е еден од обвинетите, а Основниот суд Скопје го прифати барањето и определи 30 дена притвор. Сега, Апелациониот суд му го укина и тој притвор.

При излегувањето од притвор, обезбедувањето на Мијалков го паркираше автомобилот пред главната капија во истражниот затвор во Скопје, а затворската полиција им се придружи на бодигардите во заштита на Мијалков во заштита од клетите новинари кои спремаа рафали прашања.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи потсетуваат на слоганите на Шарената револуција дека во Македонија ќе има правда.

Сепак, и на слобода не е лесно.

Едни велат кога сака влегува во Шутка, кога сака излегува.

Други очекуваат дека Мијалков ќе избега од државата.

Трети пак сметаат дека е најубаво да избега, а со 11-те милиони евра од кауцијата да се направи нешто добро за државата.

Некои, пак, потсетуваат на првобитниот грев и се чудат што другите се чудат.

Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде што е првостепено осуден на 8 години затвор. Против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во случајот „Плацеви на Водно“, а првостепено е осуден и за незаконското масовно прислушување во случајот „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.

На 22 февруари му беше определен притвор на Мијалков, но тој „исчезна“ и 24 часа беше недостапен за полицијата у судот. Потоа сам се појави со образложение дека не избегал, туку имал симптоми на коронавирус и затоа се самоизолирал.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG