Во текот на последните неколку години, владата на претседателот Владимир Путин спроведува сè понемилосрдна акција против несогласувањето дома, поради што повеќето независни медиуми беа затворени или прогонети, опозициските политички движења прогласени за „екстремистички“ и десетици илјади незадоволни Руси бегаат од земјата.
И на 24 февруари, Путин започна масовна воена инвазија врз соседна Украина, сакајќи да го оправда потегот со лажно тврдење дека со земјата управувале „нацисти и наркомани“ кои се наклонети на геноцид врз етничките Руси таму.
Многу критичари сугерираат дека тврдењата на Русија оти Украина е фашистичка држава најдобро се гледаат како проекција на ситуацијата внатре во самата Русија.
Политикологот Александар Мотил од Универзитетот Рутгерс напиша дека „бруталната инвазија на Путин врз Украина сугерира дека дефинитивно е во ред повторно разгледување на применливоста на терминот во Русија“.
Сепак, водечки научници за историјата на фашизмот и авторитарните режими за РСЕ изјавија дека, иако Русија на Путин надворешно на многу начини наликува на фашистички режими, таа не е фашистичка држава. А разликите меѓу класичната фашистичка диктатура и системот на Путин, велат тие, можат да фрлат светлина врз тоа како се владее со Русија денес.
„Најблиска аналогија на фашизмот“
Русија под Путин „јасно е затворена и репресивна диктатура“, вели Шери Берман, професорка по политички науки на колеџот Барнард на Универзитетот Колумбија, која го проучува популизмот и фашизмот. „Но, постојат многу различни видови диктатури, од кои фашистичката...е само една“.
Стенли Пејн, почесен професор по историја на Универзитетот во Висконсин и автор на бројни книги за европскиот фашизам, вели дека Русија на Путин „не е еквивалентна на фашистичките режими од Втората светска војна, но таа е најблискиот аналоген пример на фашизмот од тоа време“.
„Меѓу карактеристиките на Путиновата Русија кои се огледало на фашизмот се историскиот реваншизам и прегратката на „мачо култот на Путин“ - вели Марија Снеговаја, доктор по политички науки во Вирџинија и визитинг научник на Универзитетот Џорџ Вашингтон. Покрај тоа, како и Германија на Адолф Хитлер, наведува Снеговаја, Русија доживеа верзија на „Вајмаровиот синдром“, скратен термин за чувството на дислокација, изолација и губење на статусот што Германија го доживеа по Првата светска војна и што Русија го издржа по распадот на Советскиот Сојуз.
Понатамошниот развој на двете земји беше делумно поттикнат од способноста на лидерите да манипулираат со моќна мешавина на вознемиреност, носталгија и огорченост.
„Антизападниот сентимент и реваншизмот станаа поизразени“ во последните пет години, вели Снеговаја, а овие идеи се „многу поконзистентно промовирани од државата“ во медиумите, културните работи и училиштата.
Роџер Грифин, почесен професор по модерна историја на Универзитетот Оксфорд Брукс во Британија, кој ја проучува социо-историската и идеолошката динамика на фашизмот, се согласува дека и Германија по Првата светска војна и Русија по распадот на Советскиот Сојуз доживеале „понижување и губење на идентитетот“.
Револуција или реакција
Но, историскиот фашизам е фундаментално револуционерна идеологија, заснована врз идејата дека сегашниот систем е декадентен и доведува до колапс на цивилизацијата, колапс што формира егзистенцијална закана за „нацијата“ или „органската раса“, објаснува Грифин.
„Основниот мит е дека оваа органска култура треба да се прероди во нов поредок кој не може да биде демократски, бидејќи демократијата по дефиниција е плуралистичка“, додава тој.
Фашистите се обидуваат целосно да го уништат стариот систем и да го преправат општеството. Фашизмот е „револуционерна форма на национализам“. Иако Путин се залага за сличен „суштински мит, тој е реакционерен политичар и не се обидува да создаде нов поредок „туку повторно да создаде изменета верзија на Советскиот Сојуз“, вели Грифин., додавајќи: „Хитлер, на пример, го дизајнираше усвојувањето на озлогласениот Акт од 1933 година за да си даде апсолутна диктаторска власт, вклучително и овластување да го игнорира Вајмарскиот устав. Путин, од друга страна, се искачи на власт во 1999 и 2000 година, главно јавајќи врз анксиозноста од Втората чеченска војна, ветувајќи дека ќе го брани и гарантира рускиот Устав“.
Кога вториот претседателски мандат на Путин заврши во 2008 година, тој го стави Дмитриј Медведев на највисоката функција и стана премиер, истовремено одржувајќи ја власта и фикцијата за демократска Русија пред да се врати во Кремљ во 2012 година. Кога требаше да ја прошири својата моќ по крајот од неговиот сегашен мандат во 2024 година, тој организираше гласање за измена на уставот за да ги „поништи“ неговите први четири мандати и да го отвори патот за уште два.
„Режимот на Путин е развиен речиси исклучиво од државата на традиционално руски начин. Тоа не е производ на никакво револуционерно движење или идеологија – фашистичка или друга“, оценува историчарот Пејн, додавајќи: „Режимот на Путин е централизирана, десничарска, авторитарна диктатура, многу повеќе реакционерна отколку револуционерна и Русија изгледа „повеќе како сила во пад отколку како во подем“.
Спротивно на тоа, Андреас Умланд, аналитичар во Стокхолмскиот центар за источноевропски студии кој го проучува компаративниот фашизам, во едно неодамнешно интервју изјави дека „фашистичките водачи сакаат да создадат нов светски поредок, нова империја, нова нација.
„Тие сакаат повторно раѓање на сопствената нација преку војна, преку империјалистичка експанзија. Вистинските фашисти во Русија како неодамна починатиот Владимир Жириновски и самонаречениот филозоф Александар Дугин, кои и двајцата беа обични атрибути на политичкиот систем на Путин, а не централни за него, „во своите текстови опишуваат сосема нова Русија“ која контролира делови од светот кои никогаш не биле под царска или советска доминација“, додаде Умланд.
„Најважното за Русија на Путин е тоа што ѝ недостига визија за иднината. Русија се жали на постојниот меѓународен поредок и местото на Русија во него, но нема никаква алтернативна визија“, вели Снеговаја.
„Сам на крајот од масата“
Друга клучна разлика меѓу Путиновата Русија и класичниот фашизам е недостатокот на масовна мобилизација. Фашистичките режими „дојдоа на власт врз основа на многу големо масовно движење, политичка партија, голем број поврзани – како што би ги нарекле денес – граѓански организации“, вели Шери Берман, додавајќи:
„Ова не е масовен режим кој дојде на власт или функционира врз основа на масовна мобилизација. Како и повеќето диктатури, Путин повеќе би сакал неговиот народ да биде демобилизиран“.
Берман додава дека имиџот на фашистички диктатор како Хитлер или италијанскиот Бенито Мусолини е „лидер пред масовна публика од луѓе кои се во еден вид состојба на екстаза“ и кои чувствуваат „директна врска со лидерот“.
„Ова не е Путин. Не е само тоа што тој не е харизматичен. Мислам, сликата што ја имаме за него во нашите умови сега, во добро или во лошо, е тој да седи сам на крајот од масата“, вели Берман.
Пејн нуди сличен став, велејќи дека радикалните, револуционерни диктатури се стремат кон масовна мобилизација. „Поконзервативна, десничарска, нео-традиционалистичка диктатура не е заинтересирана за многу мобилизација, туку за обесхрабрување на мобилизацијата“, вели тој.
Снеговаја пак додава дека руското општество е „екстремно пасивно и атомизирано“. Згора на тоа, Русија е пост-тоталитарно општество кое „веќе има многу лошо искуство да се мобилизира околу големите идеи“. Како резултат на тоа, руското општество пасивно ги прифаќа реваншистичките идеи на Путин.
Масовните настани во Русија на Путин обично се внимателно организирани со работници од државниот сектор кои ги полнат уличните корпи за отпадоци со знамиња и транспаренти веднаш штом ќе завршат говорите.
„Путин не се појави како харизматичен лидер. Тој излезе како апаратчик. Тој е производ на руската држава, која се обиде да го претвори во похаризматична фигура. Но, тој не е некој што изградил динамично и харизматично движење во фашистички стил за сите“, вели Пејн.
Експертите кои разговараа со РСЕ понудија различни нефашистички модели кои фрлаат светлина врз Путиновата Русија и се можеби покорисни, делумно, бидејќи со себе носат помал историски багаж.
Историчарот од Оксфорд Брукс, Грифин, ја спомна Јапонија од времето на Втората светска војна, велејќи дека како и Русија на Путин, таа „имитира фашизам на многу начини, но не е фашистичка“. Наместо тоа, таа се „вооружи“ со феудалните традиции на Јапонија за да ги оствари империјалистичките амбиции.
Тој додаде дека продолжува да го гледа Путин во рамките на „нелибералната демократија“, заедно заедно со Виктор Орбан од Унгарија или Нарендра Моди од Индија. „Тие не бараат да го уништат претходниот систем, туку го издлабуваат и го користат“, рече тој.
Берман ја спореди Путиновата Русија со Германија пред Првата светска војна, која таа ја опиша како „ослабен режим“ кој одговори со промовирање на „вирулентен облик на национализам“ за да го всади во Германија стравот од домашните и странските „непријатели“.
„Ова е прилично стандарден трик во игротеката на диктатурата затоа што им треба некој начин да се оправдаат и покрај недостатокот на легитимитет што го нуди еден демократски систем или дури и идеологија како советскиот комунизам“, рече Берман, предупредувајќи дека прибегнувањето кон тој трик може да биде опасно, бидејќи таквиот национализам може „да го совлада постоечкиот политичар или постоечкиот тип на режим“.
Најдобрите споредби се наоѓаат дома, тврди Пејн. „Политичкиот систем на Путин е „повеќе оживување на кредото на царот Николај I во 19 век, кое ги нагласуваше „православието, автократијата и националноста“, отколку оној што наликува на револуционерните, модернизирани режими на Хитлер и Мусолини. Погледнете го Николај I или Петар Велики или Иван Грозни. Постои долга лоза на овие работи во руската историја. Не мора да се замарате со некој како Хитлер или Мусолини. “, заклучува Пејн.