По едночасовно разгледување на деветте страници од класифицираниот извештај за специјалната обвинителка Катица Јанева членовите на собраниската комисија за избори и именувања без дискусија со едногласна одлука одлучија да препорачаат разрешување на Јанева од функцијата Специјален обвинител. Додека членовите на комисијата го разгледуваа извештајот кој содржеше доверливи информации своите телефони ги оставија кај обезбедувањето.
Претседателот на комисија од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски соопшти дека ниту една политичка партија на седницата не се произнела негативно на тој предлог и очекува дека сличен исход ќе има и на пленарната седница на која со двотретинско мнозинство ќе одлучуваат за конечното разрешување. Членовите на комисијата се едногласни дека Јанева работела незаконски, несовесно и нестручно .
Видете и ова: Финансиска полиција го демантира Силјан Мицевски
Димовски посочи дека материјалот со кој располагале од Советот за јавни обвинители си ја завршил својата работа и пратениците на пленарната седница ќе дебатираат само врз основа на заклучокот од Комисијата.
“Во материјалот се содржани доволен број на конкретни дејствија преземени од страна на осомничените лица во таа постапка коишто даваат основа за поведување на постапка за Советот на јавни обвинители. Комисијата за избори и именувања се приклучува практично на таквиот став на претседателот на Советот за јавни обвинители со тоа дека дава доволно основа за конкретните активности преземени од осомничените, едногласно без дискусија да го донесе заклучокот за предлог Катица Јанева да биде разрешена за несовесно и незаконско работење. Материјалот беше убедлив,“ изјави по седницата Димовски.
Пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири пак, изјави дека жали што седницата беше зад затворени врати но морало да се почитува барањето на Советот за јавни обвинители да остане нивниот извештај е класифициран. Тој додава дека не требало јавноста да биде загрижена за деталите во извештајот. Зеќири вели дека се надева оти истрагата ќе заврши и ќе почне судски процес во кој виновниците во овој случај ќе си одговараат до крај со што како што вели ќе се расчисти маглата од шпекулацијата.
На новинарското прашање дали од денешен аспект откако го погледнал извештајот жали што гласал за избор на Јанева за специјален обвинител, одговори дека не жали затоа што вината е индивидуална.
„Апсолутно не жалам што сум дал поддршка на Специјалното јавно обвинителство, вината секогаш е индивидуална не е колективна. Како личност таа ги разочара сите што и дадоа поддршка. А поддршка таа доби од тогашната власт, од опозицијата и од сите политички партии, затоа разочараноста е очигледна од сите граѓани, изјави Зеќири.
Во однос на распитот на пратениците од СДСМ во Јавното обвинителство Зеќири вели дека тоа е дел од истрагата и процедурата и така проценило Обвинителството и секој кој ќе биде повикан ќе оди да даде исказ во Обвинителството со што истрагата ќе покаже дали некој е вмешан или не во случајот „Рекет“
Костадин Костадинов од СДСМ, пред почетокот на седницата побара Илија Димовски да се иземе од седницата поради тоа што е осомничен во предмет на СЈО и поради можноста за конфликт на интереси. Димовски се заблагодари за укажувањето и возврати дека по таа линија многу политичари од СДСМ ќе треба да се иземат од истите причини.
Залучокот на Комисијата се доставува до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители. Јанева е во притвор поради основано сомнение на Обвинителството за гонење на организиран криминал дека ја злоупотребила својата функција со што помогнала во изнуда на пари од осомничени во предметот на СЈО „Империја“.