Дали и колку воздухот е загаден во Македонија, судејки според нивните изјави, зависи од тоа дали партиите се на власт или во опозиција. Тоа го покажува однесувањето на политичарите и партиите, кои додека се во опозиција реагираат на аерозагадувањето, но ставовите се менуваат од позиција на власт. Тогаш воздухот за нив не е толку загаден.
Меѓусебните обвинувања на поранешниот градоначалник и актуелната градоначалничка на Град Скопје и нивните партии е само последен од примерите на долгогодишните политички препукувања за воздухот, во ситуација кога Скопје деновиве повторно се најде во медиумските наслови како еден од најзагадените градови во светот. Ситуацијата не беше многу различна ниту во другите градови.
И додека партиите се препукуваат за загадувањето и се менуваат на власт, ќе помине уште една зима со денови на екстремно високо аерозагадување, за кое е познато дека сериозно го нарушува здравјето на луѓето и одзема илјадници животи годишно.
Од друга страна, наместо сериозни мерки, повторно се случува кратења на буџетите од програмите за загадувањето, додека истовремено државните институции ги зголемуваат средствата за скапи автомобили, канцеларии и мебел.
Активистот Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“ од Тетово вели дека во македонското општество веќе е прифатено како „нормално“ политичарите повеќе да се грижат за нивниот комодитет, скапите автомобили и канцеларии, на сметка на здравјето на граѓаните.
„Граѓаните за политичарите се важни само кога се ближат избори и кога од нив бараат гласови. Тоа веќе е јавна тајна и не знам дали постои некој што ова не го гледа. Кратењето на буџетот за борбата против загадувањето е уште еден јасен сигнал дека на нив не им е гајле за граѓаните и никогаш не им било гајле“, вели Џафери.
Кратењето и неспроведувањето на потребните проекти кои ќе ја поправат мнгу лошата состојба со животната средина и енергетиката продолжува, алармираат и од граѓанската организација „О2 Иницијатива“.
Од таму посочуваат дека на почетокот на декември 2021 година во Собранието е гласано за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници за оваа година.
Од средствата наменети за намалено загадување на воздухот, водите и почвите и за соодветно третирање на отпадот, отстранети се 15,5 милиони евра, а зголемени се 1,9 милиони евра од кои еден дел е наменет за комуналии, со што нето намалувањето е 13,5 милиони евра, велат од „О2 Иницијатива.“
Од „О2 Иницијатива“ наведуваат дека за аерозагадувањето, од предвидени 1,3 милиони евра има намалување од 71 отсто; од предвидените над 11 милиони евра за зелен развој, има намалување од 100 проценти; за управување и заштита на води има нето намалување од 1,1 милион евра и намалување од 39 отсто за капиталните расходи; за третман на отпадни води има 408 илјади евра помалку и намалување од 16 отсто за капиталните расходи; за управување со отпад има намалување од 326 илјади евра и намалување од 65 отсто за капиталните расходи; за енергетска рехабилитација на студентските домови намалување од 71,5 илјади евра, што е за 54 отсто помалку од предвидените средства во буџетот за 2021 година, велат од организацијата.
„За да се намалат толку големи средства значи дека не е спроведено предвиденото за намалување на аерозагадувањето, дивите депонии, заштита на водите и животната средина, енергетската ефикасност, енергетската независност и обновливи извори на енергија, што е поразително“, велат од „О2 Иницијатива.“
Од друга страна, велат од организацијата, за купување на мебел има зголемување од 304 илјади евра, за купување на возила зголемување од 126 илјади евра, за комуналии зголемување од 377 илјади евра, зголемување од 97,6 илјади евра за средства за политичките партии за подмирување на платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021.
Изминативе денови во скоро сите градови во Македонија имаше високо загадување на воздухот. Мерните станици покажуваа дневни концентрации над 400 микрограми на метар кубен ПМ10 честички. Проблемот со аерозагадувањето е долгогодишен, но земјава е соочена со загадување на почвите и водите главно од несоодветен третман на отпадот.
Загадувањето на воздухот годишно убива по 7 милиони луѓе, според Светската здравствена организација, која оваа година објави нови препораки за државите поради силните докази кои покажуваат дека загадениот воздух предизвикува смртоносна штета врз здравјето на луѓето која може да биде предизвикана и од многу ниско ниво на загадување отколку што претходно се мислело.