Усвојувањето на францускиот предлог, за Северна Македонија значи зелено светло за одржување на политички, а подоцна и министерски состанок во Брисел. Двата заедно ја сочинуваат „фазата на отворање на преговорите“(предлог заклучоците на Советот).
„Со отворањето на оваа врата, сега Северна Македонија се зајакнува себеси со тоа што е во преговарачкиот процес наместо надвор од преговарачкиот процес“, порача меѓудругото претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен во говорот пред македонските пратеници вчера.
Експертите велат дека по одржувањето на првата меѓувладина конференција сепак ќе започне процес на скрининг за земјава, кој би траел се до одржувањето на Втората меѓувладина конференција.
„Првата меѓувладина конференција нема да биде типично отворање на преговорите, тоа ќе биде еден вид на преседан, затоа што досега веднаш се почнувало со отворање преговори и имало пократок период на скрининг. Кај нас е тоа „условен“ скрининг кој ќе заврши со уставните измени пред да почнат да се отвораат поглавјата. На оваа конференција прво ќе се презентираат преговарачките позиции на двете страни, ќе се формираат одредени работни групи, ќе се одреди фрекфенцијата на средби меѓу групите и за тоа време ќе се презентира правото на ЕУ на нашата страна и ќе се евалуира нивото на нашата подготвеност, слабите и добрите точки и претпоставувам дека за една година ќе заврши тој скрининг,“ вели Димитар Николовски, извршен директор на Центарот за европски стратегии, Евротинк.
Видете и ова: Пратениците гласни, граѓаните тивки против францускиот предлогУпатените во оваа област сметаат дека политичкиот состанок е всушност своевидна увертура за Владата на Македонија да може да го прикаже ова како отворање на преговорите. Но, според нив, вистинското отворање на преговорите следи по министерската конференција и по измената на Уставот.
„Јас очекувам да има уште една седница пред да се отвори Втората меѓувладина седница. На таа би се заокружил дотогашниот скрининг и откога ќе се даде зелено светло, би следувала главната меѓувладина седница која е условена со промена на Уставот и таа е всушност класичното отворање на преговорите и кластерите“, вели Николовски.
Според некои експерти и во натамошниот процес нема никакви гаранции во предложените документи дека нема да има натамошни бугарски условувања. Дури и со промена на Уставот за во него да се внесат Бугарите (а заедно со нив и Црногорците и Хрватите), упатените велат дека Бугарија обезбедила два начини да ги блокира македонските интеграции. Првиот е можноста за вето која стои поради потребата од консензус за усвојување на одредниците за кластерот фундаменталс или вториот начин, е преку барања за таканаречени „корективни мерки“.
За разлика од Бугарија, Македонија нема инструменти преку кои би можела да врши притисок врз Бугарија.
Видете и ова: Македонскиот јазик е ваш, историјата не е услов за преговорите - порача Фон дер Лајен во СобраниетоВласта пак, уверува дека преговорите започнуваат веднаш, односно пред уставните измени.
„Со новиот предлог, преговорите ќе започнат пред уставните промени,“ постојано повторува министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ,од своја страна, неколку пати досега порача дека прифаќањето на предлог преговарачката рамка од Франција, не значи отворање на преговорите.
На патот кон ЕУ, Македонија и Албанија ќе се раздвојат?
Иако Македонија и Албанија беа во пакет, сепак добија различни преговарачки рамки за влез во Европската Унија.
Албанија ги почнува преговорите со Првата меѓувладина конференција, на која ќе биде претставена и преговарачката рамка.
Предлогот за Македонија го има преседанот со креативното решение за прва фаза во отворањето на преговорите. Во воведната изјава за Првата политичка меѓувладина конференција пишува: започнување на првата фаза од преговорите за пристапување.
Понатаму, во точка 11 од Воведната изјава јасно е нагласено дека Преговарачката рамка ќе биде презентирана на Втората меѓувладина конференција или прецизно според формулацијата „на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања или дополнителна политичка одлука, веднаш штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени…“
И токму тука се раздвојуваат двете земји кои требаше да бидат во пакет при отворањето на преговарачкиот процес со Унијата.
Во преговарачката рамка за Албанија, која ја објави Телма, за западниот сосед е нотирана само потребата од посветеност за решавање на поморскиот граничен спор со Грција за што веќе се постигна договор со арбитража, што повторно не е поврзан во ниту еден контекст со општата констација за добрососедски односи и регионална соработка.
За разлика од Албанија за Македонија, освен потребата од промена на Уставот, има уште дополнителни услови, додаден е дел за заштита на малцинските права.
Видете и ова: „Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протестиМакедонија со преговарачката рамка добива и т.н. Акциски план посветен на заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително, меѓу другото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование.
Во воведната изјава за нас се споменуваат и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија и директно се посочува на „протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор“.
Мими Кодели, претседателка на Собраниската комисија за надворешна политика во албанскиот парламент, се надева дека Северна Македонија и Албанија ќе можат заедно да ги отворат преговорите. Таа додава дека следната недела и официјално го очекуваат датумот за одржување на меѓувладината конференција на Албанија во Брисел. Таа истакнува дека Албанија ги исполнила сите потребни критериуми и потврдува дека нивната преговарачка рамка не содржи дополнителни условувања.
„Најпрво да се надеваме дека меѓувладината конференција ќе се одржи следната недела, а потоа се ќе зависи од двете страни, од наша страна и од страна на ЕУ и новите процедури за тоа кои ќе ни бидат следните чекори. Ние сме силно ангажирани и политички и во парламентот. Внимателно го следиме процесот и сметам дека колку побрзо го затвориме овој процес, толку подобро ќе биде не само за Албанија туку и за Европа. Ќе бидеме среќни ако тој процес го поминеме заедно со Северна Македонија, но знаете дека вие сте заглавени во него и до вас е да одлучите дали ќе одите напред“, изјави Кодели.
Видете и ова: Протести - Jајца и тоалетна хартија кон СобраниетоИ еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера од Валона изјави дека Албанија е подготвена за почеток на преговорите.
„Албанија е подготвена да ги започне преговорите со првата меѓувладина конференција. Нема сомнеж, никаде нема сомнеж дека Албанија направи се за да дојде до првата меѓувладина конференција. Поради оваа причина, целосно се надевам дека во наредните денови ќе ги имаме добрите вести и следната недела ќе биде она што толку долго го чекавме“, порача Вархеји од Валона.
Во меѓувреме, информацијата за предлог-преговарачката рамка е во македонското Собрание. Собраниската дебата треба да заврши со донесување заклучоци кои потоа ќе и бидат испратени на Владата.
Пред две недели Владата го објави модифицираниот предлог од Франција, кој треба да се прифати како услов Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Владините претставници го гледаат овој предлог како „последна шанса“, која не треба да се пропушти. Опозицијата смета дека предлогот е предавнички и срамен и неговото прифаќање значи асимилација и бугаризација во ЕУ. По објавувањето на францускиот предлог илјадници граѓани секој ден протестираат против него и бараат Владата да го отфрли овој документ.
Инаку, Македонија се стекна со статусот земја кандидат за членство во ЕУ уште пред 17 години, ама не можеше да ги почне преговорите поради спорот за името со Грција. Овој спор беше решен со Преспанскиот договор, кога земјава го прифати името Република Северна Македонија, а јазикот остана македонски.
Сепак, наместо брз почеток на преговори за ЕУ, како што беше најавено од тогашните власти, блокадата стигна прво од Франција, а потоа се „бетонираше“ со бугарското вето пред 2 години. Бугарија го смета македонскиот јазик за бугарски дијалект, а има проблеми и со повеќе делови од македонската историја.