Кога неколку дена по почетокот на руското бомбардирање на Харкив, Стојана Семенова отишла да купи векна леб во блискиот супермаркет, дома се вратила целата во крв. Бомба експлодирала веднаш до неа од која загинал еден студент. Вели дека и самата не знае како останала неповредена, но тогаш донела одлука - да замине од родниот град.
„Кога ќе погледнев во син ми сфатив дека можеби нема да видам како расте. Тоа беше моментот кога се почуствував очајно, очајно бидејќи не можам да издржам да го заштитам, и таа мисла ме полудуваше. И сфатив дека никогаш нема да си простам себе си ако нешто му се случи нему, само затоа што не го изнесов од Харкив. Немаше да можам да живеам со тоа“, вели Стојана.
Планот бил прво да останат во градот Чернивци, во западна Украина, но бидејќи војната се вжештувала, изборот паднал на Македонија. Пресудни биле нејзините македонски корени. Нејзиниот дедо, татко на мајка и, бил роден во селото Серменин близу Негорци, каде и ден денешен има многу роднини. Ова било трет пат како доаѓа во земјава. Првиот пат како дете, потоа со нејзиниот тогаш нов сопруг, и сега, бегајќи од војна.
Освен неа и нејзиниот деветгодишен син, во Негорци допатувале и нејзината мајка и уште четири роднини од Украина. Сите жени. Мажите останале во Украина бидејќи поради војната немале дозвола за излез од земјата. Со себе зеле само најосновни работи. И книги за синот.
„Бесот и лутината беа на почетокот, поради стравот, големиот страв. Сега кога ќе погледнам на Фејсбук, кога читам сум под стрес и лута. Ама покрај овие чувства секако имам празнина во себе. Апсолутно неразбирање како можеше ова да се случи. Искрено ви кажувам дека имам денови кога мислам - боже, мора да се разбудам во оваа ужасна реалност и не сакам да се разбудам. Сакам да спијам се додека ова не заврши“, вели Стојана.
Во Македонија роднините ги пречекале со широко срце. По првичниот шок, морале да се соземат и да продолжат напред. Во надеж дека војната брзо ќе заврши решиле да не бараат статус на бегалци. Како професорки по англиски јазик, Стојана и нејзината мајка Валентина Семенова започнале од Негорци да држат онлајн часови на нивните украински ученици и да живеат од тоа. Помогнала и пензијата на нејзината мајка.
„Не сакав да земам статус на бегалец, а немавме ни многу пари со нас, само минимално. Бев апсолутно шокирана. Морав да смислам како да обезбедам за живот за мене и синот. Тие бараа поддршка и велеа дека англискиот им помогнал да не мислат постојано на тешкотиите и војната во Украина“, вели Стојана.
Нивниот престој во земјава е ограничен на три месеци. Нема да го продолжат бидејќи планот им е пред истекот на рокот да заминат назад во Украина. Половина од родинините со кои дошле во Македонија веќе се вратиле во западните делови на земјата, каде е многу побезбедно отколку во Харкив, еден од најпогодените градови во војната.
Мајката на Стојана, Валентина Семенова, вели дека има конкретен план.
„Стојана само 3 месеци може да остане тука. Ама и не сакаме повеќе. Најдоцна на крајот на мај се враќаме во Украина, во Чернивци. Таму ќе видиме каква е ситуацијата. Сега и јас предавам, и ќерка ми предава, значи имаме нешто за храна и ако одиме назад во Черновци ќе бараме стан и ќе живееме таму од јуни. И ако прекине бомбардирањето и нешто потпишат, одма одиме во Харкив“, на македонски јазик со гевгелиски дијалект објаснува Валентина.
Украинци има во Македонија, ама не и бегалци
Руската воена инвазија врз Украина започна на 24 февруари. Оттогаш во земјава влегле 3887 украински државјани, а излегле 2983 украински државјани, покажува статистиката на Министерството за внатрешни работи. Ова е вкупниот број на евидентирани патници, каде спаѓаат и камионџии, бизнисмени, туристи... Во оваа бројка од околу 900 Украинци кои се во земјава е и семејството на Стојана. Од нив досега само 200 лица побарале помош од Црвениот крст кој ги евидентира и им дава пакети со храна, облека и хигиенски материјали.
Нема информации за Украинци кои побарале азил во земјава, постапка со која тие можат да добијат статус на бегалец и далеку поголеми права. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во прифатниот центар за баратели на азил во моментов нема сместено ниту едно лице со потекло од Украина.
„Сетот на пристап до одредени права на странски државјани зависи од нивниот статус кој го имаат во државата. Лицата кои се стекнале со право на “бегалец“ или “лице под супсидијарна заштита“ имаат пристап до правата од социјална и здравствена заштита идентично како и македонските граѓани, како и непречен пристап до пазарот на труд и до образовниот систем“, појаснуваат од ова Министерство.
Оттука, најголем дел од украинските државјани во земјава имаат дозвола за престој од 90 дена. Од МВР појаснуваат дека согласно Законот за странци, тие може да добијат дозвола за привремен престој по основ хуманитарни причини, за период од најмногу една година, која може да се продолжува додека постојат хуманитарни причини. Не откриваат колку лица од Украина досега добиле ваква дозвола,
„Во изминатиот период, констатираме дека најголемиот дел од нив прво го користат дозволениот краткорочен престој, а потоа пристапуваат кон постапката за регулирање привремен престој по споменатиот основ“, велат од МВР.
Сепак, со овој документ лицата кои избегале од војната во Украина во Македонија добиваат само право на престој, но не и можност за лекување, образование или работа. Како што појаснува Александр Урбанович, од здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка“ сега на потег е државата.
„Ние чекаме државата да ги прогласи капацитетите и услови за луѓе кои ќе дојдат тука, каде можат да се сместат, како ќе оди лекувањето, школување на деца, па чекаме тоа од државата“, вели Урбанович кој додава дека македонските граѓани во меѓувреме вистински им излегле во пресрет на неговите сонародници со својата хуманост.
Европската Комисија на пример, со цел да ги поедностави бирократските процедури усвои директивата за привремена заштита на украинските бегалци, со која се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование. Таа важи за сите граѓани на Украина како и членовите на нивните семејства, а бегалците од Украина добиваат право на престој и работа во ЕУ во следните три години.
Олеснувања на процедурата за украинските бегалци донесоа и државите од регионот. Во Македонија пак, секој украински државјанин за да добие статус на бегалец, мора да поднесе посебна постапка за азил, процедура која знае да трае со месеци, а искуството од минатите бегалски кризи покажива дека малкумина успеваа да ја добијат ваквата заштита.
Над 4,6 милиони бегалци ја напуштиле Украина
Дека може да се направи повеќе, се согласува и Љубинка Брашнарска од УНХЦР. Таа вели дека и како луѓе и како држава имаме морална, но и правна обврска за заштита на лицата кои бегаат од војна.
„Секогаш може подобро и секогаш може да се направи повеќе за бегалците, затоа што не се работи само за обезбедување пристап до територија, пристап до кров над глава и пакет со храна или пакет со хигиенски производи. Се работи за луѓе кои го изгубиле сето тоа што го граделе целиот свој живот“, децидна е Брашнарска.
Таа додава дека многу брзо по првичната заштита се јавуваат потребите за продолжување на животот на луѓето, онаму каде што запрел во нивната татковина.
„За децата тоа значи продолжување на образованието и вклучување во редовниот образовен процес. За возрасните тоа знали продолжување на нивните работни активности и да бидат активни чинители и да обезбедуваат средства за егзистенција на својата фамилија. Така што згора на овие активности, важно е тие да се чувтвуваат и вистински вклучени и добредојдени во опптеството“, вели Брашнарска и додава дека УНХЦР е на располагање на институциите за помош при прифаќањето бегалци.
Македонската влада, во меѓувреме, ги пребројуваше државните капацитети на државните органи за можно прифаќање бегалци од Украина, а го задолжи и Министерството за финансии за обезбедување 120 милиони денари за хотелско сместување за украински граѓани, бегалци од воените жаришта. Македонските хотелиери во меѓувреме понудија 10 000 легла за украински бегалци по цени пониски од пазарните, но како што појаснуваат од ХОТАМ, немаат одговор од Владата за оваа понуда.
Бројката на украински бегалци од почетокот на војната порасна на повеќе од 4,6 милиони бегалци, со што беше надминат и првично проектираниот број од меѓународните институции за 4 милиони бегалци. Внатре во земјата се раселени над 7 милиони лица.
Иако Стојана ја сака Македонија, вели дека нејзиниот дом е во Харкив. Посакува многу брзо да се вратат дома, и верува дека светот ќе помогне овој град повторно да се крене од пепелта на руските бомби.
„Последната мисла на сите ни е да се вратиме во Харкив. И мегу моите ученици Никој не сака да остане во Европа исто така, што е чудно. Сега Европа е отворена за нас, може лесно да останеме.. но моите ученици, нашите пријатели никој не сака да живее во полска, Чешка. Словенија. Никој. Дури ни во Британија, Германија“, вели Стојана.