Австрија и натаму ќе помага на Македонија во евроинтегративните процеси, порача од Скопје шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг кој денеска се сретна со својот македонски колега, Бујар Османи. Тој истакна дека ова е долгорочен процес, а во меѓувреме треба да им се покаже на младите луѓе од регионот дека нивната иднина е во ЕУ, дополнувајќи го одговорот на Османи, за тоа дали како замена при неуспех на евроинтеграциите, би било прифатливо да сме дел од европската политичка заедница, ама надвор од ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера побара од Унијата да изнајде „нови начини за политика соработка“ со државите што не се нејзини членки и тоа во областите на безбедноста, енергетиката и транспортот. Со тоа тој и практично го претстави предлогот за европската политичка заедница на демократски земји што би се протегала надвор од ЕУ.
„Ние по целиот регион имаме и руски и кинески наратив, а сите сме европејци. И ние треба да се спротивставиме и затоа што ова сега е напад врз нашиот животен модел. Ние мораме да ја прошириме ЕУ, тој внатрешен двор кој засега не е дел од ЕУ мора да се интегрира“, порача Шаленберг на прес-конференцијата во Скопје.
Видете и ова: Центри на моќ контра договор Софија - Скопје за да не се зацврсти позицијата на ЕУ на БалканотОсмани пак, истакна дека Македонија спаѓа во земјите кои веќе го имаат почнато овој процес, посочувајќи дека пред Словенија и Хрватска го имавме потпишано Договорот стабилизација и асоцијација, а сега сме дел од групата со Албанија и Црна Гора, членки на НАТО, во голем дел усогласена со ЕУ.
„Ние зборуваме за почеток на преговори, не зборуваме за членство, така што не гледам дека едното и другото се директно поврзани, затоа што ние претендираме да започнеме процес на усогласување на нашата законска рамка и начинот на којшто функционираме овде согласно принципите и правилата на ЕУ. Кој ќе биде финалниот епилог е процес којшто се разговара, но сметам дека РСМ спаѓа во групите коишто го имаат почнато овој просец на членство и треба да заврши со тој отворен процес на членство и е обврска која Унијата ја има преземено кон регионот и Северна Македонија“, рече Османи.
Според Макрон, предлогот за европска политичка заедница би можела да им се допадне на земјите како Украина која сака да биде дел од Унијата, но и Велика Британија која пред неколку години излезе од ЕУ,
„Oваа нова европска организација би им дозволила на демократските европски нациии кои се придржуваат до нашите суштински вредности, дa најдат нов простор за политичка сорботка, во безбедноста, енергетитката, транспортот, инвестициите, инфрастуктурата и движењето на луѓето“, образложи Макрон.
Преку Софија во Скопје, па кон ЕУ
Првиот австриски диломат Шаленберг во Скопје дојде по неговата вчерашна посета на Софија. Бугарија веќе две години има ставено вето на почетокот на македонските преговори за влез во ЕУ.
„Двете влади, двете држави веќе ги имаат составните делови од сложувалката, сега е веќе време да се согласат“, истакна Шаленберг кој, рече дека се надева оти пред почетокот на летниот распуст ќе дојде до тој почеток.
Според него, сега е неопходно Скопје и Софија да најдат заеднички јазик.
„Сметаме дека не може едната страна да попушти, а другата да добие. Ние сметаме дека тука треба да има заеднички јазик. Да ова тоа се чувствителни прашања. И јас доаѓам од централна Европа каде што исто така се соочувавме со вакви проблеми, особено на почетокот на 2000 година, но ЕУ е таа која што е рамката каде треба да се дискутираат овие прашања и да се рационализираат . Тоа е всушност пристапот којшто ние го поддржуваме“, истакна Шаленберг.
Османи се заблагодари на австриската поддршка во овој процес и потсети на неопходноста од стратегиско лидерство на ЕУ кон регионот, потсетувајќи на тековната војна во Украина .
„Замислете ситуација оваа руска агресија во Украина да се случеше без тоа стратешко лидерство на ЕУ тогаш, Секогаш треба да мислиме долгорочно и да мислиме кој е стратешкиот однос на ЕУ кон овој регион кој покажува кредибилност и лојалност кон вредностите кон коишто припагаме“, истакна Османи.
Видете и ова: Петков: Бугарите во С. Македонија да бидат рамноправниНа новинарско прашање за повторно отворање на македонскиот устав, со цел во него како малцинство да се внесат Бугарите како едно од барањата на Софија, Османи посочи дека ова создава немир во време кога нема најави за деблокада на процесот. Сепак повтори дека Македонија е мултиетничка држава.
„Република Северна Македонија еднаш го смени Уставот и сега на маса повторно има такво барање. Тоа создава немир кај граѓаните. РСМ нема ништо против да ја внесе бугарската заедница во Уставот, бидејќи ако по нешто сме препознатливи во светот, тоа е уникатен функционален модел на мултиетничка демојкратија која покажа дека може да функционира. Сензитивноста е во непредвидливоста на процесот, но тоа е дел од разговорите кои ги правиме со Република Бугарија“, истакна Османи.
Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Земјава во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекна со статус земја кандидат. Во 2009 година, по неколку продлабочени реформи во клучните области, првпат ја доби и препораката на Европската комисија за почеток на преговори, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш па се до одлуката во март 2020 за почеток на преговори, ЕК имаше над десет препораки за почеток на преговори со земјава. И две години по одлуката на Советот на ЕУ за старт на преговори, поради блокадата на Бугарија, поради идентитетски и јазични прашања, државава се уште нема формален почеток на преговори.
Во 2012 година воспоставен е Пристапниот дијалог на високо ниво, којшто внесе динамика во реформскиот процес за пристапување кон ЕУ преку зајакнување на довербата и зголемување на европската перспектива на земјата, а истиот беше фокусиран на клучните предизвици во следните пет области – слобода на изразување во медиумите, владеење на правото, реформа на јавната администрација, изборна реформа, зајакнување на пазарната економија.
Препораките на Комисијата за преговори во 2015 и 2016 година беа условени препораки – условени со Пржинскиот договор, имплементацијата на итните реформски приоритети и спроведување коректни избори.
Во јуни 2018 година Советот на ЕУ заклучи дека ЕУ ја остава отворена вратата за отпочнување преговори во втората половина на следната година, условено со напредок во реформите.
Во јуни следната година, во заклучоците на Советот на ЕУ беше наведено дека Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија и добро ја забележува препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори со РСМ, базирана на позитивната проценка на постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот.
Советот на ЕУ на 24 март 2020 донесе одлука дека Северна Македонија треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ, но две години подоцна се уште без формален почеток на пристапни преговори поради блокадата на Софија.