Достапни линкови

Прекројување на буџетот за изборни гласови


Се кратат парите за капитални инвестиции, а на сметка на тоа ќе има поголеми плати за администрацијата, пари за субвенции, за вработувања. Експерти и опозицијата во ребалансот гледаат популизам и обид за поткуп на гласачи.

Власта продолжува со популистичките мерки на претходната, а мерките кои се предвидуваат со ребалансот на буџетот служат за купување на гласови, велат експерти за предложеното прекројување на државната каса, кое сега е пред пратениците во Собранието. Со ребалансот се предвидува зголемување на платите во администрацијата, здравството, образованието, полицијата, културата, одбраната. Повеќе пари ќе добие и Фондот за пензиско. Предвидени се пари за субвенционирање на поголеми плати, мерки за вработување, лекови за ретко болести, пари за повраток на ДДВ, раст на субвенциите за земјоделците. А повеќе пари ќе има и за исплаќање на надоместоци во судството и обвинителството.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели со измените кои ги предлага, СДСМ глуми помала верзија на ВМРО-ДПМНЕ.

„Премиерот Зоран Заев продолжува со популистичката политика на Никола Груевски, а тоа е да мислите од денес за денес, а не да мислите за во иднина. Да кратите пари од капитални инвестиции, образование, градење на градинки, школи, а да инвестирате краткорочни проекти што даваат краткорочни резултати, со вработувања, субвенции за некои гранки, тоа е таа матрица на размислување на Никола Груевски- да се купуваат гласови“, вели Адеми.

Од друга страна пак, ќе настрадаат парите предвидени за капиталните инвестиции. Власта планира да скрати 53 милиони евра, односно од 420 милиони евра да ги сведе на 370 милиони евра. Се крати од парите за железница, школи, градинки и студентски домови, рурален развој...

Презентирајќи го пред пратениците, министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека се префрлаат пари онаму каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти.

„Со него се обезбедува распределба на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници“, рече министерката.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ребалансот на Буџетот ја покажува неефикасноста на институциите водени од Заев и СДСМ.

„Ова е доказ дека власта нема капацитет да ги води инвестициите и да инвестира средства во капитални проекти како што се градинки, болници, студентски домови, железница, водоснабдување и други проекти туку парите ги распределува во популистички мерки кои имаат за цел да манипулираат со гласачкото тело во предизборна година“, рече Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека може да се заклучи и од овој ребаланс дека економската година што ја најавуваше Зоран Заев е една голема лага.

Од Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ на својот профил на фејсбук по објавата на предлогот за ребалансот, реагираа дека власта „парите ги распределува во популистички мерки кои имаат за цел поткуп на одреден дел од гласачкото тело во предизборен период и делење на пари на луѓе блиски до власта.“

Со овој ребаланс се даваат пари за поддршка за зголемување на платите до 6.000 денари во приватниот сектор. Власта за секоја зголемена плата ќе го плаќа пензиското и социјалното осигурување на зголемената сума. За субвенционирањето на платите ќе се издвојат 400 милиони денари, односно скоро 7 милиони евра, а 3,5 милиони евра се планирани за мерки за вработување. Речиси 3,5 милиони евра се предвидени за лекови за ретки болести и инсулин, уште толку за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, како и 5 милиони евра за исплата на поврат на ДДВ. Фондот за пензиско ќе добие 13 милиони евра плус.

Адеми вели дека очекувал поинаков економски модел кој ќе донесе подолгорочен раст.

Со ребалансот власта очекува поголем раст од 3,5 проценти, наместо претходно проектираната од 3,2 отсто. Има минимално намалување на очекувањата за приходи и за расходи, но дефицитот останува непроменет со позициониран износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.

Комисиската расправа за ребалансот може да трае 10 дена, по што оди на пленарна седница. На предлогот се поднесени 391 амандман.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG