ВМРО-ДПМНЕ и Беса се координираат како опозиција за повеќе прашања, па и за предлог Законот за јавно обвинителство, но за идна коалиција двете страни оставаат да зборуваат во иднина.
Претседателот на Беса Биљал Касами во интервју за Радио Слободна Европа вели дека би коалицирале со „која било македонска партија која што ќе ги сподели нивните партиски заложби“. Но, на прашањето дали разговарале за заеднички заложби со ВМРО-ДПМНЕ, вели дека зборувале за “опозициски работи”.
„Ние како опозициски партии треба да разговараме и да се координираме во насока на изборниот законик поради тоа што во него се прецизира дека некои работи се за позиција, некои за опозиција. Исто така се координираме и за некои работи во однос на решенијата кои треба да ги понудиме како опозиција за законите кои се во процедура, во таа насока и за Законот за јавно обвинителство итн“, вели Касами во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела.
Тој пред изборите во 2016 година велеше дека би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ „ако нејзиниот лидершип се расчисти од сите досиеја кои се отворени од Специјалното јавно обвинителство“. Сега вели дека се уште е рано за посуштински разговори за коалицирање со која било партија.
„Епа за заедничките вредности ќе разговараме кога ќе дојдат избори. Тогаш ќе седнеме и ќе видиме дали има сменето нешто во лидершипот на ВМРО-ДПМНЕ или не и дали би коалицирале со нив“, вели Касами.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, пак, неодамна за Радио Слободна Европа рече дека имаат заеднички точки не само со Беса, туку и со сите политички чинители во албанскиот блок.
„Она што е битно и во кое се согласуваме со голем дел од нив е дека владеењето на правото и почнување на градење на систем каде што ќе владее правната држава е еден од принципите, основите од каде што би почнале. Меѓутоа исто така, еден од врвните приоритети е економијата и финансиите, бидејќи ова што го имаме во моментов е една девастирана држава во однос на тоа поле“, рече Јанушев.
Видете и ова: Големите партии не се откажуваат од монополот на политичката сцена
Лидерите на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Беса, Мицкоски и Касами се сретнаа летово во скопски ресторан да разговараат, за како што соопштија, „актуелната политичка состојба, стратешките интеграции на Македонија и искористувањето на потенцијалите за соработка“. Неколку дена подоцна во собраниската комисија за избори и именувања ВМРО-ДПМНЕ и Беса успеаја да ја надгласаат владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, што беше толкувано како конкретен почеток на соработката.
Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, кај нас партиите не коалицираат поради идеолошки совпаѓања, туку генерално коалицијата доаѓа по избори.
„Во принцип коалицијата меѓу победникот на изборите, без разлика дали е тоа ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ и со некоја од партиите на албанскиот етнички блок повеќе зависи од односот на силите меѓу партиите“, вели Божиновски.
Инаку досега ВМРО-ДПМНЕ и Беса беа со спротивни ставови за повеќе теми, меѓу кои и на пример Законот за употреба на јазиците. Тогаш партијата што ја предводи Мицкоски тврдеше дека е противуставен, а партијата на Касами исто така не беше задоволна, но поради тоа што сметаше дека со законот треба да им се даде повеќе права на Албанците во употребата на нивниот мајчин јазик.