Училиштата губат наставници заради партизација и мали плати

Илустрација

Студенти од завршна година на факултети се бараат за да се пополни недостигот од наставен кадар по математика, или пак еден наставник мора да предава и по неколку предмети. Образованието импровизира додека факултетите остануваат без студенти кои се заинтересирани за наставничката работа.

Учениците од шесто и седмо одделение во О.У. „Аврам Писевски“ во Скопје од почетокот на учебната година немаат настава по математика, бидејќи училиштето со месеци не може да најде наставник по овој предмет.

Откако претходната наставничка заминала на породилно отсуство уште во април, училиштето се обидува, но не може да најде замена.

На огласите за вработување не се јавува никој, а другата вработена наставничка по математика, освен овој предмет веќе предава и физика и фондот на часови и е целосно пополнет.

Во меѓувреме, учениците часовите по математика ги пополнуваат со други наставни содржини. Двете деца на поп-пејачката Адријана Јаневска одат во ова училиште и таа за РСЕ кажува како се снаоѓаат.

„Во моментов немаат настава по математика, тоа време што е предвидено за часот по математика се пополнува со други наставни содржини и предмети, но математика немаат. Јас се надевам дека во скоро време ќе се најде некое решение“, вели Андријана Јаневска, која е и претседател на Советот на родители.

Јаневска додава дека родителите заедно со менаџментот на училиштето се обидуваат да најдат решение. Пробуваат да најдат и студенти од завршна година од факултетите кои би го предавале предметот, но одзив нема дури и од нив.

„Ние заедно со директорката пробуваме да најдеме разни законски начини за децата да не губат настава, но тоа е невозможно затоа што ова е системски проблем кој со години се провлекува и едноставно и самите сме свесни дека има недостаток од овој кадар. На студиите на Природно математичкиот факултет (ПМФ) нема доволен број студенти и по автоматизам како што поминува времето се подразбира дека ќе нема кадар. Во последно време се предлага да може да предава и некој студент од техничките факултети. Се надевам дека ќе се најде некое решение““, додава Јаневска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како да учиме од парталави учебници?

Проблемот не е само во ова училиште. Недостиг од наставен кадар особено по предметите математика, физика и хемија има и во многу други училишта.

Директорот на основното училиште „Саид Најдени“ во Дебар вели дека често пати еден наставник мора да предава и по неколку предмети за да се пополни „дупката“ во образовниот процес.

„Еден наставник има поголем фонд на часови и ако немаме друг избор ги вклучуваме наставниците по физика и хемија бидејќи тие имаат знаења за математиката. Секако дека тоа е оптоварување за наставникот, но разбираат дека сме принудени тоа да го правиме“, вели директорот Казиу.

Огласи за вработување има - никој не се пријавува

Во Агенцијата за вработување (АВРМ) има десетици огласи за вработување на наставници кои се отворени.

Се бараат наставници по математика, физика, информатика и физичко образование најчесто во основните училишта.

Основната плата во некои училишта е 18.000 денари, а во други 24.761 денари.

Математичарите не се заинтересирани да работат како наставници

На природно математичкиот факултет (ПМФ) со години наназад бројот на студенти кои се запишуваат на наставните програми на математика, физика и хемија е мал, а трендот останува непроменет.

Бројката на студенти со сигурност укажува дека професијата наставник не е атрактивна за младите, смета деканот на ПМФ, проф. Александар Скепаровски.

Особено драстично опаѓа бројот на студенти кои се запишуваат на студиските програми од каде потоа се регрутира наставниот кадар по математика и физика во основните училишта. Од 2020-та година навака на овие студии се запишува само по еден студент.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Скепаровски: Професијата наставник е незаслужено девалвирана

„Мојот впечаток е дека станува збор за јавната перцепција на таа професија наставник, која во моментов во нашето општество е девалвирана и дека главно луѓето кои што можеби имаат афинтет или талент за овие науки тие попрво би се ориентирале кон некакви применети аспекти на овие науки отколку да бидат наставници. Низ годиниве професијата наставник изгуби од својата атрактивност, за што има многу причини“, вели деканот на ПМФ, Александар Скепаровски.

Една од причините според него е тоа што постигнувањето на успесите на наставниците и учениците не се вести од интерес за јавноста за да се профилира наставникот како значајна функција во општеството, но влијанието го гледа и во работните услови.

Еден од факторите според деканот е и тоа што во Македониија нема традиција на внатрешна миграција, односно граѓаните не сакаат да мигрираат во други градови или општини туку сакаат да работат во близина на своето место на живеење.

„Ако немате наставник во Гевгелија вие немате каде на друго место да го барате освен во Гевгелија или околните места“, ова вели деканот го покажуваат искуствата досега.

Дополнително објаснува дека има простор за промени и во законските регулативи, бидејќи сега студентите кои завршуваат студии се профилирани да работат како наставници само во основното образование.

„Кога ќе завршите математика, физика вие сте профилиран и устручен да бидете наставник само во основно образование и толку, не можете да предавате во средно. Можеби во тие законски регулативи се потребни измени за да може да се агрегира поголем број на луѓе кои што потоа подоцна малку во животот би одлучувале што точно би сакале, на пример во други земји сите завршуваат физика, математика, а откако ќе завршат студии тие што сакаат да работат во образование имаат педагошки доквалификации значи се доквалификуваат за да станат наставници“, објаснува деканот и додава дека е ова е долгогодишен проблем кој сега резултира со недостиг од кадар.

Видете и ова: Универзитетски професори на протест, доцент има помала плата од просечната

Лошата положба на просветните работници една од причините за ваквите состојби

Лошата положба на просветните работници во општеството, но и партизираноста во образованието се дел од причините за ваквите состојби, што ги одвраќаат младите од оваа професија.

Ова според претседателот на Независниот синдикат за образование и наука Томислав Гиевски е проблемот кој со години наназад се провлекува и предупредува дека допрва образованието ќе се соочува со уште поголем недостиг од наставен кадар.

„Во оние места каде што несоодветен кадар предава наставни предмети првично ако е некој од сродните предмети квалитетот е помалку намален но ако предава целосно несоодветно лице без факултет, а има и такви случаи тогаш секако дека и квалитетот на наставата драстично се намалува и условно кажано тие лица тука се само за да пополнат место да воведат ред и дисциплина на часот, но мало е знаењето кое може да го пренесат на учениците“, вели Гиевски.
МОН се надева дека постепено ќе се средат состојбите

Министерството за образование и наука (МОН) воопшто нема анализа дали и колку наставници во кои делови од земјава недостигаат.

Но, признаваат дека дефицит има и тоа долги години наназад. Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високо образовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој секако, кога – тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи, ова е објаснувањето на ресорното министерство.

Видете и ова: Пандемија, онлајн, па штрајк - учениците изгубија навика за учење


Сепак, дали и што ќе преземат за да ги решат проблемите, нема конкретен одговор. Велат дека веќе се нудат високи највисоки стипендии за студентите кои студираат природни науки, па се надеваат дека постепено ќе се обезбеди оптимален број на наставници по овие предмети кои ќе ги задоволи потребите на училиштата.

„Затоа работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата која ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади меѓу кои и за математика, физика, хемија. Неодамна е отворена и специјализирана Математичка гимназија каде се запишуваат исклучително талентирани ученици од овие области“, додаваат од МОН.

Решението е достоинствено вреднување на трудот на просветните работници

Додека дражавата чека да се подобрат состојбите, училиштата остануваат без наставен кадар, што влијае и на квалитетот на наставата и образованието, вели Гиевски од независниот синдикат на образование.

„Решението е достоинствено вреднување на трудот на просветните работници која што нема да биде пониска од републичкиот просек. Како во соседството што го имаат решено поблемот ние не смееме да се ставиме во позиција просветниот работник да биде платен со плата, која е пониска од републичкиот просек“, порачува Гиевски и додава дека освен тоа и партизацијата која што е рак рана во изминативе 30 години е рефлексија на она што се случува сега во секторот.

Незадоволството кај наставниците од условите во кои работат кулминираше минатата учебна година кога три недели фелата штрајкуваше поради што беше прекината наставата во сите училишта низ земјава.

На крај беше постигнат договор со Владата за покачување на платите за 15% од оваа учебна година.