Достапни линкови

Природните убавини страдаат од некултура и несовесност


Дрвјата на Матка „украсени“ со отпадоци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Дрвјата на Матка „украсени“ со отпадоци

Пластични ќеси висат на дрвјата на Матка по течението на реката Треска, еден ден по првомајските празници. На излетничките места во клисурата оставени се пелени, влажни марамчиња, пластика и метал.

Високите карпи на кањонот и бистрите води на реката Треска се само сегменти од убавата природа на Матка која привлекува голем број посетители. Но и овие природни убавини се меѓу бројните во земјава кои нејзините жители ги претвораат во депонии.

На еден ден по празнувањето на Први мај, на брегот по течението на Река Треска има пластични ќеси обесени на дрвјата, оставени се пластични тањири, чаши, шишиња, влажни марамчиња па дури и пелени.

Контејнерите во околината на излетничките места на Матка беа полни со отпадоци, како и малите корпи за отпадоци во близина на рестораните, а комуналните служби почнаа да ги празнат откако пристигна нашата екипа со камера.

Оставеното ѓубре и негрижата за природата е карактеристична за навиките на жителите и властите. Години наназад состојбата е иста, особено по првомајските излети.

Според последните статистички податоци, минатата година комуналните служби собрале 1,6 проценти отпад помалку во споредба со 2017 година, но количината за создадениот отпад истиот период бележи зголемување за 8,6 проценти. Секој граѓанин годишно создава 412 килограми отпад.

Во 2018 година вкупното количество на собран отпад во земјава е 625 илјади тони, но екологисти велат дека статистичките податоци се проблематични бидејќи дел општини не даваат или не доставуваат навреме податоци за собраниот отпад.

„Дополнително има проблем што и тие податоци од собран отпад, не се точни и се некоја проценка, бидејќи иако општините имаат обврска на годишно ниво да го известуваат Министерството за животна средина за собраниот отпад, општините не го прават тоа навремено и сите не доставуваат информации, што во суштина Министерството нема податоци колку точно отпад е собран“, вели Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија.“

Матка не е единственото место со купишта од секаков вид на отпад. Ѓубришта во земјава се фрлени во стотици диви депонии, во кои има пластика, метал, градежен шут па дури и медицински отпад.

Стратегијата на државата за решавање на проблемот со отпадот е изградбата на осум регионални депонии кои ќе исполнуваат еколошки стандарди.

Проблемот во моментов е што некои од овие проекти се блокирани од општините на чија територија треба да бидат изградени депониите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG