Русија и Украина на денешните преговори во белорускиот западен регион Брест се согласиле за потребата од воспоставување хуманитарни коридори и можен прекин на огнот околу нив, соопштија преговарачите на двете страни. Ова е втора рунда на разговори меѓу двете земји со цел да се стави крај на борбите откако започна руската инвазија врз Украина на 24 февруари.
Рускиот преговарач Владимир Медински изјави дека разговорите постигнале „значителен напредок“ во услови кога руските сили ги опколија и бомбардираа украинските градови, при што конфликтот влезе во втората недела.
Видете и ова: Технолошките џинови во информациската војна на Западот и РусијаСоветникот на украинскиот претседател Михајло Подољак порача дека немало пробив во разговорите со Русија за можен прекин на огнот.
„На наше големо жалење, разговорите не ги дадоа резултатите на кои сметавме. Но, постигнаа договор за заеднички напори за обезбедување хуманитарни коридори за евакуација и снабдување со лекови и храна до локациите со најинтензивни борби со можност за привремен прекин на огнот во областите каде што ќе има такви евакуации“, рече Подољак по разговорите.
Подољак додаде дека двете страни предвидуваат можен привремен прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили и создавање хуманитарни коридори за евакуација на цивилите.
„Тоа е, не секаде, туку само на оние места каде што ќе бидат лоцирани самите хуманитарни коридори, ќе може да се прекине огнот додека трае евакуацијата“, рече тој.
Тие, исто така, постигнале согласност за испорака на лекови и храна до местата каде што се водеа најжестоките борби.
Во меѓувреме рускиот претседател Владимир Путин отфрлајќи ја настрана светската осуда на инвазијата, рече дека воената операција се одвива според планот. Тој притоа ги нарече руските војници херои.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Киев и Москва би можеле да најдат излез од војната доколку Кремљ ја третира Украина на рамноправна основа и дојде на разговорите со добра волја.
„Има работи во кои мора да се најдат некои компромиси за луѓето да не умираат, но има работи во кои нема компромиси“, рече Зеленски во телевизиско интервју, велејќи дека е подготвен да има отворен разговор со Путин.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Руските сили ја презедоа контролата врз клучниот јужен пристанишен град Херсон. Тоа е првиот голем украински град кој е окупиран од почетокот на инвазијата. Градоначалникот на Херсон, Игор Колихаев и висок функционер на украинската влада потврди дека Херсон паднал.
„Руските сили го опколија градот. По неколкудневни интензивни борби, украинските сили се повлекоа кон блискиот град Миколаев. Овде нема украинска армија“, изјави Колихаев.
Борбите се водат во неколку украински градови, меѓу кои Киев, Суми, Мариупол, Одеса и Харкив.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го предупредил Путин дека се „лаже“ себеси и прави „голема грешка“ во Украина што ќе ја чини Русија скапо на долг рок.
Видете и ова: Војната во Украина нема да го скрати патот на Македонија до ЕУЕвропската унија денеска ги одобри мерките што обезбедуваат привремена заштита на стотиците илјади бегалци од Украина кои доаѓаат во блокот за да ја избегнат руската инвазија. Комесарот за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон ја објави одлуката по состанокот на министрите за внатрешни работи од 27-те членки на блокот.
„Историска одлука... токму сега ЕУ ќе им даде привремена заштита на оние кои бегаат од војната во Украина“, напиша таа во твитот.
Еден милион луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија, објавија денеска Обединетите Нации и предупредија дека уште милиони ќе ја напуштат земјата, ако војната не заврши брзо.
Првата рунда на разговори меѓу Украина и Русија се одржа на 28 февруари. Путин ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари, а украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба во земјата и нареди општа мобилизација.