Ден откако во Македонија беше прогласена вонредна состојба со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, десет мобилни тимови кои бројат 35 лица, почнаа да ги посетуваат домовите на старите лица, на социјално-ранливите, на лицата во самоизолација, но и на оние кои се заразени од коронавирус на територија на град Скопје. Уште 35 волонтери се ,исто така, достапни доколку се појави потреба од тоа.
Постапката на добивање помош е едноставна. Лицата кои имаат потреба од храна, лекови и сл. се јавуваат на еден од телефонските броеви на ниво на општината. Веднаш потоа волонтерите од Црвениот крст ги земаат списокот и парите од семејството, одат да ги купат потребните намирници од најблискиот маркет или аптека и веднаш потоа им ги враќаат.
Видете и ова: Фросина Пармаковска: Верувам дека еден ден ќе бидеме „полуѓе“
Слободан Митиќ е вклучен во работата на волонтерите и ги координира мобилните тимови. Вели дека во просек се прават 30 посети дневно, а реакциите на граѓаните се позитивни“, раскажува Митиќ.
„Од страна на лицата на кои им помагаме добиваме најчесто голема благодарност. Во суштина тие добиваат документ во кој потпишуваат колку пари ни дале, а назад добиваат сметка и секако се известени дека купувањето ќе се изврши во најблискиот маркет. И засега добро функционира така, заради потребата од експедитивност и да се задоволат потребите на што поголем број граѓани во моментот“, вели Митиќ.
Волонтерите на Црвен крст претходно завршиле обуки за заштита, уште пред да се прогласи вонредната состојба, односно откако се појави првиот случај на коронавирус во земјата. Оние кои ги посетуваат заразените од коронавирус, не доаѓаат во допир со нив, односно пакетот со продукти го оставаат пред врата и на тој начин избегнуваат каков било контакт со заболените или заразените.
„Секој волонтер во рамки на тимовите е соодветно заштитен. Најчестите потреби се во однос на храна, подигање рецепти од матичните лекари и подигнување на лекови од аптеките. Многу од луѓето се јавуваат за да се информираат дополнително околу нашата услуга, а ние барем засега ги задоволуваме потребите на оние на кои сме им потребни“, раскажува Митиќ.
Видете и ова: Не правете домашни аптеки, лекови има доволно
Покрај мобилните тимови во Скопје, Црвениот крст има свои мобилни тимови во уште 26 општини ширум земјава. Бројот на волонтери таму е помал и е во согласност со големината на општината.
Сузана Тунева - Пауновска вели дека бројката на волонтери за време на мигрантската криза или кога беа поплавите во Стајковци била поголема од сегашната бројка на волонтери. Сега, кога се соочуваме со нешто непознато, може да се забележи страв кај лицата кои би волонтирале, вели таа.
„Во овој случај кога имаме ваков вид катастрофа, кога не го гледаме тоа што ја предизвикува најважно е лицата да се добро обучени. Бидејќи не може по секоја цена некој да прифати нешто, а притоа да има страв и несигурност. Има луѓе кои се пријавуваат, но правиме добра проценка. Од друга страна нашите оперативни процедури говорат дека во вакви услови треба со помал број на луѓе поефективно да ја завршуваме работата и да се прибираме дома, за да може да го спречиме ширењето на заразата“, вели Тунева-Пауновска.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пред две недели тимови на Црвениот крст почнаа и со дистрибуција на лекови во државите карантини, каде што во соработка со Министерството за здравство се доставува терапијата на хронично болните луѓе кои се наоѓаат во државен карантин.
Во меѓувреме, веќе се прави проценка за социјално-загрозените лица кои во овие услови не можат да заработуваат, како на пример: жени кои чистат по куќи, собираат пластика, надничари и др. Тука влегуваат ромските населби во Скопје но и во другите градови на кои ќе им бидат донирани пакети со храна и хигиенски средства.
Во последно време дури и во некои од станбените згради можат да се забележат и пораки од соседите кои ја нудат својата помош од купување и достава за постарите соседи и оние кои не можат да излезат од дома.
По порастот на регистрирани заболени од Ковид-19, претседателот на државата, Стево Пендаровски на 18 март прогласи вонредна состојба на територија на целата држава во траење од 30 дена, а на 21 март воведен е и полициска час почнувајќи од 21 часот до 6 часот наутро. Властите најавуваат и построги мерки, доколку е потребно.
Претходно пак откако повеќе случаи беа регистрирани во Дебар и во Центар Жупа, властите на 13 март воведоа кризна состојба во тој регион, со што е забранет влез и излез од овие општини, а се воведува посебен режим на движење на граѓаните внатре во општините.