И четири месеци од почетокот на руската воена инвазија во Украина, Македонија не направи чекори за олеснување на животот на украинските бегалци кои со месеци престојуваат во земјава. Отсуството на информации, но и неизвесноста ако побараат азил во земјава како засега единствен начин за поголеми права и стекнување бегалски статус во Македонија, ги тера луѓето сами да се снаоѓаат како знаат и умеат. Така, тие со месеци живеат надвор од системот, кој на нив гледа како на туристи кои тука можат да престојуваат до три месеци, па дел од нив преживуваат со помош на хуманоста на граѓаните.
Земјава со оглед на оддалеченоста од Украина не беше на патот на украинските бегалци. Оние кои стигнаа тука беа главно пријатели или роднини на нашинци, или пак лица кои имаат средства, работат онлајн, па можат да си платат сместување и трошоци за живот во Македонија.
Тамила Велковска е Украинка која 25 години живее во Скопје, а сега е ангажирана и во здружението „Лесја Украинка“ преку кое Украинци од Македонија им помагаат на своите сограѓани што побегнале од војната. Меѓу нив се и нивните роднини кои дошле тука поради војната, но и луѓе со кои првпат се запознале бидејќи животот ја ставил Македонија на нивната мапа за бегство. На почетокот вели никој не верувал дека војната долго ќе трае, а желбата кај сите била за неколку недели да се вратат дома. Но, четири месеци подоцна, проблемите се зголемуваат.
Видете и ова: Село Негорци стана привремен дом за семејство од Харкив„Има веќе случаи на луѓе кои дошле, ги потрошиле парите кои ги имале со себе и биле принудени да заминат во земји каде што се нуди подобра социјална заштита. Познавам неколку семејства на кои им помогнавме да се преместат. Се е убаво и прекрасно , но ако немаш извор на егзистенција не може да преживееш“, вели Велковска.
Објаснува дека украинските бегалци во Македонија не смеат да работат. Нивните деца не ги примаат во градинка или на училиште. Се поголем проблем станува немањето здравственото осигурување.
„Тие случаи кои се јавиле ние се обидуваме да ги решиме преку Црвениот крст. Меѓутоа генералното прашање не е решено и би сакале на тоа да работиме затоа што повеќе од очигледно е дека ќе потрае ситуацијава, не е за месец дена прашањето. Има и деца, има и возрасни, има трудници, за кои треба тоа да биде решено. Генерално прашањето на здравствената заштита не е решено и многу ни е важно тоа“, раскажува Велковска, споменувајќи ги само најгорливите проблеми.
Официјално нема бегалци, неофицијално - над 1000
Државата се уште нема конкретна бројка колку Украинци се дојдени тука како бегалци од почетокот на руската инвазија. Официјално, нема ниту еден. Една евиденција води Црвениот крст, каде се регистрирале 307 Украинци кои побарале помош од оваа организација. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, пак, во периодот од почетокот на инвазијата, па се до минатата недела вкупно 7705 лица од Украина влегле на македонска територија, а 6620 лица излегле оттука. Според овие бројки, излегува дека тука останале најмалку 1000 лица од земјата во која повеќе од четири месеци се води војна.
Како туристи тие смеат да останат тука само три месеци, а ако сакаат подолго, најчесто бараат дозвола за привремен престој од хуманитарни причини според Законот за странци, со која тука можат да останат една година. Сепак со ваков документ не стекнуваат право на помош од државата. Според статистиката на МВР, ваков привремен престој во Македонија од почетокот на војната добило 201 лице од Украина. Само во последните 10 дена биле дадени 22 вакви документи.
Притоа било поднесено само едно барање за признавање азил, на мајка со 3 малолетни деца. Сепак, брзо по поднесување на барањето таа го повлекла барањето и се откажала од постапката, информираат од МВР.
Оние кои бараат азил во Македонија државата ги зема под своја закрила, обезбедувајќи им сместување и храна, а ако барањето биде решено позитивно и добијат бегалски статус, тогаш ги добиваат скоро сите права кои ги имаат и македонските граѓани.
„Пречката за барањето азил е тоа што постапката трае долго, може да трае повеќе од 6 месеци, при што органот што ја води постапката ги задржува докуменнтите и овие лица практично ќе се чувствуваат несигурно доколку останат без своите документи, а се јави потреба да ја напуштат државата“, појаснува заменик народниот правобранител, Јован Андоновски кој со години ги следи случувањата поврзани со бегалците во Македонија.
Потврда за ова е искуството од минатите бегалски кризи, посебно сириската, која покажа дека дури и кога аплицираат, само малкумина успеваа да ја добијат ваквата заштита во Македонија. Така, во изминатите десет години биле поднесени над 6000 барања за азил во земјава, од кои статус на признаен бегалец добиле 15 лица, а азил заради субсидијарна заштита 14 лица.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Андоновски вели дека мора да им се излезе во пресрет на луѓето кои избегале од војна. Раскажува дека и самиот деновиве бил сведок на случај кога 16-годишно девојче кое со својата мајка избегало од Киев во Скопје, не знае што да прави понатаму со образованието затоа што треба да се запишува во средно. Пред неколку недели, додава, граѓани се организирале за да платат за породување на Украинка во Македонија, бидејќи немала здравствено осигурување. Ваквите пропусти за него се недозволиви.
„Можеби на почетокот прашањето не делуваше толку сериозно затоа што веројатно се претпоставуваше дека конфликтот ќе трае многу пократко и дека лицата ќе можат да се вратат во својата татковина. Но како што изминува времето станува се поочигледно дека конфликтот ќе трае, агресијата продолжува на дневна основа и прашање е дали воопшто некои од овие лица ќе можат да се вратат во својата држава“, вели Андоновски.
Курс по македонски за Украинците во земјава
Европската комисија, со цел да се олесни животот на украинските бегалци и бирократијата околу документите, непосредно по почетокот на војната донесе Директивата за привремена заштита на украинските бегалци. Со неа се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование во земјите од ЕУ. Важи за сите граѓани на Украина како и членовите на нивните семејства во следните три години.
Од македонската Влада засега нема најави дека се планира нешто слично и кај нас. За РСЕ оттаму повторуваат дека граѓаните од Украина и Северна Македонија според договорот можат да патуваат без визи и да престојуваат до 90 дена, а украинските граѓани кои се затекнале кај нас пред почетокот на војната и не можат да се вратат назад, може да добијат привремен престој по хуманитарни основи, согласно Законот за странци.
„Пристапот до одредени права на странците во Република Северна Македонија е тесно поврзан со соодветниот статус кој го имаат во државата и начинот на кој го регулирале својот престој. Според законските одредби, лицата од Украина можат да добијат статус на лице бегалец или статус на лице под супсидијарна заштита, во зависност од проценката по спроведеното интервју, но такви барања нема, односно и единственото барање е повлечено“, велат од Владата.
Андоновски пак вели дека за работите како што се пристап до градинка, или здравствено осигурување е доволно да се донесе само одлука на Влада, со што значително ќе се олесни животот на многу Украинци, чиј број се очекува дека ќе расне во земјава. Ваквите најави ги темели на одлуката на соседна Бугарија, каде од почетокот на руската инвазија пристигнаа скоро 300 000 Украинци, од кои една третина добија привремена заштита и сместување од државата. Сепак поради почетокот на туристичката сезона, голем дел од луѓето сместени на приморјето деновиве ќе бидат преселени во внатрешноста на земјата. За Андоновски нема да биде изненадување ако дел од нив решат да дојдат во Македонија.
Во меѓувреме, луѓето во Македонија зависат од хуманоста на македонските граѓани и организации. Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити соопшти дека имаат обезбедено финансии за грижа за основните потреби преку Меѓународниот црвен крст.
„Грижата за нив (бегалците) ќе биде комплетна до крајот на летото со тие средства што ги имаме обезбедено, доколку остане овој број“, изјави вчера Саити, пред испраќањето на хуманитарната помош од Македонија наменета за Украина.
Новина е и курсот по македонски јазик за украинските бегалци, кој започнува од 1 јуни. Како што информираа од Црвениот крст, досега на него се пријавени 37 лица од кои 20 деца и 17 возрасни во Скопје. Идејата е подоцна да се вклучат онлајн и украинските бегалци кои се сместени надвор од главниот град. Како што забележува Тамила Велковска, од „Лесја Украинка“, учењето јазик е неопходно ако сакаме овие луѓе да функционираат во македонското општество.
Руската воена операција во Украина почна на 24 февруари. Оттогаш над 6,8 милиони луѓе, главно жени и деца ја напуштија земјата.