Русија се закани дека ќе ги засили нападите во Украина, откако британската влада објави дека ќе ѝ обезбеди на Украина муниција, за која Москва лажно тврди дека има нуклеарни компоненти, пишува новинската агенција Асошиејтед прес (АП).
Видете и ова: Бугарски експлозии, руски агенти и војната против УкраинаБританското Министерство за одбрана во понеделникот потврди дека ќе ѝ обезбеди на Украина противоклопна муниција која содржи осиромашен ураниум.
Таквата муниција беше развиена од Соединетите Американски Држави за време на Студената војна за уништување на советските текови, вклучително и некои типови на тенкот Т-72 со кои Украина се соочува додека се обидува да излезе од ќор-сокакот на истокот на земјата.
Осиромашениот ураниум е нуспроизвод во процесот за збогатување ураниум потребен за изработка на нуклеарно оружје. Муницијата задржува некои радиоактивни својства, но тие не може да поттикнат нуклеарна реакција како нуклеарното оружје, вели Едвард Гајст, нуклеарен експерт и истражувач на политики во институтот РАНД.
Тоа не ја спречи Русија остро да предупреди дека таквата муниција го отвора патот за понатамошна ескалација. Во минатото, тие сугерираа дека војната може да ескалира до ниво да се употреби нуклеарно оружје.
И британското Министерство и Белата куќа ги отфрлија руските обвинувања. Но, таквата муниција носи ризици, и покрај тоа што не е нуклеарно оружје.
Што е осиромашен ураниум?
Осиромашениот ураниум е нуспроизвод во процесот на создавање на пореткиот збогатен ураниум кој се користи во нуклеарните горива и оружја. Иако со многу помала моќ од збогатениот ураниум и без способност да создаде нуклеарна реакција, осиромашениот ураниум е исклучително густ, погуст и од олово, квалитет што го прави многу привлечен за изработка на муниција.
Видете и ова: Први тужби поради болести предизвикани од НАТО бомбардирањето на Србија„Толку е густ и има толку голема брзина што само продолжува да се движи низ оклопот, и го загрева толку многу што се запалува“, вели Гејст.
Кога ќе се испука, муницијата со осиромашен ураниум станува „во суштина егзотична метална стрела истрелана со извонредно голема брзина“, вели вишиот одбранбен аналитичар од институтот РАНД Скот Бостон.
Во 1970-тите, американската армија почна да произведува противоклопни куршуми со осиромашен ураниум и да го користи за композитни тенковски оклопи за да ја зајакне нивната заштита. Осиромашен ураниум е додаден и во муницијата на воениот авион за блиска воздушна поддршка А-10, познат како убиец на тенкови. Американската армија сè уште развива муниција со осиромашен ураниум, особено противоклопните тенковски гранати за тенковите М1А2 Абрамс, вели Бостон.
Портпаролот на Пентагон, потполковник Гарон Гарн за АП изјави дека „Министерството за одбрана набавува, складира и користи муниција со осиромашен ураниум неколку децении, со оглед дека се работи за долгогодишен елемент на некои типови конвенционална муниција“.
Оваа муниција „ги спаси животите на многу војници во борбите“, вели Гарн, додавајќи дека „и други држави долго време поседуваат муниција со осиромашен ураниум, вклучително и Русија“.
Тој не сакаше да зборува дали тенковите Абрамс што се подготвуваат да бидат испратени во Украина ќе имаат модифициран оклоп кој содржи осиромашен ураниум, повикувајќи се на оперативна безбедност.
Што рече Русија?
Претседателот Владимир Путин во вторникот предупреди дека Москва „соодветно ќе одговори, имајќи предвид дека колективниот Запад почнува да користи оружје со нуклеарна компонента“.
Видете и ова: Британија забрани извоз на производи што Русија ги користи на бојното полеБританците го „изгубија компасот“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, предупредувајќи дека ваквата муниција е „чекор кон забрзување на ескалацијата“.
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека најавата е „уште еден чекор, а нема преостанато уште многу“.
Белата куќа ги отфрли тврдењата на Русија како дезинформации.
„Не правете грешка, ова е уште едно страшило преку кое Русите сакаат да создадат раздор“, рече портпаролот на американскиот Национален совет за безбедност Џон Кирби.
Русија исто така има муниција со осиромашен ураниум и едноставно не сака и Украина да го има, изјави претставник на Белата куќа, кој не е овластен да го коментира ова прашање и сакаше да остане анонимен.
Прес-секретарот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер во понеделникот изјави дека, според неговите сознанија, Соединетите Американски Држави не испраќаат муниција со осиромашен ураниум од сопствениот арсенал во Украина.
Не е бомба, но сè уште е ризик
Иако муницијата со осиромашен ураниум не се смета за нуклеарно оружје, нејзината емисија на ниски нивоа на радијација ја поттикна Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да ОН да повика на претпазливост при употреба и предупреди на можните опасности од изложеност.
Ракувањето со таква муниција „треба да се сведе на минимум и да се носи заштитна облека (ракавици)“, предупредува МААЕ, додавајќи дека можеби е потреба кампања за информирање на јавноста за да се осигура дека луѓето ќе избегнуваат ракување со проектилите.
„Ова треба да биде дел од секоја проценка на ризик и таквите мерки на претпазливост треба да зависат од обемот и бројот на муниција што се користи во одредена област“.
МААЕ забележува дека осиромашениот ураниум главно е отровна хемикалија. Честичките во аеросолите може да се вдишат или проголтаат, и додека најголемиот дел ќе бидат исфрлени, дел може да влезат во крвотокот и да предизвикаат оштетување на бубрезите.
„Високите концентрации во бубрезите може да предизвикаат оштетувања и во екстремни случаи откажување на бубрезите“, соопшти МААЕ.
Ниското ниво на радиоактивност на муницијата со осиромашен ураниум е „недостиг, а не карактеристика“ на муницијата, вели Гејст. Според него, ако американската војска може да најде друг материјал со иста густина, но без радиоактивност, најверојатно ќе го користи тој место осиромашениот ураниум.
Муниција со осиромашен ураниум беше користена во Заливската војна во 1991 година против ирачките тенкови Т-72, и повторно во инвазијата во 2003 година, исто како и во Србија и Косово. Американски воени ветерани од овие конфликти прашуваат дали употребата на таквата муниција довела до болестите со кои сега се соочуваат.
Претседателот на Долниот дом на рускиот Парламент Вјачеслав Володин рече дека испораката на муниција со осиромашен ураниум може да доведе до „трагедија на глобално ниво, која првенствено ќе ги погоди европските земји“.
Тој рече дека употребата на таква американска муниција во поранешна Југославија и во Ирак доведоа до „радиоактивна контаминација и нагло зголемување на онколошки болести“.
Извор: АП