Иако маглата се крена, остана загадениот воздух во главниот град. Скопјани со недели дишат токсичен воздух, а најлоши се резултатите од мерната станица во Лисиче каде имаше и десетпати поголемо загадување од дозволеното со ПМ 10 честици. Екстремно аерозагадување утрово имаше и во Тетово, Кичево, Охрид и Струмица, покажуваат мерењата на Министерството за животна средина.
Видете и ова: Кризата ја зголемува употребата на јаглен, расте и ризикот по здравјетоГраѓаните се револтирани, а најзагрижени се оние со мали деца, како Елена Акимовска. Вели дека секојдневно ја проверува апликацијата за да види каква е состојбата со аерозагадувањето, но веќе не знае што може да се стори за да биде подобро. Посебно во град како Скопје.
„Се трудиме колку можеме да побегнеме малку на планина. Кога има помалку време на Водно, кога имаме повеќе да отидеме до Маврово. Не ни се допаѓа воопшто ситуацијата, но некако не мислиме дека можеме многу да придонесеме за да се подобри“, искрена е оваа мајка.
Аерозагадувањето годишно зема по 4000 животи
Загадениот воздух, пред се во главниот град каде има најголема концентрација на домови и жители, не е новина годинава. Проблемот се влече со години, но освен бледи мерки и гласност од партиите кога се во опозиција, нема долгорочно решение за него. Сепак последиците се загрижувачки. Како што појаснува Мирјана Димовска, од Институтот за јавно здравје, од сите луѓе што починале, за 20% причина бил загадениот воздух. Тоа се во просек околу 4000 животи годишно.
„Тоа се превентабилни смртни случаи. Значи сме можеле со сериозни и конзистентни мерки да ги спречиме. Ние, здравството, не сакаме да бидеме само бројачи колку луѓе починале и колку се препишуваат на загадениот воздух. За нешто што се превенира, дали со вакцина дали со конзистентни мерки во сите сектори, треба да ја сведеме таа бројка на што е можно помала, и до нула, како крајна цел“, децидна е докторката.
Таа со години го следи аерозагадувањето и смртноста во земјава. Нејзината последна студија, за перидот 2019-2021 година, покажала дека проценетата смртност од загадувањето на амбиентниот воздух во земјава се движи од 3.828 до 4.175 животи. Во овие три години има мал пад на загадувањето со ПМ 2,5 честоци, кои се многу опасни, ама се појави Ковид пандемијата која влијаеше врз раст на смртноста на македонското население.
Поголемо аерозагадување - повеќе деца со аутизам и стари со Алцхајмер
Брановите на загаден воздух, како оној во екот на празниците, најмногу ги засегаат ранливите групи граѓани, како децата, старите лица, бремените жени, појаснува Димовска. Затоа и студиите покажуваат дека децата од градови како Скопје многу почесто се разболуваат од нивните врсници кои живеат во чиста средина. Ситните ПМ честички, посебно оние под 2,5 микрони, лесно стигнуваат во системската циркулација, правејќи штета на сите ткива и органи. Ако краткорочните ефекти од аерозагадувањето се гледаат по полните амбуланти деновиве, долгорочните се многу пострашни, предупредува докторката.
„Податоците се застрашувачки. Се забележуваат преку зголемување на смртноста од циркулаторни заболувања мозочни и удари и инфаркти, периферни тромбози, оштетувања на периферни крвни садови, дијабетот 2 е асоциран со изложеност на загаден воздух“, набројува докторката.
Студијата на УНИЦЕФ од 2019 година покажа дека кај децата ова носи до раст на стапката на аутизам и синдромот на дефицит на влијание, а кај повозрасните - до раст на лица со Алцхајмерова или Паркинсонова болест.
Горење отпад при енормно аерозагадување
Од Институтот за јавно здравје овие статистики се испраќаат до Министерството за животна средина, па до нив пристап имаат сите институции, како македонски, така и европски. Сепак, изостанаа конкретни реакции на властите во текот на последниот бран на загаден воздух зимава. Единствено препирка имаше меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, во однос на тоа дали треба или не треба да се свика посебна седница на Советот на Град Скопје посветена на оваа тема. Од СДСМ, кои се опозиција во Градот, ама власт во државата, бараа вонредна седница со конкретни мерки, барање што беше одбиено од ВМРО ДПМНЕ.
Видете и ова: Респираторните инфекции во пораст, загадениот воздух им годи на вируситеИстовремено, од иницијативата Зелен хуман град, алармираа дека во ек на енормно загадување, индустријата лобира за законски измени кои ќе овозможат повторно да се увезува отпад кој би се користел како евтино гориво за индустријата. Ова се случува две години откако законски се укина можноста за увоз на ваков отпад, токму поради загриженост од влијанието врз аерозагадувањето.
„За еден таков процес високоризичен по човековото здравје е неопходно да постојат институции и држава, што со Македонија не е случај. Дури и тие земји каде што системот функционира имаат проблем со остатоците од процесот на инцинерација (спалување) и увезување на отпадот“, дополнуваат од иницијативата.
Од Стопанската комора на Северна Македонија за РСЕ велат дека немаат доставена таква иницијатива до надлежните органи.
Отсуство на мерки во ек на економска криза
Аријанит Џафери, од здружението Еко Герила, е револтиран од односот на власта кон проблемот со аерозадувањето. Појаснува дека во тек на зимата греењето на домаќинствата е голем фактор во аерозагадувањето, а власта, додава, наместо да им помогне, ја поскапе струјата на граѓаните.
„И тие можеби неколку проценти домаќинства што минатите години се грееја на струја, сега се греат на дрва, мазут, на јаглен или некои поевтини енергенси на греење. И тоа придонесува на зголемување на загадувањето на воздухот и секако дека оваа година аерозагадувањето ќе ја чини државата уште повеќе“, смета тој.
Во однос на мерките, вели дека најмалку што може да се стори, е да се обезбеди поевтина струја и услови за користење обновливи извори на енергија за домаќинствата, но забележува дека нема слух од надлежните.
„Постојат решенија, но тоа што не постои моментално е волјата на властите. За жал и оваа власт не успеа да го стави во прв ред зачувувањето на животната средина, а со тоа, уште поважно, да се грижи за здравјето на граѓаните на Македонија“, револтиран е Џафери.
Видете и ова: Аерозагадувањето се чувствува само во опозицијаИзминатиот период во повеќе наврати беа активирани мерките и препораките за надминат праг на алармирање за загаден воздух во повеќе градови. Од Институтот за јавно здравје алармираа дека и мерните станици во повеќе градови во земјава покажаа воздух кој е карактеризиран како „лош“ или „екстермно лош“. Во таков случај, од ИЈЗ препорачуваат граѓаните да останат дома. Ако веќе мора да се излезе надвор, препораката е носење маски со докажана ефикасност.
Во меѓувреме изостанаа реакциите властите во овој бран на аерозагадување, во ек на новогодишни и божиќни празници. Нема ниту најави за протести поради аерозагадувањето, кои иако најчесто не беа масовни, сепак беа многубројни пред неколку години. Последниот масовен протест се случи во 2017 година. На протестот пред Владата, на граѓаните и активистите им се придружија и министрите и пратеници од власта на СДСМ кои извикуваа „Сакаме воздух”. 2017-та, беше годината кога по една деценија власт, партијата ВМРО ДПМНЕ замина во опозиција. Шест години подоцна, граѓаните на Скопје дишат отровен воздух, а главниот град е на врвот на листата градови на апликациите кои ја рангираат загаденоста на воздухот.
Или како што вели скопјанката Акимовска, граѓаните веќе губат надеж дека може да биде подобро.
„Како да се помиривме, затоа што навистина многу долго трае проблемот“, искрена е таа.