На лондонскиот самит во НАТО македонски претставници ќе седнат на маса со лидерите на 29 земји членки на Алијансата. Во наредните неколку дена ќе се знае и кој ќе биде новиот македонски амбасадор и новиот македонски воен претставник во Брисел. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска по денешниот состанок со полковникот Зоран Јанкович претставник на канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, изјави дека до самитот на 3 декември ќе имаме избран воен претставник.
„ Врз база на состанокот со претседателот јас сум сигурна дека до лондонскиот самит ќе имаме избран воен претставник во НАТО, и тоа е сериозноста што како порака ја испраќаме во Алијансата. Нашите мисии се зајакнуваат – и во дипломатскиот и во одбранбениот дел. До крајот на годината се очекува да имаме и нови простории за нашата мисија, вели Шеќеринска.
Во делот на тоа што ќе биде потребно да се направи по формалното пристапување во Алијансата полковникот Јанкович вели дека веќе се преземаат сите потребни чекори.
„ Верувам дека веќе сте во чекор со тоа што треба да се направи, работите напорно за да ги исполните како што е програмата , но сите сме фокусирани сега на интеграцијата на сите ваши структури од министерството за надворешни работи и министерството за одбрана до воените сили за тоа да сите бидат најмногу што можат подготвени за полноправно членство во НАТО“ рече Јанкович.
Видете и ова: Македонскиот прием во НАТО чека на нова влада во Мадрид
Тој додаде дека на лондонскиот самит македонските претставници ќе седнат на иста маса со лидерите на НАТО, што е важен знак за посветеност и напорите, што се направени во изминатите две години од оваа Влада.
Шеќеринска смета дека тешката работа не завршува со формалното пристапување во Алијансата.
„Напротив во многу сфери ќе биде уште понапорно, но ќе биде подржано од 29 сојузници. НАТО Алијансата ни е добра платформа за да работиме и со нашите ЕУ сојузници. Така што она што ќе го работиме на НАТО план ќе ни даде дивидендата и во делот на нашите европски амбиции. Морам да кажам дека продолжувањето на реформите во делот на одбраната многу ќе зависи од законите што ни се во Собрание. До крајот на годината се надевам дека и законот за одбрана и законот за служба да бидат потврдени, бидејќи принципот еден за сите и сите за еден кој како нам како мала држава ни е многу важен, “ вели таа.
Видете и ова: Јанкович – Со лажни вести Русија и Кина сакаат да ве оддалечат од НАТО
Министерот за надворешни работи Никола Димитров кој присуствуваше на последниот подготвителен состанок во Владата изјави дека во МНР веќе е подготвен нацрт закон за прифаќање на Северноатланскиот договор во нашето Собрание со што и официјално Северна Македонија ќе стане 30. членка на НАТО. Од тоа, посочи Димитров, не дели само една ратификација – во Шпанија, што очекува наскоро да се случи.
„Сега кога сме на еден метар од членството ќе биде крајно несериозно ако политичките чинители кои учествуваат во постапката за именување на амбасадори не успеат да обезбедат постојан претставник на РСМ при НАТО. Тоа мораме да го завршиме и ќе го затвориме како прашање во смисла на функционалност и во смисла на сериозност. Ќе биде лош сигнал ако полноправното членство го дочекаме со вршител на работите. Овие денови треба да ја завршиме оваа работа и ќе испратиме човек со искуство и достојна тежина да ни ја претставува земјата,“изјави Димитров.