Бизнисменот Силјан Мицевски парите не ги префрлил на сметката на „Меѓународниот сојуз“, туку на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, потврдуваат од Финансиската полиција за РСЕ. Мицевски откако по втор пат даваше исказ во обвинителството за случајот „Рекет“ изјави дека парите во износ од 720 илјади евра не и ги уплатил на Тодоровска, туку на невладината организација. Во меѓувреме УЈП врши контрола на неговата фирма „Пелистер“, како и на фирмата „Дрим Билдинг“ на бизнисменот Ардијан Амзоски, кој за прв пат пред некој ден даваше исказ во обвинителството.
„Од извршените проверки утврдено е дека паричните средства се префрлени на сметка на Македонска Авторска Агенција ДОО Скопје како што било договорено со склучениот Преддоговор и Договор помеѓу Пелистер ДОО Битола и Меѓународниот Сојуз Скопје, истото е направено согласно фактура издадена од страна на Македонска Авторска Агенција ДОО Скопје до правниот субјект Пелистер ДОО Битола каде е назначено дека паричните средства ќе бидат префрлени на лицето Лилјана Тодоровска координатор на проектот Европски комплекс за возрасни лица и мобилен сервис на територија на Општина Охрид и Европски центар за стари лица и мобилен сервис на територија на Општина Битола“, наведуваат од Финансиска полиција.
Видете и ова: Бизнисмени тврдат не биле рекетирани, но ги бараат парите назад
И двајцата бизнисмени тврдат дека пари не биле изнудувани од нив, туку им се допаѓала идејата за бизнис на осомничениот Бојан Јовановски. И Мицевски и Амзоски, кој на Меѓународен сојуз му исплатил околу 230 илјади евра најавија дека ќе си ги бараат парите назад. Од УЈП не откриваат детали и соопштуваат дека во случајот“Рекет”, постапуваат согласно позитивните законски прописи.
„УЈП самостојно врши контрола во фирмите коишто се посочени во овој случај со цел проверка на даночното работење на фирмите, а од неодамна контролите се проширија и на други фирми со цел испитување на деловните односи во врска со склучени договори за соработка. Зависно од резултатите од досегашните контроли, ќе се утврдува евентуално натамошно проширување на контролите“, велат од институцијата.
Сомнежите дека двајцата бизнисмени биле рекетирани произлегоа од сведочењето на Камчев кој го пријави „Рекет“, откако на Јовановски му исплатил милион и пол евра за да не биде гонет од СЈО за случајот „Империја“. Се уште не се знае каде завршиле речиси милион евра од Мицевски и Амзоски, како и парите на Камчев.
Јовановски на кој судот му го продолжи притворот на уште 30 дена во средината на август се уште не е повикан на распит пред обвинителката, Вилма Русковска која ја води истрагата.
„Кога ќе оценам дека треба да го повикам, тогаш“, неодамна изјави Русковска.
За разлика од Јовановски, Зоран Милевски беше на распит пред да биде приведена шефицата на СЈО, Катица Јанева. По бизнисмените на ред дојдоа и политичарите, па така пред Русковска исказ даваше пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски за нејзината улога како почесен претседател во „Меѓународниот сојуз“. По неа беше повикан и нејзиниот колега од собраниските клупи, Александар Кирацовски, кој претходно изјави дека не можел да претпостави што прави неговиот познаник Јовановски.