„Трајните“ белези на министрите за животна средина

Садула Дураки, министер за животна средина.

Сите досегашни министри за животна средина имаат оставено трајни белези, но тие не се позитивни и не во насока на подобрување на состојбите во животната средина, велат активисти по изјавата на министерот за екологија Садула Дураки. Јавноста бара многу повеќе за подобра животна средина.

Климатските промени, исчезнувањето на илјадници видови животни, сечата на шумите, топењето на половите или скиселувањето на океаните, се последица на моменталните акции на човекот кои сериозно ја загрозуваат животната средина на глобално ниво.

Додека за науката ова е нова фаза од историјата на Земјата, бројни организации и научници укажуваат на игнорантскиот однос на политичарите и креаторите на политики, кои според нив не успеваат да ја сфатат сериозноста на „кризата во животната средина.“

Македонија е еден мал сегмент од големата слика, но и покрај тоа земјата е соочена со значително загадена животната средина. Ниската свест и бројните политики во изминативе децении доведоа до рекордно високи нивоа на загаден воздух во градовите, загадување на почвите и водите со тешки метали од индустријата и стотици диви депонии во кои има секаков вид отапд.

„Знаеме дека Македонија е една од црните точки во Европа за загадувањето на воздухот и менаџирањето со отпадот. Ниту еден министер досега не успеа да ги реши овие проблеми како што треба“, вели активистот Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“.

Садула Дураки е досегашниот министер за животна средина и просторно планирање кои деновиве поднесе оставка од функцијата, откако беше предложен да го преземе управувањето во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, како дел од кадровските промени во извршната власт.

Дураки со мал број јавни настапи за прашањата за екологијата ја заврши функцијата министер за животна средина. Во јавноста повеќе беше присутен неговиот заменик Јани Макрадули, додека Дураки при ретките неочекувани средби со новинарите предизвикуваше реакции со изјави од типот дека „не се бави со граѓаните“ во услови на алармантно загадениот воздух во зимскиот период.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Граѓаните ниту го знаат, ниту се задоволни од министерот за екологија

Реакции има и сега отако Дураки ја поднесе оставката. Тема на социјалните мрежи е неговото познавање на интернет експлорер кое го навел во биографијата доставена во Собранието, но особено и неговото тврдење во писмената оставката до Владата дека оставил „траен белег во зачувување и унапредување на животната средина.“

Граѓани кои ги анкетиравме исто така укажуваат на слабата присутност во јавноста на Дураки. Повеќето од нив велат дека досега не слушнале за него, а оние кои знаат дека бил министер за животна средина, пак, велат дека не се задоволни од неговата работа, посебно поради непреземањето „никакви мерки“ за намалување на загадувањето на воздухот.

„Може да се направи многу повеќе, се надевам дека во иднина ќе се преземат мерки за подобар воздух и подобра животна средина“, велат граѓани.

Аријанит Џафери вели дека трајни белези досега оставиле сите министри за екологија, но не позитивни и не во насока на зачувување и подобрување на животната средина. Тие оставија белези кои ќе ги чувствуваат и седните генерации, како на пример ефектите од загадениот воздух, вели тој.

„Досега ние се навикнавме да слушаме само препораки или да гледаме козметички мерки од сите досегашни министри. Никогаш немало радикални мерки и длабоко навлегување во решавањето на проблемите. Веќе два месеци не работи мерната станица во Тетово, еве тоа е еден траен белег. Има други трајни белези во целата држава, каде голем број на мали и средни претпријатија загадуваат и никогаш Министерството не било во состојба да ги стави под контрола“, вели Џафери.

Дураки во пишаната оставка до Владата наведе дека му било чест за искажаната доворба да придонесе „во подобрување на состојбата во животната средина во земјата“, но и оти додека ја извршувал функцијата се соочил со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина, а според сегашната состојба, некои од тие предизвици успешно ги надминале. Дураки додава дека во некои области од животната средина биле немоќни да направат подобрување. За нов министер за животна средина и просторно планирање е предложен Насер Нуредини.