Додека некои земји, како Јужна Кореја, го пофалија користењето на широко распространето тестирање на населението за задржување на коронавирусот, други се сопнаа. Тука спаѓаат Италија и Шпанија, двете најтешко погодени земји, како и САД.
Како се прават тестовите?
Во моментов се користат два теста. Помалку познатиот вклучува земање крв и потоа тестирање за антитела на коронавирусот.
Антителата се протеини во телото на едно лице кои се активираат како одговор на болеста, било да е бактериска – пневмонија или вирусна, како што е грипот.
Тестовите базирани врз антитела, познати и како серолошки тестови, утврдуваат дали некое лице имало одредено заболување.
Тоа обично се случува само неколку дена откако некое лице е заразено, без разлика дали покажува симптоми.
Ова ги прави овие тестови помалку ефкасни за идентификување на случаи кога времето е од суштинско значење, односно кога некоја болест се шири брзо.
Од таа причина, најважниот тест во моментот за коронавирусот е оној вториот со брис од носот.
Комплетите за тестови дистрибуирани од Светската здравствена организација или американските центри за контрола и превенција на болести и го користат овој метод.
Тестот се спроведува со вметнување стапче со памук во носот, сè додека не го достигне задниот дел од горниот дел на грлото. За повеќето луѓе, тоа е дефинитивно непријатно чувство.
Со микроскопски клетки прикачени на врвот на памукот, стапчето се става во шишенце за чување и се транспортира во лабораторија. Таму работниците спроведуваат молекуларен тест кој бара фрагменти од геномот на коронавирусот. Ако вирусот е присутен во големи количини, тој брзо може да се открие.
Зошто тестирањето за коронавирус е толку важно?
Една од причините зошто коронавирусот може да се шири брзо и далеку е тоа што можете да го имате вирусот неколку дена без да покажете никакви симптоми - и за тоа време, вие не знаете дека го пренесувате вирусот на повеќе други луѓе.
Проблемот е што коронавирусот е толку нов и се шири толкуу брзо, што нема доволно тестови, а ни доволно места за да се проверат тестовите. Експлозијата на случаи - во Италија, во Шпанија, во Британија, во Соединетите држави - брзо ја намали можноста здравствените системи на тие земји да вршат тестови. А тоа не ги зема предвид земјите чии системи за јавно здравје беа неподготвени: на пример, Иран.
„Еден од проблемите што го имаме со овој посебен вирус е дека сè уште немаме начин на набљудување за да знаеме кој е заразен, а кој не“, вели Ендрју Престон, професор по биологија и биохемија на Универзитет Бат, во Англија. „Значи, не можеме да се потпреме само врз симптомите, затоа што треба малку време за тие симптоми да почнат да се покажуваат”, вели тој во интервју за Радио Слободна Европа.
Епидемиолозите и медицинските експерти велат дека недостатокот на брзо, распространето тестирање ги спречува напорите на некои земји.
Зошто некои земји можат да го направат тоа брзо, додека други не?
Иако се смета за многу прецизен, тестот со брис од нос трае извесно време: од моментот кога е земен брисот, до моментот кога лабораторијата може да го направи тестот, а потоа да се извести лицето за резултатите од тестот. И тоа е под најдобри околности.
Некои земји се залагаа да ги забрзаат протоколите за тестирање и тоа на места каде што луѓето можат да бидат тестирани додека седат во нивните автомобили.
Јужна Кореја успешно го искористи системот на телефонски говорници: Луѓето влегуваат во стаклени штандови и се тестираат брзо и безбедно. Ова исто така ја минимизира можноста медицинскиот работник да биде заразен при спроведување на тестот.
Јужна Кореја има искуство од претходната епидемија на САРС, респираторно заболување кое исто така се појави во Кина во раните 2000-ти. Оваа болест, според СЗО, зарази помалку од 8.500 луѓе ширум светот и убила околу 774 лица.
Со голем, добро финансиран, современ здравствен систем и некои од најдобрите светски медицински универзитети, Соединетите држави требаше да бидат во добра позиција да тестираат брзо и широко. Тоа не се случи од најразлични причини, велат експертите, вклучително и регулаторните одложувања и измешаните пораки за обемот на проблемот од Белата куќа.
„Тестирањето е најголемиот проблем со кој се соочуваме“, вели Питер Славин, претседател на општата болница во Масачусетс во Бостон.
„Работата е тоа што одеднаш можете да отидете од стотици тестови за време на нормални ситуации, во правење на десетици илјади, па дури и стотици илјади тестови за една недела. Мислам дека тоа е тешко“, вели Престон за РСЕ/РЛ.
Неколку приватни компании ширум светот, во меѓувреме, брзаат да го намалат времето потребно за да се добие вистинскиот лабораториски резултат.
Американската компанија „Абот“ во минатата недела доби регулаторно одобрение за систем за тестирање на коронавирусот кој може да каже дали некој е заразен за пет минути. Системот е исто така мал и преносен.
Швајцарскиот фармацевтски гигант “Рош” исто така во минатата недела доби американско одобрение за тест кој дава резултати за три часа.
Но, неправилното тестирање исто така е проблем.
Шпанија, Грузија и Турција се меѓу државите кои добиле тест за коронавирус од кинеска компанија, но подоцна откриле дека тестовите биле неисправни.
„Има огромни прашања што се поставуваат на кое ниво сме подготвени да се заштитиме“, вели Престон, додавајќи. „Затоа, мислам дека треба да ја преиспитаме нашата глобална инфраструктура за справување со пандемии. Го предвидувавме ова толку многу години и во голем степен имавме еден вид теоретска вежба, но јасно е дека тоа сега веќе не е вежба“.